Коцкар — роман од Фјодор Достоевски чиј главен лик е еден млад учител кој е вработен кај богат пензиониран руски генерал. Романот ја отсликува сопствената зависност на Достоевски од рулетот, кој бил негова инспирација за романот. Ова дело го напишал во време кога бил во големи коцкарски долгови.[1][2]

Коцкар
200
првото печатено издание на романот
АвторФјодор Достоевски
Изворен насловIgrok (Игрок)
ЗемјаРусија
Јазикруски јазик
Жанрроман
Издадена
1866
Медиумпечатено издание

Ликови уреди

  • Алексеј Иванович - млад учител кој работи во едно руско семејство
  • Генералот - пензионирано воено лице кој е во големи долгови
  • Марија Филиповна - роднина на Генералот
  • Полина Александровна - ќерќа на Генералот
  • Антонида Василевна (бабата) - богата руска старица, тетка на Генералот
  • госпоѓица Бланш де Коминже - љубовница на Генералот
  • мадам Ла Контес - мајка на Бланш
  • Де Грие - француски маркиз кој му позајмил пари на Генералот
  • г. Астлеј - англиски благородник и пријател на Алексеј
  • Потапич - слуга на бабата
  • Марфа - слуга на бабата

Кратка содржина уреди

Раскажувачот е директен учесник во дејствијата, а воедно и главен лик - Алексеј Иванович, учител кој работи за богато руско семејство кое е сместено во хотел во германскиот град Рулетенбург. Главата на семејството, Генералот, го заложил сиот свој имот кај французинот Де Грие, со цел да ги исплати своите огромни долгови. Пензионираниот Генерал воедно е заљубен во младата французинка Бланш де Коминже, која би прифатила да стапи во брак со Генералот само доколку тој добие дел од наследството на неговата богата тетка. Генералот постојано испраќа телеграми кон Москва во исчекување на поволни вести за смртта на неговата тетка, 75 годишната старица Антонида Василевна.

Од друга страна пак, главниот протагонист Алексеј Иванович бил силно вљубен во ќерката на Генералот, Полина Александровна, и за неа бил спремен да го ризикува својот живот. Иако постојано и се додворувал, Полина никогаш не му ја возвраќа љубовта и кон него се однесувала дрско и арогантно. На молба од Полина, Алексеј влегува во казиното на негово големо негодување како би заработил пари за отплата на долговите на Генералот. Првично добива голема сума пари, но веќе следниот ден истата ја губи, што кај Полина предизвикало бес и револт. Односите помеѓу Алексеј и Полина биле многу деликатни, бидејќи Алексеј се однесувал премногу сервилно спрема неа и би направил се за да и удоволи, а Полина го третирала како дете и упорно одбивала да му одговори зошто и се потребни пари и не му ја откривала нивната тешка финансиска положба. Алексеј подоцна дознал за семејните долгови од англискиот лорд Астлеј, трговец и добар познаник со учителот.

Заплетот почнува во паркот близу хотелот каде отседнало руското семејство, кога Полина го предизвикала Алексеј да ја докаже неговата љубов со тоа што ќе го навреди баронот и неговата сопруга кои се шетале во близина. Со мала резерва, Алексеј сепак прифатил да го стори тоа. За неговата непромислена постапка, баронот се пожалил кај Генералот, по што овој веднаш му дал отказ на учителот. Подоцна ќе се увиди дека Генералот му врачил отказ поради тоа што неговата љубовница, мадам Бланш била во непријателски односи со германскиот барон и Генералот не сакал да избие непотребен скандал. Алексеј не сакал да се помири со оваа неправда и имал намера да поднесе тужба против баронот, но Полина по наредба на Де Грие го одвратила од намерата.

