Кољо Добровенски

македонски револуционер

Никола Котев или Дедо Кољо Добровенски (Добровени, 1844Скочивир, 8 февруари 1904) — македонски револуционер на МРО и мариовско-лерински војвода од село Добровени, Битолско. Кољо ја започнал својата револуционерна дејност како ајдутин, а подоцна влегол во редовите на МРО. Прво бил курир, а потоа и комита во четата на Марко Лерински.

Никола Котев
(Дедо Кољо Добровенски)
Портрет на Кољо Добровенски
Роден(а)1844
Добровени, Битола,
Османлиска империја
Починал(а)8 февруари 1904
Скочивир, Битола,
Османлиска империја
Занимањевојвода, револуционер
ОрганизацијаМРО

Животопис уреди

Христо Силјанов, бугарски и македонски хроничар од македонско етничко потекло, бил во неговата чета, а за Кољо тој напишал:[1]

„...Дојде ред на бај Коле. Тој седеше до војводата и молчеше. Широко откриената, поцрнета од времето - риза му ги откриваше истакнатите обраснати гради. Опинците (црвули), прикрепени на боси нозе, и панталоните (беневреци) прошарани од крпенки го издаваа како краен бедник. За пушка тој минатата година си ја беше продал кравата. Му останало само едно магаре, со коешто продава дрва во градот. Марко го изгледа. Очите му застанаа кај неговите голи стапала, коишто скоро цели излегуваа од пронижаните црвули. И двајцата се засмеаја. Бај Коле посегна кон Марковата табаќера и завитка цигара.“

По смртта на Марко Лерински, Кољо заедно со Ламбо Василев, Дине Кљусев и други комити се префрлаат во Костурско. Четата била предадена во Јурукот - маало во селото Крушоради, Леринско. Во битката со турскиот аскер во Крушоради од 28 септември 1902 година, Кољо Добровенски бил еден од малкутемина кои се спасуваат. За време на објавувањето на Илинденското востание, четата на Кољо била во Прилепско заедно со четата на Толе Паша. Бил учесник во борбите за ослободување на Невеска. Во село Паралово, четата на дедо Кољо водела борба со турските војски кај манастирот „Свети Ѓорѓи“.[2] Кољо Добровенски имал два сина: Ѓорѓи и Најдо. Најдо бил убиен во Крушоради во септември 1902 г., заедно со Дине Кљусев. Дедо Кољо загинал во селото Скочивир, Битолско, на 8 (21) февруари 1904 година. Шестчлената чета на Кољо била предадена од гркомани. Во битката со Турците, загинале војводата и двајца комити, а меѓу спасените бил поголемиот син на војводата - Ѓорѓи. Еден месец потоа, тој ги убил браќата Домазетови од Скочивир, посочени како предавници на четата.[3]

Фолклор уреди

 
Гробот на Кољо Добровенски

Во македонскиот фолклор и традиција, народната песна „А бре Кољо, мамин Кољо“ (Ој ти Кољо, мамин Кољо) често му е посветена, но многу поверојатно е дека таа е испеана за Никола Коев Николов, брат на ВМОРО-револуционерот Тане Николов.

Наводи уреди

  1. Христо Силјанов, „Писма и исповеди на еден четник, 1902 г.“, I издание, стр. 102 - Македонски научен институт, Софија, 1927 година
  2. Љубомир Милетич, „Борбата во Костурско и Охридско (до 1904 г.), По спомени на Иван Попов, Смиле Војданов, Дејан Димитров и Никола Митрев“, стр. 51 - Македонски научен институт, Софија, 1926 година
  3. Христо Силјанов, „Ослободителните борби на Македонија“, том I, стр. 391 - фототипно издание, „Наука и Изкуство", Софија, 1983 година