Катеринска црква (Чернигов)

Катеринска црква — православна црква во украинскиот град Чернигов и споменик на архитектурата од национално значење. Објектот претставува важен претставник на козачкиот барок во Левобрежна Украина.

Катеринска црква
Катерининська церква
Екатерининская церковь
Основни податоци
МестоЧернигов, Украина
Координати51°29′13″N 31°18′19″E / 51.48694° СГШ; 31.30528° ИГД / 51.48694; 31.30528
Припадностправославие
Осветен1862-1882
ВодствоУкраинска православна црква - Киевска патријаршија
Архитектонски опис
Архитектонски стилкозачка барокна архитектура
Завршен1715

Црквата се наоѓа во историскиот центар на градот, на висок 'рт одделен со дол од Черниговскиот збег, и се јавува како еден од објектите со најдоминантна позиција во градот.

Изградбата на црквата била овозможена со средства од браќата Семјон и Јаков по завештание на нивниот татко Ефим Лизогуб. Црквата е изградена во сеќавање на хероизмот на нивниот дедо Јаков Лизогуб и козачкиот черниговски полк, кој бил активен за време на Азовскиот поход во 1696 година.[1].

Историја уреди

Црквата била изградена врз остатоци од храм со средна големина од времето на Киевска Русија на територијата на утврденото место Чернигов, познато под името „Третјак“. Храмот бил осветен од страна на черниговкиот архиепископ Антониј Стаховски во 1715 година во чест на Света Катерина.[1] За сметка на погодната местоположба, објектот извесно време служел како утврдување во близина на Черниговскиот збег.

Во 1837 година, црквата настрадала во пожар, по што била повторно изградена. Истовремено, на западната фасада било доградено претсобје. Во текот на 19 век, првобитниот трикатен иконостас бил разглобен заради лошата состојба во којашто се наоѓал и бил заменет со еклектички еднокатен. При неговото поставување биле искористени царските варти од стариот. Сепак, денес не е сочуван ниту овој иконостас.

Црквата претрпе гранатирање од страна на руската армија за време на опсадата на Чернигив од страна на руските окупациски сили во февруари-април 2022 година.[2]

Архитектура уреди

Катеринската црква е изградена во духот на барокниот стил, од тули, малтерисана и обоена во бела боја.

 
Последици од гранатирањето на црквата од страна на руските окупаторски трупи. Чернигов. 19 јуни 2022 година

Конструкцијата е крсто-куполна и содржи девет дела со изложени простории во внатрешните агли, при што нивната висина сочинува две третини од висината на ѕидовите на основниот дел од црквата. Секоја гранка е подигната на петоаголна основа и завршува со купола на осумаголен барабан.[3]

По својата композиција, градбата наликува на традиционалните украински дрвени цркви, каде во една пластична целина се обединети пет осумаголници, така што секој од нив завршува со купола. Средишната купола се издигнува над бочните, додека останатите се распоредени на начин за да образуваат архитектурен крст.

Вертикалноста на композицијата на црквата е постигната со отсуство на хоризонтален разделувачки ѕид, а аглите на гранките се истакнати со пиластери. Најголемиот дел од прозорските отвори се развлечени по вертикала, истакнати се со наличници и карактеристично е тоа што образуваат крст.

Особеност на Катеринската црква е нејзината целосна фасадираност. Црквата има три влезни портали: северен, источен и јужен. На надворешниот дел од храмот главна улога имаат врамените барокни влезови и прозорските отвори (триаголни фронтони, наличници и убаво профилирани корнизи) за коишто се употребени соодветни тули (без оформен орнамент).

Внатрешноста на црквата ја открива вертикалноста и петоглавоста на градбата со помош на големи лаци, отсуство на хорови и хоризонтални структури.

Галерија на фотографии уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 «Черниговского наместничества топографическое описание с кратким географическим и историческим описанием Малой России», Киев, 1851.
  2. Окупанти обстріляли Катерининську церкву в Чернігові Архивирано на 22 јуни 2022 г. NizhynNEWS 12 мај 2022
  3. Памятники градостроительства и архитектуры Украинской ССР. 265-я страница 4-го тома

Литература уреди

  • Чернігівщина. Енциклопедичний довідник. Київ, вид-во «Українська Радянська Енциклопедія», 1990 (украински)
  • Пам'ятники містобудування і архітектури Української РСР. Київ, вид-во «Будівельник», 1983–1986 (украински)
  • Шафонский, Афанасий Филимонович, «Черниговского наместничества топографическое описание с кратким географическим и историческим описанием Малой России», Киев, 1851.

Надворешни врски уреди