Клиничка психологија

Клиничка психологија е гранка на психологијата која ги спојува науката, теоријата и клиничките сознанија со цел разбирање, спречување и разрешување на психолошки нарушувања и проблеми, како и  промовирање на субјективна благосостојба и личен развој.[1][2] Главни техники кои се применуваат во пракса се психолошка проценка, клинички формулација, и психотерапија. Клиничките психолози исто така се вклучени во истражување, образование, советување, форензички сведочења, развој на програми и нивна администрација.[3] Во многу земји, клиничка психологија е регулирана професија од областа на менталното здравје.

Почетоците на оваа гранка се поврзуваат со отворањето на првата психолошка клиника на Универзитетот во Пенсилванија од страна на Лајтнер Витмер во 1896 година. Во првата половина на 20 век, клиничката психологија пред сѐ е фокусирана на психолошка проценка, со помала насоченост кон третманот. По крајот на Втората светска војна се појавува потреба од поголем број на обучени клиничари. Од тогаш, во САД се развиени три главни образовни модели: модел на научно-клинички студии (пред сѐ фокусирани на истражување); модел на научно-практични (применети) студии (спој на истражување и пракса) и модел на практично-образовни студии (со фокус на клиничка пракса). Во Велика Британија докторските студии по клиничка психологија припаѓаат помеѓу последните два споменати модели, додека во остатокот на Европа образованието најчесто е на ниво на магистерски студии и е пред сѐ фокусирано  на психотерапија. Клиничките психолози се експерти за психотерапија и најчесто се обучуваат во рамките на четири основни теоретски насоки: психодинамика, хуманистичка психологија, когнитивно-бихевиорална терапија и системи за семејна терапија.

Историја уреди

 
Многу третмани за психолошки проблеми во 18-от век се засновани на псевдо-научни идеи, како на пр. френологија.

Најраните забележани обиди за разбирање и третирање на менталните нарушувања се комбинација на религиски, магиски и медицински пристапи. Некои од лекарите со таков пристап се Патанџали (Patañjali), Падмасамбава (Padmasambhava), Разес (Rhazes), Авицена (Avicenna) и Руми (Rumi). На почетокот на 19 век, еден од начините за проучување на менталните состојби и однесувања беше френологијата, која ги проучува личните одлики врз основа на  формата на черепот. Други популарни третмани од тоа време се изучувањето на обликот на лицето (физиогномија) и третирањето на ментални проблеми со користење на магнети (месмеризам). Исто така, популарни биле и спиритуализмот и „менталното исцелување“ на Финеас Кимби (Phineas Quimby) [4]

Научната заедница со текот на времето ги отфрли гореспоменатите методи за третирање на менталните нарушувања. Истовремено, академските психолози не беа фокусирани на посериозните форми на ментални нарушувања. Изучувањето на менталните нарушувања беше дел од растечките гранки психијатрија и неврологија во рамките на подемот на психијатриските институции. Оваа состојба беше актуелна сѐ до почетокот на 19-от век, кога Зигмунд Фројд ја разви „терапијата со разговор“ во Виена, со што започна научната примена на клиничката психологија. 

Наводи уреди

  1. American Psychological Association, Division 12, About Clinical Psychology
  2. Plante, Thomas. (2005). Contemporary Clinical Psychology. New York: Wiley. ISBN 0-471-47276-X
  3. Brain, Christine. (2002). Advanced psychology: applications, issues and perspectives. Cheltenham: Nelson Thornes. ISBN 0-17-490058-9
  4. Benjamin, Ludy (2005). „A history of clinical psychology as a profession in America (and a glimpse at its future)“. Annual Review of Clinical Psychology. 1: 1–30. doi:10.1146/annurev.clinpsy.1.102803.143758. PMID 17716080.