Криволак

село во Општина Неготино

Криволак — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.

Криволак

Глетка на Криволак од соседното село Пепелиште

Криволак во рамките на Македонија
Криволак
Местоположба на Криволак во Македонија
Криволак на карта

Карта

Координати 41°31′37″N 22°7′14″E / 41.52694° СГШ; 22.12056° ИГД / 41.52694; 22.12056
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Население 1163 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18020
Надм. вис. 146 м
Слава Спасовден
Криволак на општинската карта

Атарот на Криволак во рамките на општината
Криволак на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Глетка над селото Криволак

Селото Криволак се наоѓа во близина на тиквешкиот град Неготино. Поточно, Криволак се наоѓа во Тиквешката Котлина, речиси во средишниот дел на Општина Неготино, непосредно од десната страна на реката Вардар, а на патот кој води од Неготино во долината на реката Крива Лакавица каде што се составува со патот Штип - Радовиш.[2]

Криволак е расположено на пространото теме на терасата висока 25-30 метри, а на јужната падина и раб на големиот ’рт во горниот дел на криволачкиот меандер (завој) на реката Вардар.[3] На спротивната вдлабната (конкавна) страна на долината се издигнуваат голите и кршни отсеци на ридот Бел Камен.[3]

Куќите на селото Криволак се издигнуваат на блага падина веднаш над десниот брег на реката Вардар и над самата железничка пруга Скопје - Гевгелија. Веднаш наспроти Криволак, на другиот десен брег на Вардар се наоѓа селото Пепелиште со кое е поврзано преку мост. Криволак е рамничарско село расположено на надморска височина од 125 метри[2] Од градот Неготино, селото Криволак е оддалечено 6 километри[2]

Местоположбата на Криволак токму во големиот крив лак (меандер) на реката Вардар е и главната причина за настанокот, потеклото и значењето на името на селото. Атарот на Криволак зафаќа простор од 21 км2, на кои обработливото земјиште зазема 533 хектари, а пасиштата 201 хектар.[2] Дрвната растителност во селото и на неговиот атар е многу ретка. Застапени се само неколку тополи кои се наоѓаат на меѓите помеѓу лозјата и нивите на ридот над селото и малку овошни дрвја во градините.

Криволак има доста значајна и стратешка местоположба во предел кој ги поврзува пошироките региони на источна, средишна и западна Македонија, односно Штипско и Струмичко-Радовишката котлина со Пелагонија кон исток и запад и Солун со Велес и Скопје по Повардарието кон север и југ. Поради ова уште од подалечното минато Криволак имало многу големо сообраќајно и трговско значење. На ненаселените пространи, суви и неплодни површини кои се протегаат на левиот брег на Вардар наспроти Криволак, а над селото Пепелиште, од втората половина на XX век е изграден и се наоѓа најголемиот воен полигон и тренинг центар за обука на АРМ „Криволак“. На воениот полигон „Криволак“ покрај воените вежби за боево гаѓање со артилериски оружја, десантните и санитарните единици на АРМ повеќепати се одржувале и заеднички воени вежби и маневри со војски на земјите - членки на НАТО.

Историја уреди

 
Телеграма од Пашиќ до Лондон, за успехот на тимочката дивизија, потиснувајќи ги бугарските трупи кај Криволак. (24 јуни 1913)
 
Сретсело во Криволак

Извонредно значајната местоположба која ја има Криволак, условила во него да има живот и население уште од дамнешни времиња, за што сведочат и многубројните археолошки пронајдоци и наоѓалишта во недалечната околина. Во однос на настанокот на сегашното село Криволак не се знае точниот датум. Сепак, Криволак е едно од селата во Тиквеш кое избегнало уништување и преместување во време на турското ропство.[3] Затоа, Криволак меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на турските поробувачи.[3]

Кон крајот на XVII век настанал голем и насилен процес на исламизација („потурчување“) на многу христијански села во рамнината на Тиквешката котлина, предводен од некојси Кара-паша кој од Дебар се населил во Сопот, при што меѓу другите било опфатено и селото Криволак.[3] Слично како и во селото Долни Дисан, и во Криволак кон крајот на XVII век „на џаде“ (на патот) се населил „некаков Турчин“ (муслиман)кој го турчел (исламизирал) не само ова туку и други околни села, при што сѐ до крајот на турското владеење се познавал неговиот гроб кој бил необично чуван од фанатичните муслимани.[3]

