Маркова Река

река во Македонија

Маркова Река — река во Македонија со должина од 30 километри, десна притока на реката Вардар, која тече јужно од градот Скопје.

Маркова Река
Местоположба
Физички особености
УстиеВардар Македонија Македонија
 • надм. вис.
212 м
Должина30 км
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море

Течение на Маркова Река уреди

 
Маркова Река во близина на селото Црн Врв.

Маркова Река извира во гребенот на масивот на Мокра Планина (под врвот Пепељак) и протекува во правец кон север добивајќи вода од својата прва лева притока, понорницата Патишка Река. Според описите за хидрографијата на Македонија на македонскиот револуционер Ѓорче Петров, Маркова Река извира од големото езеро (на Салаковските Езера) на Црн Врв[1]. Понатаму, тој дава подетален опис на нејзиното течение при што наведува дека низ една процепена карпа од бреговите на езерото од него излегува вода – тоа е почетокот на Маркова Река и по кусо течение по билото на Црн Врв, таа влегува во еден дол меѓу Црн Врв и Ибраимица. До Марковиот манастир таа тече во северозападен правец по тој дол, којшто е многу длабок и тесен, но не така кривулест, а кај манастирот таа веќе се ослободува од вертикалните прегради и слегува во подножјето на планината[1].

 
Маркова Река во близината на селото Варвара

Како продолжение на двете стрмнини, кои ја заградуваат нејзината долина над манастирот, се спуштаат надолу крај реката тумбовидни различно поставени тераси и ред ридови, меѓу кои реката се извива во лакови. Сите тумби се повеќе од земјено-глинест состав, кој помогнал на реката да си создаде длабока и доста широка долина, обрасната со густи дрвореди од врби надвиснати над водата, кои блиску до селата се заменуваат со бавчи за зеленчук. Тука како и понадолу до Скопското Поле десниот брег ѝ е повисок и е сочинет само од верижно поставени глинести тумби во вид на купишта, кои брановидно се издигнуваат од дното на реката нагоре и кои некаде се покриени со дрва, а некаде со грмушки. Левиот брег е значително понизок (3-10 метри) и се состои од леснопроникливата за вода - слида, полски шпат кој некаде е чист, а некаде помешан со варовник, сите полу или наполно изветреани и претворени во прашлива почва, која чека мала сила за да се срони. Заради тоа, од манастирот надолу долината на реката се раширува на сметка на тој брег, кој многу лесно се разјадува и рони[1]. Меѓу тие брегови долината ѝ е скриена и патникот уште од ¼ час растојание слуша бучење, без да види дури ниту да проѕира река, а штом влезе во неа се гледа една долина извиена како ѕид – ѕид со остри свиоци[1]. Од манастирот до селото Сушица, каде што во неа од лево се влева Суводолската Река, таа прави 12 свиоци (меандри) под остар агол, секој долг околу 7-10 минути пат во должина. Кога ќе влезеш во една од нив не ја гледаш другата. На тоа место во долината не може да има ниви затоа што во надоаѓањата реката е толку силна, што сѐ би било поплавено и опустошено. Таков карактер таа има 1 ¼ - 1 ½ час под манастирот. По големиот пад кој го има Маркова Река, таа кај селото Маркова Сушица во близина на Марковиот Манастир „Св.Димитриј“ навлегува во рамничарскиот дел на својата долина, каде нејзиниот тек создава кривулести меандри, во кои често во летниот период губи доста вода во песокот. Во долината на Маркова Река се влеваат нејзините три помали десни притоки Умовска, Цветовска Река и Батинчица. Протекувајќи крај селата Варвара и Батинци, непосредно кај Драчево, Маркова Река навлегува во Скопската Котлина и течејќи низ својата алувијална раминина во Скопското Поле, близу населбата Горно Лисиче се влева во реката Вардар[2]. За долното течение сѐ до вливот Ѓорче Петров запишал дека крајбрежните височини во вид на купишта завршуваат и по нив започнува подножјето на Китка при што долината станува поширока, поправа и порамна, а реката добива северен правец на течење и започнува да го губи чисто планинскиот карактер[1]. Најпосле таа се појавува во полето, каде што го излева својот јад за маките и пречките кои ги среќавала до таму, исфрлувајќи многу песок и камења кои го исполнуваат нејзиното корито. По едно течение од околу ½ час таа се влева во Вардар кај с.Лисиче[1].

Својот максимум на водостој Маркова Река го има најчесто во раната пролет во време кога се топат снеговите на Караџица и Мокра Планина, па тогаш достигнува и пораст на водостојот од 2 до 4 метри. Во тој период доста чести се и нејзините излевања и поплави особено на селото Батинци во чија близина постојат повеќе ископи на песок (бетонски бази) кои го менуваат текот на реката. Најнискиот водостој се забележува во летните сушни денови [2].

Непосредно до течението и коритото на Маркова Река во алувијалната раминина на Скопското Поле проаѓа и трасата на гасоводот.

Потекло на името уреди

Потеклото на името на Маркова Река се поврзува со средновековниот македонски владетел Крале Марко, кој е честа тема во македонското народно творештво, а постојат и голем број на топоними поврзани со него низ целата територија на Македонија, како што се и Марковиот Манастир „Свети Димитрија“ и селото Маркова Сушица во непосредна близина на Маркова Река. Имено, народното предание кое се однесува за процепувањето на Бразда (Салаково), по обичај, произлегувањето на таквата појава ја припишува на влијанието на Крали Марко, кој како и на други места, така и тука со својата сабја тој процепувал карпи и планини и ја пропуштал водата[1]. Според тоа предание, порано, всушност, водите на Салаковски Езера истекувале преку Кадина Река во велешкиот Вардар, бидејќи издигнатата карпа им пречела да истечат во Скопско[1]. Бидејќи му била потребна водата во изградбата на Марковиот манастир, тој ја процепил височината, направил преграда каде што истекувала водата во Кадина Река и дел од водата пуштил да тече во спротивен правец во Скопско[1]. На тој начин, Марко го дал почетокот на оваа река, поради што таа се нарекла Маркова Река[1]. Во некои пишани извори позната и како Марковица или Маркоица[2], меѓутоа тоа име денес воопшто не е познато и присутно меѓу народот.

Водостопански можности на Маркова Река уреди

Во педесеттите години на XX век, тогашната Драчевска општина направила план за поврзување на водите на Кадина Река со Маркова Река за наводнување на 3.000 хектари земјоделско земјиште во полето околу Драчево[3]. Овој план за поврзување на водите на Кадина и Маркова Река предвидувал два начина за остварување на потфатот: преку прокопување на тунел долг 1.200 метри или преку системот на канали по еохипси со благ и природен пад на водите[3]. Денес водите на Маркова Река единствено се искористуваат за наводнување на нивите со пченка, пченица и овоштарниците во селата Варвара и Маркова Сушица, напојување на стоката во селата во горниот тек (Маркова Сушица, Малчиште), како и за исцрпување на песок за бетон во селото Батинци.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София, 1896. стр.280
  2. 2,0 2,1 2,2 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет на Универзитетот - Скопје, 1958. стр.16
  3. 3,0 3,1 „Ќе се спои Кадина со Маркова Река“ 24.3.1957 - рубрика Ретро на весникот „Нова Македонија“ бр.22239, четврток, 24.3.2011 (печатено издание)