Миокардитис или воспалителна кардиомиопатија е воспаление на срцевиот мускул (миокардот). Миокардитисот често е резултат на инфекција од вируси, како што е познатиот парвовирус В19, помалку познатите неинфективни патогени како Borrelia burgdorferi (Лајмска болест) или протозоата Trypanosoma cruzi. Исто така, може да е и резултат на преосетливост на лекови.[1]

Миокардитис
Хистопатолошка слика на миокардитис на материјал од аутопсија на пациент кој имал акутен почеток на конгестивна срцева слабост
СпецијалностКардиологија Уреди на Википодатоците

Миокардитисот може да се дефинира на повеќе начини. Неговата главна одлика е тоа што претставува инфекција на срцето проследена со воспаление и оштетување на срцевиот мускул без блокирање на коронарните артерии, кои инаку би предизвикале срцев удар (миокарден инфаркт) или други чести неинфективни причини.[2] Може да предизвика оштетување (некроза) на срцевото ткиво, како и дилатативна кардиомиопатија.[1]

Миокардитисот често претставува автоимуна реакција. Постојат делови (епитопи) од стрептококната белковина M и вирусот Coxackie B кои се имунолошки слични на срцевиот миозин. Откако вирусот ќе исчезне, имунолошкиот систем може да го нападне срцевиот миозин.[1]

За да се утврди точната дијагноза, потребна е биопсија на срцето која докторите не ја препорачуваат бидејќи е болна. Затоа постојат различни статистики за стапката на појавување на миокардитисот.[1]

Како резултат на ова, и последиците од миокардитисот се различни: блага болест без симптоми кои се решаваат, болка во градите, срцева инсуфициенција или ненадејна смрт. Акутен миокардичен синдром (сличен на инфаркт) со нормални коронарни артерии претставува добра прогноза, како и срцева инсуфициенција со проширена лева комора. Слаба прогноза претставува коморна аритмија со срцев блок од висок степен. Престанокот на работата на десната комора е показател за можен смртен исход.[1]

Знаци и симптоми уреди

Постојат различни знаци и симптоми кои го определуваат миокардитисот. Тие се поврзани со воспалението на миокардот или со слабоста на срцевиот мускул која е од второстепена важност. Познати знаци и симптоми:

  • Болка во градите ( силна, остра болка)
  • Конгестивна срцева инсуфициенција (која предизвикува хидропсија, отежнато дишење и хепатитична конгестија)
  • Забрзано биење на срцето т.е. палпитација (кое се должи на аритмијата)
  • Ненадејна смрт (кај младите, миокардитисот е причина за 20% од сите случаи на ненадејна смрт)
  • Грозница (особено кога е инфективна на пр. ревматската грозница)
  • Симптомите кај децата и бебињата се неодредени и опфаќаат: чувство на слабост (неспокој), слаб апетит, болка во стомакот, хронична кашлица. Во подоцнежните стадиуми на болеста, се појавува и забрзано дишење поради што честопати се смета дека детето е болно од астма.

Миокардитисот честопати е резултат на вирусна болест. Затоа, многу пациенти имаат историја на симптоми карактеристични за вирусна инфекција како што се: грозница, осип, пролив, болки во зглобовите и блага исцрпеност.

Голем број пациенти имаат симптоми кои се карактеристични и за миокардитисот и за перикардитисот бидејќи тие често се поврзуваат еден со друг.

Причинители уреди

Постојат голем број причини за настанување на миокардитисот. Меѓутоа, честопати не можат да се откријат. Во Европа и Северна Америка, миокардитисот често е резултат на вирусите. Сепак, најчест причинител е Шагасовата болест која владее само во Централна и Јужна Америка и која настанува како резултат на инфекција предизвикана од протозоата Trypanosoma cruzi.

Инфективни уреди

  • Вирусни (Parvovirus B19, вирус од групата Coxackie, HIV, цревен вирус, рубела, полио вирус, цитомегаловирус, херпес-вирус 6 и хепатит Ц)
  • Протозои (Trypanosoma cruzi, причинител на Шагасовата болест и на токсоплазма гонди)
  • Бактериски (бруцела, Corynebacterium diphtheriae, гонокока, хемофилус инфлуенца, актиномицети, Tropheryma whipplei, вибрио колерае, Borrelia burgdorferi, лептоспироза, рикеција)
  • Габични (аспергилоза)
  • Паразитски (аскаријаза, Echinococcus granulosus, Paragonimus westermani, schistosoma, Taenia solium, Trichinella spiralis, вицерална (кожна) ларва мигранс и Wuchereria bancrofti)

Бактерискиот миокардитис е редок кај пациентите без имунодефициенција.