Поради стратешки важната местоположба на Криволак, каде се вкрстувале повеќето патишта за карванскиот сообраќај кон Штип, Радовиш, Солун, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Велес со изградбата на железницата Солун - Скопје кон крајот на XIX век тоа станало многу значајна железничка станица и трговско средиште на пошироката област. За криволачката железничка станица во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 1896 запишал дека Криволак е станица на Штипско, Кочанско, Тиквешко и Радовишко.[4]

Таа најмногу работела со Штип, затоа што во Кочани и Радовиш трговијата била толку слабо развиена, што ниту еден трговец од таму немал непосредни врски со Солун. Штип ги собирал сите нивни производи и ги препраќа во Солун и обратно – солунските стоки се разнесуваат во тие места од штипјани, кои доаѓаат на нивните пазари или пак тие самите доаѓаат на штипскиот пазар. За прибирање и испраќање на стоикте штипските трговци на Криволак имале свој комисионер, на кој му плаќале извесен надомест. Стоките ги носеле кираџии на коњи, повеќето Турци од околните села, а за превоз на патиници тие имаат два градски таксилдари-Турци кои одат за Криволак по патници и пошта, двапати во неделата.[4]

Во ова време Криволак било „големо село со мала чаршија“[3] Поради тоа селаните се занимавале претежно со кираџилак и превоз на стока, за кои секој селанец имал 6-12 добитоци.[3] Со поделбата на Македонија по Балканските војни и отсекувањето со Солун, селото Криволак почнало нагло да опаѓа.[3]

Поради стратешката средишна положба на Криволак за заземање и контрола на врските во цела Македонија, за време на Балканските и Првата светска војна во 1913 и 1915 година, кај Криволак се случиле две големи воени битки. Во Втората балканска војна во 1913 година кај Криволак жестока битка воделе српските и бугарските војски, а подоцна во ноември 1915 година во Првата светска војна жестока битка се водела помеѓу француските и бугарските војски, каде загинал војводата Христо Чернопеев. После овој период најголемиот дел од муслиманско население на Криволак се иселило во Турција, а на негово место почнало да се доселува македонско население од повисоките села под планината Кожуф и во Радовишко, додека српските окупаторски власти населувале и српски колонисти од кои поголемиот дел кои не биле од југоисточните крашите блиску до Македонија подоцна биле иселени од бугарскиот окупатор. Со забраната на враќање на колонистите по Втората светска војна во Криволак продолжило доселување на Македонци и Роми, а селото значајно го модернизирало својот лик.

 
Селото погледнато од воздух со кривиот лак на Вардар од каде што доаѓа името на селото

Потекло и значење на името уреди

Местоположбата на Криволак токму во големиот крив лак (меандер) на реката Вардар е и главната причина за настанокот, потеклото и значењето на името на селото. Имено, токму над Криволак кај Црвени Брегови, реката Вардар прави еден голем и крив лак или завој свртувајќи за цели 180 степени. Токму поради ваквата местоположба и изглед местото го добило името Криволак. Тоа е потврдено и во пишаните извори, каде што се наведува дека тоа доаѓа од меандрите на Вардар кои чинат криви лаки.[3] Меѓу населението понекогаш за името на селото се вели и Криволака. Поради тоа што населението на селото било македонско, тоа го задржало македонското име и во текот на турското владеење и покрај влијанието на доселените Јуруци од кои мал дел од тогашните жители научиле и турски јазик.[3]

Стопанство уреди

 
Лозови насади во селото Криволак

Според составот на атарот, на кој има голема неплодна површина, селото Криволак има поледелска функција. Поголемиот дел од населението се занимава со земјоделство односно со одгледување на градинарски култури, лозарство и житарици. Најмногу се одгледува винова лоза на бројните лозја над и околу селото, потоа пиперки, домати (патлиџани), краставици, лук, кромид, марула, бостан - лубеници, дињи, тикви, зелка, како и пченица и јачмен.

