Касапницата-Пет или Детска крсоносна војна (англиски: Slaughterhouse-Five or The Children's Crusade) - роман на американскиот писател Курт Вонегат. Врз основа на романот, во 1971 година бил снимен истоимениот филм, во режија на Џорџ Рој Хил.[1] Романот е објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Темплум“, како 47. книга од библиотеката „Магма“.

Содржина уреди

Еден: Романот почнува така што авторот опишува како настанала книгата. Имено, тој бил воен заробеник во Дрезден за време на Втората светска војна. По војната студирал антропологија, а потоа предавал творечко пишување. Додека работел на својата книга, во 1964 година, тој му се јавил на својот другар од војната, Бернард В. О'Хер, со молба да го посети за да евоцираат сеќавања за својот престој во нацистичкиот логор за воени заробеници. Бернард прифатели, но кога писателот дошол кај него, сопругата на Бернард била непријателски расположена кон гостинот, мислејќи дека ќе пишува херојска книга за војната. Во 1967 година, заедно со Бернард В. О'Хер, писателот го посетил Дрезден, а таму се запознал со таксистот Герхард Милер кој, исто така, бил воен заробеник.[2]

Два: Во оваа глава почнува приказната за Били Пилгрим, роден во 1922 година, во мало место во државата Њујорк. Уште како дете имал смешен изглед, а така изгледал и како возрасен. Учел во оптичарско училиште, а потоа бил мобилизиран во Втората светска војна, како помошник на воените свештеници. По враќањето од војната се оженил, станал оптичар и се збогатил, но тогаш претрпел нервен удар. Уште за време на војната погинал татко му во несреќен случај, а во 1968 година преживеал авионска несреќа, претрпувајќи сериозна повреда на главата. Додека лежел во болницата починала неговата жена и така Били останал вдовец. Оттогаш, на Били му се причинувало дека патува низ времето, па дури тврдел дека на денот на свадбата на ќерка му бил грабнат од вонземјани, кои го однеле на нивната планета и таму го ставиле во зоолошката градина. За своите „доживувања“ Били објавил писмо во локалниот весник. Били тврдел дека за првпат почнал да патува низ времето во 1944 година. Тогаш, тој добил прекоманда во Луксембург и учествувал во битката во Ардените, но не носел оружје. Кога неговата чета била уништена, Били скитал наоколу, избезумен и во бунило, заедно со тројца други војници. Криејќи се од нацистичката војска крај еден замрзнат поток, еден од американските војници, грубиот Роланд Вири, почнал крвнички да го тепа Били, со намера да го убие, но тогаш ги опколиле неколку германски војници и така тој се спасил од смртта.[3]

Три: Германците ги претресиле Били и Вири, а потоа пешки се упатиле до местото каде што Германците ги собирале заробените американски војници. Таму, за потребите на германската пропаганда, војниците направиле сцена во која го заробиле Били. Потоа, заробениците биле натоварени во воз кој ги пренесувал некаде во источниот дел на Германија.[4]

Четири: Вечерта, по свадбата на својата ќерка, Били не можел да заспие и излегол во дворот, каде пристигнала летечка чинија. Така, Били бил грабнат од вонземјани и однесен на друга планета. Кога се освестил, Били повторно се наоѓал во возот, каде војниците не му дозволувале да спие крај нив, зашто во сонот викал и претал, вознемирувајќи ги соседите. Деветтиот ден од патувањето умрел Роланд Вири, кој на соборците им оставил порака дека го убил Били Пилгрим. Утредента, возот пристигнал на крајната цел и заробениците биле затворени во логор. Били повторно доживеал „патување низ времето“, наоѓајќи се повторно во летечката чинија.[5]

