Кредитна политика

Кредитна политика (англиски: credit policy, lеnding policy) претставува пишуван документ на банката во кој се определуваат основните принципи и правила на севкупниот процес на кредитирање. Кредитната политика претставува формален документ кој дава насоки кои понатаму треба да ги следат раководителите и службениците ангажирани во процесот на кредитирање.

Кредитна филозофија и кредитна култура уреди

Пристапот на банките во кредитирањето е определен од нејзината кредитна филозофија и кредитна култура. Кредитната филозофија (credit philosophy) ги определува приоритетите на раководството на банката во однос на кредитирањето, како и прифатливото ниво на ризик. Притоа, кредитната филозофија се изразува во формалната кредитна политика на банката. Кредитната култура (credit culture) го претставува однесувањето на раководителите и службениците при извршувањето на севкупните активности во рамки на кредитниот процес. Кредитната култура на банката претставува остварување на кредитната филозофија и таа е вградена во организациската поставеност на кредитниот сектор и во кредитните процедури.

Кредитната култура може да се јави во три основни облици:

  • Кредитна култура насочена кон вредноста, која ги поседува следниве одлики: одржување висок квалитет на кредитното портфолио; сеопфатен систем на управување со кредитниот ризик; многу строги, конзервативни процедури на кредитирање и цврсти органичувања во однос на концентрацијата на кредитите. Оттука, банките со ваква кредитна култура се одликуваат со мал износ на проблематични кредити и мали загуби на кредитите, а нивната профитабилност е пониска, но стабилна.
  • Кредитна култура насочена кон профитабилноста. Овде, вниманието на банката е насочено кон максимирање на тековната добивка и затоа, таа кредитира ризични клиенти. Оттука, профитабилноста и квалитетот на кредитното портфолио се нестабилни, т.е. во добри времиња, банката остварува висока добивка, а подоцна, добивката се намалува, паралелно со натрупувањето на лошите кредити и зголемувањето на кредитните загуби.
  • Кредитна култура насочена кон пазарното учество. Банката која се одликува со ваква кредитна култура применува агресивен пристап во одобрувањето кредити (високи стапки на растеж на кредитите и пониски каматни стапки) со цел да го зголеми пазарното учество. Како последица на тоа, квалитетот на кредитното портфолио со текот на времето се влошува, а профитабилноста е умерена.[1]

Содржина на кредитната политика уреди

Кредитната филозофија и култура на банката непосредно е преточена во нејзината формална кредитна политика, која треба да биде во согласност со долгорочните цели и стратегискиот план на банката. Истовремено, кредитната политика треба да обезбеди почитување на регулативните одредби во областа на процесот на кредитирање. Кредитната политика треба да ги постави основните цели, принципи и правила на севкупниот кредитниот процес и да даде насоки кои понатаму треба да ги следат раководителите и службениците ангажирани во процесот на кредитирање. Кредитната политика ги дефинира следниве прашања:[2]

  • Целите на кредитната политика и посакуваните одлики на кредитното портфолио (видови кредити, рочност, квалитет на кредитите итн.).
  • Надлежностите и одговорноста на органите и лицата вклучени во одобрувањето на кредитите и постапката за одлучување во врска со кредитните барања.
  • Ограничувањето на износот на кредитите што можат да ги одобрат лицата на одделни нивоа на одлучување. На пример, со кредитната политика може да се одреди дека кредитниот службеник самостојно одобрува кредити до 100 илјади денари, раководителот на секторот до 500 илјади денари итн.
  • Ограничувањата на максималниот износ на кредитна изложеност во однос на поединечни клиенти, сектори, валути итн.
  • Политиката за одредување на каматните стапки, провизиите и другите услови.
  • Процедурите за прием, обработка и одлучување во врска со кредитните барања.
  • Процедурите за обезбедување соодветна документираност на кредитниот процес.
  • Критериумите за оцена на кредитната способност на клиентите.
  • Правилата коишто се однесуваат на обезбедувањето на кредитите: кои видови средства се прифатливи како обезбедување, а кои не се; кога може да се даваат необезбедени кредити; односот меѓу вредноста на обезбедувањето и износот на кредитот; процена на пазарната вредност на обезбедувањето; постапка за преземање на обезбедувањето и негово претворање во пари итн.
  • Критериумите за класификација на кредитите по категории на ризичност и утврдувањето на исправката на вредноста на кредитите.
  • Системите на мерење на кредитниот ризик.
  • Инструментите за заштита од кредитниот ризик
  • Процесот на следење на квалитетот и наплатата на кредитите.
  • Начините на решавање на проблематичните кредити: правила за продолжување на рокот на отплата на кредитите, преструктурирање, отпис на кредитите итн.

Наводи уреди

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 95-96.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 96.