Лозарството на ридовите над селото има подолга традиција: уште во турско време најсиромашната куќа во Криволак товарела барем по 60 коњи грозје.[3] На самиот влез на селото, од левата и десната страна на патот, работат и два фабрички погони: „КОПЕР“ од металска индустрија за заварување и грејни тела и винарницата „Дудин“.

Сепак, значаен дел, претежно од ромското население живее во доста незавидни социјални услови: повеќе куќи немаат приклучок до струја повеќе од 25 години, а нивните домаќинства се издржуваат од собирање на дрва.[5]

Поради поволните услови, во околината на Криволак често се носат на презимување стадата овци од планините во западна Македонија. Во селото Криволак работат и три продавници и трговски дуќани. Дел од населението на селото се занимава и со превоз на товарни возила, како и со работа во фабричките погони и стоваришта кои се наоѓаат на влезот на Неготино, а некои се занимаваат и со занаетчиски дејности во градежништвото како ѕидарство, плочкарство. До почетокот на XX век Криволак било стопански и трговски многу развиено, а во местото Хаџин Дол имало и рудник од кои се ваделе плочи за градежништво кои оделе за извоз.[3]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948533—    
1953548+2.8%
1961668+21.9%
1971757+13.3%
1981851+12.4%
ГодинаНас.±%
1991974+14.5%
1994897−7.9%
20021.021+13.8%
20211.163+13.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Криволак живееле 725 жители, од кои 650 Македонци муслимани и 75 Македонци христијани.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.163 жители, од кои 504 Македонци, 14 Албанци, 52 Турци, 340 Роми, 75 Срби, 65 останати и 113 лица без податоци.[8]

На табелата е прикажано вкупното население на Криволак по етнички заедници во сите пописни години:[9]

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 533
1953 328 45 3 114 58 548
1961 349 1 127 172 19 668
1971 417 1 161 162 16 757
1981 421 3 99 28 191 109 851
1991 537 28 125 191 93 974
1994 651 1 49 65 129 2 897
2002 544 1 28 319 127 2 1.021
2021 504 14 52 340 75 65 113 1.163

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Во денешни услови Криволак бележи пораст на населението поради зголемениот прираст на новородени деца и кај Македонците и кај Ромите и доселувањето на Роми.[5]

Родови уреди

Според истражувањата од 1920-1924 година, во селото живеело само муслиманско население. Родови во селото биле:

  • Староседелци: Реџовци (6 к.), Чотревци (5 к.), Тајировци (2 к.), Нолбантиновци (2 к.), Ачковци (3 к.), Ќошевци (1 к.), Лабутовци (1 к.), Буљугбашовци (5 к.), Буховци (3 к.), Дураковци (4 к.), Чарапиновци (4 к.), Мулезимовци (3 к.), Смоковци (1 к.), Теврасовци (2 к.), Смоловци (1 к.), Абдишовци (1 к.), Мечовци-Пиперовци (1 к.), Кошковци (4 к.), Јашевци (7 к.), Зеќировци (1 к.), Кавеџијовци (2 к.), Ќоралијовци (3 к.), Јабушковци (1 к.), Моловци (2 к.), Џамбазовци (3 к.), Алоџовци (1 к.), Халилковци (1 к.), Дервишовци (2 к.), Старејовци (7 к.), Сарачовци (5 к.), Едовци (5 к.), Ибишовци (1 к.), Дзврковци (1 к.) и Кочковци (1 к.)
  • Доселеници: Јурукчевци (5 к.) се доселил Абдула од Вучидол на почетокот од 19 век. По потекло Јуруци; Тосковци (4 к.) доселени на почетокот од 19 век од Арнаутлук. По потекло Албанци; Дели Беќировци-Сирковци (4 к.) доселени на почетокот од 19 век од селото Сирково; Рустемовци (2 к.) доселени од Ваташа средината на 19 век; Асановци (1 к.) доселени средината на 19 век од Шеоба, по потекло Јуруци; Демировци (1 к.) доселени во 1890 година од селото Пепелиште; Алијовци (1 к.) доселени во 1890 година од селото Тремник; Абдиловци (1 к.) доселени од Вешје во 1890 година, а таму од Вештина во 17 век; Алиловци (1 к.) доселени од Ваташа во 1896 година; Ајединовци (1 к.) доселени од Тремник во 1903 година; Бадевци (1 к.) доселени од Тремник во 1906 година; Реџеплер (1 к.) доселени од Дуњице во 1912 година. По потекло Јуруци; Салилар (1 к.) доселени од Калањево во 1912 година. По потекло Јуруци; Војводовци-Кадријовци (1 к.) доселени од Долни Дисан во 1913 година; Дишлијовци (1 к.) доселени во 1913 година од Ислам Курија; Маловци (1 к.) доселени 1913 година од Долни Дисан; Касамчевци (1 к.) доселени во 1913 година од Неготино; Ибишовци (2 к.) потекнуваат од двајца домазети, Хасан доселен 1918 година од Паликура, а Зулфиќар 1921 година од Сопот, подалечно потекло од Ислам Курија од 1913 година; Абдурајимлар (1 к.) доселени од Шеоба во 1913 година; Рахимлар (1 к.) доселени од Хаџи Реџепли во 1920 година. По потекло Јуруци; Фератовци (1 к.) доселени во 1920 година од Тимјаник; Нолбантиновци (1 к.) доселени 1920 година од Тимјаник; Суљовци (1 к.) од Долни Дисан доселени во 1920 година; Мустафлар (1 к.) доселени од Турција, а таму од Шеоба во 1913 година.
  • Турски Цигани: Синановци (2 к.) доселени од Прждево во 1905 година; Бајрамовци (1 к.) доселени од Барово во 1919 година.[10]