Отровни материи уреди

  • Лекови (етанол, антрациклин и други видови хемотерапија, како и антипсихотици на пр. клозапин и други дизајнирани лекови како што е мефедронот)

Имунолошки уреди

  • Алергенски (ацетазоламид, амитриптилин)
  • Лоша реакција по извршенo пресадување на срцето
  • Автоантигени (склеродерма, системски лупус еритематозус, саркоидоза, системски васкулитис како што е Чарг-Штраусов синдром, Вегенерова грануломатоза)
  • Токсини (арсеник, токсичен шок синдром токсин, јаглерод моноксид, змиски отров)
  • Тешки метали (бакар, железо)

Физички агенси уреди

  • електричен шок, хиперпирексија и зрачење

Дијагноза уреди

Микардитисот го опфаќа главниот процес кој предизвикува воспаление и оштетување на срцето. Тука не спаѓа воспаление на срцето како резултат на некоја друга повреда. Голем број на второстепени причинители, како што е срцевиот удар, можат да доведат до воспаление на миокардот. Поради тоа, не може да се утврди дека станува збор за миокардитис само врз основа на воспаление на миокардот.

Миокардичното воспаление може да се открие преку електрокардиографски резултати (ЕКГ), покачена Ц-реактивна белковина и/или покачена стапка на седиментација на еритроцити или зголемен lgM (серологија) против вируси кои влијаат врз миокардот. Зголемени се и индикаторите за степенот на оштетеност на миокардот (срцевите исоензими тропонин и креатин киназа).

Наодите од електрокардиограмот (ЕКГ) кај миокардитисот откриваат дифузни (раширени) Т-бран инверзии и покачен СТ-сегмент во облик на седло (кој исто така е присутен и кај перикардитисот).

Сепак, златен стандард е биопсија на миокардот која главно се прави заедно со ангиографијата. Се зема мал примерок ткиво од ендокардот и миокардот кој се испитува под микроскоп од страна на патолог. Доколку е потребно, се врши и имунохемија и други специјални методи. Хистопатолошки одлики се: миокардичен интерстициум со проширена водна болест и воспаление, како и голем број на лимфоцити и микрофази. Фокалното уништување на миоцити го објаснува откажувањето на миокардичната пумпа.

Магнетната резонанца на срцето се покажала корисна при дијагностицирање на миокардитисот преку визуелизирање на индикаторите за воспаление на миокардот. Неодамна биле утврдени и објавени и критериумите за дијагностицирање на миокардитисот преку магнетната резонанца на срцето.

Лечење уреди

Повеќето вирусни инфекции не можат да се лечат со директна терапија. Затоа симптоматичното лечење е единствената терапија за оваа форма на миокардитис. При акутна форма на миокардитис, се препорачува мирување во кревет. Кај симптоматичните пациенти, дигоксинот и диуретиците покажуваат добри резултати. Кај пациенти со умерено до сериозно нарушена срцева функција препорачливо е да се користат инотропи како што се милринон, особено при акутен миокардитис, во комбинација со АКЕ инхибитори (катоприл, лизиноприл) доколку организмот ги толерира. Кај пациентите на кои не им помага конвенционалната терапија, се применува LVAD терапија (помошна пумпа за лева срцева комора). Пресадувањето на срцето е последно решение кое се применува доколку конвенционалната терапија не покажува добри резултати.

Кај неколку помали случаи и контролни испитувања, системските кортикостероиди покажале добри ефекти кај пациенти со утврден миокардитис. Сепак, ваквите податоци не треба да се сфатат премногу сериозно/да се земат предвид бидејќи 58% од возрасните спонтано се опоравуваат, додека кај повеќето случаи кај децата и бебињата недостасуваат контролни групи.

Епидемиологија уреди

Точната распространетост на миокардитисот е непозната. Сепак, при низа на рутински аутопсии било утврдено воспаление на миокардот кај 1-9% од пациентите. Кај младите, миокардитисот е причина за ненадејна смрт кај 20% од сите случаи.

Кај пациентите со HIV, миокардитисот е присутен кај повеќе од 50% од извршените аутопсии.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Leslie T. Cooper, Jr., Архивирано на 12 април 2009 г. (April 9, 2009) Myocarditis, N. Engl. J. Med. 360(15):1526-38
  2. Kenneth L. Baughman, Special Report: Diagnosis of Myocarditis; Death of Dallas Criteria. Circulation. 2006;113:593-595 Архивирано на 20 јули 2009 г.

Надворешни врски уреди

Класификација
П · Р · П
Надворешни извори