Мавровско-гостиварски партизански одред „Кораб“

Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“ била партизанска единица на НОВ и ПОМ, формирана во реонот на селото Маврово, во периодот од 30 септември 1942 до 21 мај 1943 година. Единицата била формирана од припадници на НОД од Мавровско и Гостиварско.

Споменик на загинатите борци од партизанскиот одред Кораб во мавровско Ново Село

Во 1942 година Одредот извршил акции во близина на селото Трница и на превојот Буковиќ, а во зимата се повлекол на зимување.

На 14 март 1943 година во месноста „Арамиски камен“ на Бистра одредот повторно се активирал. При формирањето тој броел 15 борци, но набрзо се зголемил на 27 борци. За командир бил поставен Александар Радосавлевиќ, а за негов заменик Том Ѓелај. Политички комесар бил Слободан Пеповски, а негов заменик Чеде Филиповски - Даме.[1]

На 27 април 1943 година одредот влегол во судир со балистите на Џемо Хаса во Ново Село. При тоа, четворица борци загинале (Злате Дамјановски, Анте Гиноски, Радован Цониќ и Боге Велјановски), десетмина биле заробени (Душко Поповиќ, Илија Антевски - Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски, Христо Оџаклиевски, Злате Малакоски, Јаким Синадиновски, Антигона Туфа и Сина Димитровска), а осуммина успеале да го пробијат непријателскиот обрач. Подоцна, шестмина од десеттемина заробени борци од одредот (Душко Поповиќ, Илија Антевски - Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски и Христо Оџаклиевски) биле осудени на смрт и на 17 мај обесени во Тирана. Останатите заробени партизани биле осудени на временски казни бидејќи биле малолетни.[2]

Преостанатите борци од одредот влегле во составот на Мавровско-кичевскиот партизански одред, формиран на 21 мај 1943 година. Подоцна неговите борци од Мавровско и Гостиварско се издвоиле и во јули истата година го формирале првиот Мавровски партизански одред, кој дејствувал самостојно на подрачјето на Првата оперативна зона, до влегувањето во составот на Кичевскиот баталјон на 23 септември 1943 година за време на првото ослободување на Кичево.[3]

Борци на одредот уреди

Во состав на одредот влегле:[4]

Литература уреди

  • Гостивар и Гостиварско во НОБ 1941-1944, Гостивар, 1974. Vl. Iv.

Наводи уреди

  1. Гале Фиданоски „Априлскиот злостор во Ново село“, Гостивар, 1976, 6 стр.
  2. Гале Фиданоски, „Априлскиот злостор во Ново село“, Гостивар, 1976.
  3. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 814 стр.
  4. Дејан Алексиќ „Душко Поповиќ-Ѓоко: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1985, 318 стр.

Надворешни врски уреди