Оваа статија се однесува на филмот Кум, за други значења погледнете Кум (појаснување).

„Кум
(The Godfather)“
РежисерФренсис Форд Копола
ПродуцентАлберт С. Руди
СценаристМарио Пузо (роман и сценарио)
Френсис Форд Копола
Главни улогиМарлон Брандо
Ал Пачино
Џејмс Кан
Роберт Дувал
Дијана Китон
МузикаНино Рота
Кармајн Копола
КинематографијаГордон Вилис
МонтажаВилијам Рејнолдс
Питер Зинер
СтудиоAlfran Productions
ДистрибутерParamount Pictures
Премиерамарт 15 1972 (1972-03-15) (Државен театар на Лоу (Њујорк))
март 24 1972 (1972-03-24) (САД)
Времетраење175 мин.
Земја САД
Јазиканглиски
Буџет$6,000,000-$7,000,000
Бруто заработка$2,450,000–2,860,000
СледенКум II, Кум 3 (филм)

Кум (англиски: The Godfather) — американски филм од 1972 година, снимен според истоимената книга на Марио Пузо. Филмот е во режија на Фрaнсис Форд Копола, кој исто така е автор на сценариото, заедно со Марио Пузо. Главните улоги ги толкуваат: Марлон Брандо, Ал Пачино, Дајан Китон, Џејмс Кан, Роберт Дувал, Ричард Кастелано, Џон Казале итн. Филмот имал голем успех кај филмската критика и вообичаено котира високо на многу списоци со најдобрите филмови на сите времиња: трето место според Американскиот филмски институт, второ место (со оцена 9.1 од 10) на списокот на „најдобри 250 филмови“ според ИМДБ итн. Во 1973 година, филмот имал 11 номинации, а освоил три награди „Оскар“, во категориите: најдобра фотографија, најдобар глумец (Марлон Брандо) и најдобро адаптирано сценарио. Истата година, филмот освоил пет награди „Златен глобус“, една награда на БАФТА и една награда „Греми“ (Нино Рота, за најдобра музика). Вкупно, филмот освоил 26 награди.[1]

Содржина уреди

Шефот на едно мафијашко семејство од Њујорк, Вито Корлеоне (го игра Марлон Брандо), прави свадба за својата ќерка. По тој повод, кај него доаѓаат разни луѓе, кои му бараат одредени услуги. По некое време, него го посетува мафијашот Солоцо со понуда да започнат во трговијата со дрога, а откако дон Корлеоне ја одбива понудата, другите семејства убиваат неколку негови соработници, а се обидуваат да го убијат и него. Сепак, Дон Корлеоне го преживува нивниот напад, а неговиот најмлад син Мајкл (го игра Ал Пачино), кој е единствениот од семејството којшто нема никаква врска со криминалот, најпрвин го спасува својот татко кого непријателите сакаат да го убијат во болницата, а потоа се пријавува да ги убие Солоцо и корумпираниот полициски капетан. Веднаш потоа, поради безбедносни причини, Мајкл заминува во Сицилија, каде се оженува со убавата девојка Аполонија. Меѓутоа, неговите непријатели се обидуваат да го убијат при што погинува Аполонија.
Во меѓувреме, во Њујорк владее крвава војна меѓу мафијашките семејства. По враќањето на Дон Корлеоне дома, додека тој се опоравува, него го заменува синот Сони (го игра Џејмс Кан), но набргу и тој е убиен во заседа. Поради тоа, Дон Корлеоне закажува состанок на водачите на петте њујоршки семејства, на кој тие се договараат да запре војната. Набргу, Дон Корлеоне умира, а на неговото место доаѓа синот Мајкл, кој се оженува со својата поранешна девојка Кеј (ја игра Дајана Китон). По погребот на својот татко, Мајкл организира свирепи убиства на водачите на петте семејства, а го убива и својот зет за сестра, Карло, за кого дознава дека го наместил убиството на Сони. На тој начин, Мајкл ја зацврстува својата положба како новиот Дон Корлеоне.[2]

Глумци уреди

За филмот уреди

„Кум“ се смета за модерен еп и за брилијантна метафора за американското општество. Самиот Копола во една прилика изјавил дека секогаш сакал да ја употреби мафијата како метафора за САД, зошто двете имаат корени во Европа. Според неговите зборови, „и двете се целосно капиталистички ориентирани и основната грижа им е профитот. И мафијата во Америка се чувствува како добротворна организација, а нејзините раце се извалкани со крвта од она што мора да го прават за да ги заштитат својата моќ и интересите“.
Филмот го краси извонредна фотографија, која одлично ја прикажува приказната за семејството Корлеоне. Во филмот има многу антологиски сцени како, на пример, легендарната сцена на будењето на непослушниот холивудски моќник покрај отсечената глава на неговиот омилен коњ, итн. Исто така, филмот го краси и музиката на Нина Рота, а најпозната е „Љубовната тема“. Најпосле, филмот обилува со многу луцидни дијалози. Така, една од најефективните реченици во филмот ја изговара Дон Вито Корлеоне (го игра Марлон Брандо) кој, објаснувајќи ги своите планови да го натера Џек Волц да му ја даде главната улога од својот нов филм на кумчето Џони Фонтејн, вели: „Ќе му дадам понуда која не може да ја одбие.“
Инаку, филмот е снимен според романот „Кум“ на Марио Пузо, кој останал на списокот на најдобри бест-селери на „Њујорк тајмс“ дури 67 недели и бил продаден во над девет милиони копии во текот на две години. „Парамаунт“ првично дознал за романот на Пузо во 1967 година при што потпретседателот на „Парамаунт“, Питер Барт, што му понудил на Пузо да направи филм според романот, а Пузо прифатил бидејќи имал потреба од пари. Интересно е да се забележи дека лесно можело да се случи филмот да остане без Марлон Брандо и Ал Пачино, зашто никој освен режисерот не сакал тие да бидат ангажирани во филмот. Имено, продуцентите планирале улогата на Мајкл Корлеоне да му ја понудат на некое познато име, како Роберт Редфорд или Рајан О'Нил, но Копола инсистирал улогата да ја добие во тоа време младиот и непознат Пачино. Истовремено, продуцентите не го сакале Брандо поради неговата репутација на кавгаџија и незгоден соработник, но повторно, Копола сметал дека токму Брандо е најпогодниот избор за Дон Вито Корлеоне. Дури откако Копола направил пробно снимање со Брандо, продуцентите попуштиле и прифатиле тој да ја игра улогата на главата на мафијашкото семејство.[3]

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. IMDb, The Godfather (1972), Awards (пристапено на 31.3.2017)
  2. IMDb, The Godfather (1972) (пристапено на 31.3.2017)
  3. Наташа Спирова-Серафимова, „Хари Потер заработи седум милијарди долари, а Господарот на прстените 17 оскари“, Антена, број 900, 25.9.2015, стр. 10-11.