Во минатото селото Криволак било населено со муслиманско население од македонско потекло. По неговото иселување во Криволак се доселиле Македонци од поткожувските тиквешки села, од областа Мала Преспа (денес под Албанија), Радовишко, североисточна Македонија во околината на Крива Паланка, а биле колонизирани и доселеници од пределот на изворишното подрачје на Пчиња во југоисточниот дел на Србија близу до македонската граница. Исто така доселен е поголем број на Роми. Старинечки македонски род се Кимовци, а други семејства и родови кои денес живеат во Криволак се: Стојанови, Ганчеви, Стојковски, Јовевски, Бинови (по потекло од тиквешкиот дел на Мариово на североисточните падини на Кожуф), Митреви, Атанасови, Наумови, Станоеви, Наскови, Величкови, Младенови, Аскови и др.

Општествени установи уреди

Самоуправа и политика уреди

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Пепелиште, во која покрај селото Криволак, се наоѓале и селата Брусник, Војници, Јанешево, Кзлањево, Липа, Пепелиште, Пештерница, Црвени Брегови и Џидимирци. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на истоимената општина, во која покрај Криволак, се наоѓале и селата Брусник, Криволак, Пепелиште, Пештерница и Џидимирци.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1234 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 899 гласачи.[12]

Иселеништво уреди

Иселеници има во Турција.[10]

Културни и природни знаменитости уреди

Цркви[13]
  • Црква „Св. Вознесение“ — по 20-годишна изградба црквата е осветена во 2006 година после посетата и чиноначалствувањето на владиците Тимотеј и Петар.
Археолошки наоѓалишта[14]
  • Брест — населба и некропола од доцноантичкото време;
  • Гробишта — средновековна некропола
  • Тошова Лака — населба и некропола од доцноантичкото време;
  • Чифлик — населба од доцноантичкото време;

Редовни настани уреди

Селската слава на Криволак е Спасовден, што е патронен празник на селската црква. На тој ден се одржува собор и се делат ручек и вечера.[5]

Криволак како тема во уметноста уреди

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 164.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод) (уред.). Тиквеш и Раец (2011 (превод). изд.). Култура. стр. 204–205, 338–371.
  4. 4,0 4,1 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 315.
  5. 5,0 5,1 5,2 Според кажување жители на Криволак. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.154.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  10. 10,0 10,1 . Радовановиќ, Воислав (1924). Јован Цвииќ (уред.). Тиквеш и Раец - антропогеографски испитувања (српски). 29 (Српски етнографски зборник. изд.). Белград: Српска. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. стр. 234, Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. Митко Маџунков, Међа света. Београд: Просвета, 1984, стр. 48.

Надворешни врски уреди