Следниот ден, додека разговарале Алексеј и мистер Астлеј, одненадеж се појавила бабата, богатата руска старица чие присуство непријатно го изненадило семејството. Таа дознала дека Генералот испраќал телеграми до Москва во исчекување на нејзината смрт и му дала дознаење дека нема да добие ништо од нејзиното наследство. Оваа нејзина изјава ја поткопала положбата на Генералот бидејќи Де Грие си ги сакал позајмените пари назад, а Бланш не сакала да се омажи за некој кој нема богатство. Бабата го напушта хотелот и го замолила Алексеј да ја одведе во надалеку познатото казино во градот да си ја проба среќата. Првиот пат добила значителна сума злато, но како одминувало времето таа станала зависна од коцкањето и за време на нејзиниот престој изгубила речиси 100 илјади рубљи. Генералот и фамилијата биле исплашени дека бабата ќе го прокоцка целото наследство, па го молеле Алексеј да не ја води повеќе во станицата. И Алексеј и посочил на бабата дека ако продолжи да игра ќе остане без пари, но таа детинесто го одбила и без негова помош продолжила да игра. Во казиното две Полјачиња се понудиле да и покажуваат и притоа незнајно ја ограбиле. За среќа биле фатени, но бабата немала голема полза, бидејќи ги загубила сите пари на рулетот.

Незадоволна од престојот, бабата позајмила пари од мистер Астлеј, кон кого имала симпатии, а веќе следниот ден си заминала. Истата вечер, откако ја испратил бабата од железничката станица, на влезот од својата одаја Алексеј за забележал Полина. Таа му соопштила дека Де Грие си заминал и оти тој имал намера да го продаде сиот имот на Генералот, кој го заложил кај него како хипотека. Исто така таа му се исповеда дека поради долгот кон Де Грие не можела да му ја искаже својата љубов. Слушајќи го ова, Алексеј го напуштил хотелот и решително влегол во казиното каде заработил 200 илјади франци и веднаш станал богаташ. Се вратил во хотелот и по преспиената ноќ, Полина сурово му рекла дека го мрази и дека не и се потребни неговите пари. Му дала дознаење дека сака да биде со мистер Астлеј, по што гневно ја напуштила одајата и никогаш повеќе не се видела со Алексеј.

Кога дознала дека Генералот нема да добие ништо од наследството на неговата тетка, мадам Бланш де Коминже и нејзината мајка замининале за Париз. Притоа со себе го земале и Алексеј, кој се согласил да живее со убавата Бланш еден месец и таа да може да го троши неговото богатство за сопствени задоволства и непотребни работи. За време на престојот во Париз, Алексеј воопшто не и замерувал на Бланш што таа безмилосно го трошела сето богатство и тоа наишло на симпатии кај самобендисаната французинка. Една седмица подоцна, во Париз се појавил и Генералот, кој бил со видно психичко растројство поради бегството на Бланш. Но, веднаш кога Бланш чула дека Генералот сепак добил нешто од наследството на бабата која набрзо починала, се омажила за Генералот. Алексеј бил задоволен од расплетот на настаните, но бидејќи му завршиле парите пријателски се збогувал со Бланш и заминал за Хамбург.

Во Хамбург едно време работел како слуга кај еден благородник, но поради финансискиот крах на благородникот бил отпуштен од работа. Преживувал од ден за ден така што целото време го минувал во казиното играјќи за ситни пари. Една и пол година по неговото пристигнување во Хамбург, на клупата во паркот случајно го сретнал долгогодишниот познаник мистер Астлеј, на негово огромно задоволство. Астлеј му соопштил дека е испратен од Полина, која живее во Швајцарија, и да му пренесе дека таа неизмерно го сака. Астлеј воедно и го прекорува за тоа како дозволил коцката да му го уништи животот. На разделување, мистер Астлеј му остава на Алексеј малку пари, но е убеден дела тој ќе ги загуби во казиното. По збогувањето Алексеј сонува уште утре да замине за Швајцарија и се потсетува како неодамна кога му останал само уште еден гулден во џебот успеал да и попркоси на судбината зароботувајќи на рулетот.

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. „The Gambler by Fyodor Dostoevsky. Search, Read, Study, Discuss“. online-literature.com. Посетено на 5 јули 2010.
  2. Извор од BBC