Кочниците претставуваат направа за забавување или целосно сопирање на моторното возило или некое друго подвижно тело, односно за намалување или потполно спречување на забрзувањето на телото. Кочниците произведуваат сила спротивна на правецот на движење, па со тоа кинетичката енергија на телото во движење ја претвораат во некој друг облик на енергија.

Облошки на кочниците на своите носачи (за кочници со барабани).
Автомобилска диск-кочница. Кочничката плоча е црниот дел вметнат во црвената кочничка клешта. Облошката на кочницата се наоѓа од внатрешната страна на кочничката плоча и не се гледа. Најмногу се гледа сивиот диск на кочницата.

Градба и механизам уреди

Најчесто кочниците се изработуваат така што со триење да произведат сила на кочење, па таквите кочници кинетичката енергија на телото во движење ја претвораат во топлина. Кочниците кои работат на принцип на триење се состојат од два елемента: подвижен елемент со мазна површина (за ротациски движења таков елемент е дискот или барабанот), и од облошки (гуртни) на кочницата кои се прикрепуваат и притискаат на подвижниот елемент. Кај моторните возила обично дискот се притиска од двете страни симетрично, односно барабанот се притиска со облошките кои се сместени одвнатре, во празнината на барабаните. Бидејќи кај кочниците со триење е значајно тие да бидат изладени пред температурата да се зголеми дотаму што може да ја оштети кочницата (или значително да ја намали нејзината ефикасност), од особено значење е да се обезбеди ладење на кочниците. Во однос на овој проблем, дискот е далеку попогоден облик на изведба на кочниците со триење, бидејќи многу полесно се лади. Но, притисокот што го вршат кочничките облошки на дискот мора да биде значително посилен отколку притисокот на врвот на облошката (кај изведбата на кочниците со барабани), поради што типичните дискови кочници се опремуваат со појачувачки (серво) систем.

Пренос на силата уреди

За пренос на силата од командниот елемент (педалата за кочење) до подвижниот дел на кочницата се користат три начини:

  • Крута врска - денес ретко се користи кај работната кочница, со исклучок на велосипедите и мотоциклите, а во автомобилите главно се користи за паркирната кочница. Потребна е голема сила на командата за кочење за да доволно се активираат кочниците;
  • Хидраулично - се користи кај автомобилите и лесните товарни автомобили. Командата на кочницата го потиснува маслото кое со цевки се носи до хидрауличните цилиндри кои ги притискаат облошките на кочниците;
  • Воздушно - овие воздушни кочници секогаш се поврзани со вграден едноставен серво уред, каде со командата на кочницата се управува со вентил кој го отвора патот на компресираниот воздух, а овој компресиран воздух потоа ги притиска облошките на кочниците. При оваа конструкција доволно е приложување на мала сила на командата (педалата) на кочницата, без оглед на големината на кочниците. Вакви кочници имаат автобусите.

Електромагнетни кочници уреди

Распространети се и електромагнетни кочници кои кинетичката енергија на движењето ја претвораат во електрична енергија и со тоа го забавуваат движењето. Можат да се сретнат во тешките моторни возила како мерка за забавување, но не и за сопирање. Ги има во електричните трамваи. Бидејќи немаат делови кои се абат, како и благодарение на тоа што подвижните делови на овие кочници многу малку се загреваат, тие се многу погодни за подолг период на употреба, на пример, за забавување на тешките моторни возила на долги надолнини. Електричната енергија која ја произведуваат ваквите кочници може да се претовори или во топлина која се испушта во околината, или може да се складира или употреби во некоја друга корисна цел (регенеративно кочење). Во хибридните возила, кои комбинираат мотори со внатрешно согорување и електричен погон, често наидуваме на регенеративни електромагнетни кочници кои при кочењето произведената електрична енергија ја насочуваат назад во акумулаторот на возилото, со што овозможуваат кинетичката енергија на возилото одново да се употреби за забрзување на возилото (кога тоа ќе биде потребно).