Пет: По дезинфекцијата, американските заробеници добиле плочки со броеви и биле внесени во логорот, каде ги пречекале заробените англиски офицери, кои приредиле претстава за новодојдените. Тогаш, Били се онесвестил и бил пренесен во бараката што служела како болница, каде му дале морфиум. Кога се разбудил, Били се нашол во 1948 година, во болницата за душевно болни луѓе, каде закрепнувал од нервниот удар. Таму, Били ги засакал научно-фантастичните романи. Потоа, тој се нашол на далечната планета на која го пренесле вонземјаните и каде бил изложен во зоолошката градина. За време на престојот на таа планета, Били открил дека вонземјаните имаат сосема поинаква претстава за времето, за животот и за вселената. Набргу, таму добил друштво - филмската ѕвезда Монтана Вајлдхек која, исто така, била грабната од вонземјаните. Потоа, тој пак се вратил во логорот, каде англиските офицери се одвоиле од американските војници, сметајќи ги за неуредни и недисциплинирани.[6]

Шест: Утредента, американските војници биле пренесени во Дрезден, а претходно, еден американски војник му се заканил дека ќе го убие како одмазда за смртта на Вири. Били, пак, имал визија за својата смрт, сметајќи дека ќе биде убиен во 1976 година, за време на еден свој настап на стадион во Чикаго. Во Дрезден, американските војници биле дочекани од жителите на градот, кои им се потсмевале поради лошата состоја во која се наоѓале тие. Таму, заробениците биле сместени во бараката пет на поранешната касапница.[7]

Седум: Дваесет и пет години подоцна, Били патувал на конгрес во Монтреал. Авионот се урнал во една планина и загинале сите патници, но Били останал жив. Него го спасила група австриски туристи, а потоа тој бил опериран. Таму, Били се сетил на својот престој во Дрезден, каде работел во фабрика за производство на витамински сируп за трудници.[8]

Осум: Два дена пред уништувањето на Дрезден, американските заробеници ги посетил Хауард В. Кембел, Американец кој станал нацист, со намера да ги регрутира за својата воена единица која би требало да се бори на рускиот фронт. Нему му се спротивставил најстариот војник меѓу американските заробеници. Во родниот град, Били го сретнал Килгор Траут, писателот на неговите омилени научно-фантастични книги. Него го поканил на прославата на годишнината од својот брак, а таму Били речиси се онесвестил гледајќи ги четворицата музичари кои пееле една песна. Потоа, тој се сетил дека тоа произлегува оттаму што музичарите го потсетиле на четворицата германски стражари на денот кога американските бомбардери го уништиле Дрзеден, убивајќи над 100.000 жители. По катастрофата, четворицата стражари ги однеле заробениците во една меана на крајот од градот, каде преноќиле.[9]

Девет: Додека Били лежел во болницата во Вермонт, неговата сопруга дошла да го посети, но умрела пред болницата. Во собата со Били лежел еден универзитетски професор кому Били му раскажал за ужасот што се случил во Дрезден. Два дена по завршувањето на војната во Европа, Били и петмина други американски војници дошле во Дрезден, земајќи разни предмети од урнатините. Потоа, во градот доше Русите и два дена подоцна Били отпатувал дома во САД. По враќањето од болницата, Били отишол во Њујорк, каде гостувал во радио-емисија, безуспешно обидувајќи се да раскаже за својата посета на далечната планета. Во една книжарница, Били видел слики со разголената Монтана Вајлдхек, како и порнографски филмови кои ги снимила во младоста. За време на престојот на планетата Тралфамадор, Монтана забременила со Били и му родила бебе.[10]

Десет: Во завршната глава, авторот го опишува патувањето со авион до Дрезден, заедно со воениот другар О'Хер. Авторот преноќил во гостилницата заедно со Били, по разурнувањето на Дрезден. По доаѓањето на Црвената армија, Вили и другите воени заробеници копале по урнатините, барајќи ги и палејќи ги труповите на мртвите.[11]

Наводи уреди

  1. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973.
  2. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 7-22.
  3. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 23-42.
  4. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 43-56.
  5. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 57-67.
  6. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 68-101.
  7. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 102-113.
  8. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 114-118.
  9. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 119-133.
  10. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 134-153.
  11. Kert Vonegat, Klanica-Pet ili Dečji krstaški rat. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 154-152.