Марков манастир

манастир во Македонија

Марков манастирправославен манастир кој се наоѓа јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова Река на нејзиниот лев брег, на 20 км од Скопје. Манстирот е активен и во денешно време, а во него суштествува женско монашко сестринство. Во самиот манастир се наоѓа црквата Св. Димитрија и импозантната камбанарија.[1]

Марков манастир
Главната влезна порта во манастирскиот комплекс
Информации
Манастир на:МПЦ - ОА
Основан1345
Посветен наСвети Димитриј Солунски
ЕпархијаСкопска
Цркви„Св. Димитриј“,
Личности
Основач (и)Крале Марко, Волкашин
Важни личностиКрале Марко, Кирил Пејчиновиќ
Место
Местосело Маркова Сушица, Општина Студеничани, Скопје, Македонија Македонија
Координати41°53′56″N 21°24′29″E / 41.89889° СГШ; 21.40806° ИГД / 41.89889; 21.40806Координати: 41°53′56″N 21°24′29″E / 41.89889° СГШ; 21.40806° ИГД / 41.89889; 21.40806
Видливи остатоци1 црква, параклис, конак, камбанарија
Отворен за јавностада
Црквата Свети Димитрија во Марковиот манастир
Конаците на Марковиот манастир
Крале Марко
Поглед на Марковиот манастир од подножјето на планината Китка

Историја уреди

Како најважен сочуван изворен документ за изградбата во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој дава податоци за изградбата на манастирската црква и нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина:

Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик христов победоносец и чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со премногу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во 1345 во дните на благоверниот цар Стефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко.[2]

Втор изворен документ претставува полилејот на кого се излиени букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата[3]. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и на ѕидовите на црквата. Еден таков запис е видливо врежан на северната фасада од црквата и северозападниот столб во наосот на црквата со името на нашиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ кој бил и игумен на манастирот на почетокот на XIX век од 1801 па сè до 1818 година.[4]. Тој во Марковиот манастир ја напишал неговата книга „Огледало“, а основал и училиште.

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, во манастирот живееле 10 христијани, односно монахот Берасим (35 годишен), монахот Бежони (30 годишен), монахот Кревдоси (45 годишен), монахот Батоми (25 годишен) и монахот Мартин (35 годишен), кој на 16 март 1832 година привремено се иселил во Призренската Каза. Освен монасите, тука живееле и двајцата измеќари, Атанаско и Велко, собирачот на данок Јаков, воденичарот Јошко и неговиот брат Спасе.[5]

Градба уреди

Капијата на манастирот е искована од масивно дрво. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други помошни простории. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како секавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Името на манастирот е добиено по популарниот јунак Крале Марко. Црквата Св. Димитрија е изградена во 1345 г. за што сведочи натписот над јужната врата од внатрешната страна на црквата. Таа била обновена од кралот Волкашин, а наполно завршена и живописана од неговиот син Марко (меѓу 1366 и 1371-72 година). Во почетокот на XIX век во манастирот како негов игумен престојувал и работел македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ.

Црква уреди

Основата на црквата е во форма на впишан крст во правоаголно протранство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и видлива на покривот. Црквата е ѕидана од делкан камен и тули кои се изведени во интересни шари, особено на олтарната апсида, во десетте декоративно изведени ниши.

Кон црквата, од јужната страна, во подецнежниот период додадена е просторија во вид на параклис кој служел за крштевање и е изграден од слаб материјал. Од западната страна на црквата, во 1830 г., изграден е отворен трем ѕидан од делкан камен, за кој средства дал Хамзи-паша Скопски.

Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис.

Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Тој се состои од камени столбови со капители кои се орнаментирани, со што потсетува на камените иконостаси на црквата Св.Пантелејмон во Нерези, или црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Дел од старите икони се зачувани, меѓутоа, тие биле пресликани во периодот на XIX век.

Параклис уреди

За време на изградбата на црквата или нешто подоцна бил изграден и параклис на јужната страна каде биле насликани ктиторските портрети на кралот Волкашин и Крале Марко, кои биле откриени за време на конзерваторските работи во 1963-1964 година[6].

Во манастирскиот комплекс постои и параклис посветен на св. апостол Марко. Граден е во поново време, а фрескописот го извеле монахињата Илијана со тогашните апсолвенти на Ликовната Академија во Скопје, сестрите Даниела Недеска и Сарита Коневска.[7]

Конаци уреди

Монаштво уреди

Во минатото монашкиот живот во Марковиот манастир бил доста активен. Како негови игумени во XIX век се познати македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ (од 1801 до 1818 година) и Герасим Бочович во 1831 година. Во поново време е обновен монашкиот живот и во него живеат три монахињи.

Книжевен центар уреди

Марковиот манастир бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри во минатото, книгите од манастирската библиотека се буквално разграбени, а истата судбина ја доживеале и голем број на уметнички предмети, кои се чувале во манастирската црква. Според досегашните сознанија, ракописи по потекло Марковиот манастир има во: Државниот историски музеј во Москва (Хлудовата збирка), Виенската национална библиотека, Хрватската академија на науките и уметностите, Српската академија на науките и уметностите, Белградска библиотека (Стара збирка) и Државната библиотека во Софија.[8]

Галерија уреди

Извори уреди

Наводи уреди

  1. Ḱornakov, Dimitar (1995) (на англиски). „Macedonian monasteries“. Matica makedonska
  2. Ќорнаков Димитар. „Македонски манастири“. Матица, Скопје, 2009. стр.67-69
  3. Ќорнаков Димитар. „Македонски манастири“. Матица, Скопје, 2009. стр.69
  4. Исто
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  6. Ќорнаков Димитар. „Македонски манастири“. Матица, Скопје, 2009. стр.70-71
  7. „Фрескописување“. Крале Марко. Посетено на 2011-03-19.
  8. Велев, И. Македонскиот книжевен XIV век, Скопје, 1994

Литература уреди

  • Балабанов, К. Новооткриени портрети на кралот Марко и кралот Волкашин во Марковиот манастир, Културно наследство, III, Скопје, 1967
  • Димевски, С. Документи за судбината на полилејот во Марковиот маанстир – село Сушица (Скопско). Гласник ИНИ, Скопје, 1964
  • Ђурић, В. Ј. Марков манастир – Охрид, Зборник за ликовне уметности, 8, Нови Сад, 1972
  • Мирковић, Л. Дали се фреске Марковог манастира могу тумачити житијем св. Василија Новог, Старинар, н. с., књ. XII, Београд, 1961.
  • Мирковић, Л., Ж. Татић, Марков манастир. Нови Сад, 1925.
  • Мирковић, Л. Још нешто из Марковог манастира код Скопља, Гласник Скопског научног друштва, књ. I, св.1, Скопље, 1925.
  • Мирковић, Л. Новооткрите фреске у Марковом манастиру код Скопља, Гласник Скопског научног друштва, књ. XII, Скопље, 1933.
  • Ношпал-Никуљска, Н. За ктиторската композиција и натписот во Марковиот мансастир – село Сушица, Скопско, Гласник на Институтот за национална историја, XV, бр.2, Скопје, 1971, 225-238
  • Ношпал-Никуљска, Н. Марковиот манастир-монумент како документ низ историјата, Споменици на средновековната и поновата историја на Македонија, т. 1, Скопје, 1975.
  • Стефановић, А. Неколико профаних фреско слика откривених у Марковом манастиру, Српски књижевни гласник, Нова серија, књ. V, 1 јануар 1922

Надворешни врски уреди