Калевала или старите поеми на Карелија од древните времиња на финскиот народ (фински: Kalevala) — фински епос напишан во 19 век од Елијас Ленрoт врз основа на фолклорот на Финска и на Карелија.[1] Првото издание на епот потекнува од 1835 година, а второто, проширено издание се појавило во 1849 година.[2] Епот се состои од 50 песни (руни) и содржи вкупно 22 795 стихови. Насловот „Калевала“ може да се разгледа како „Земјата на Калева“.[3]

Калевала
Калевала, прво издание, 1835.
АвторЕлијас Ленрoт
Изворен насловKalewalа
ПреведувачЏон Адисон Портер, Џон Мартин Крафорд , Вилјам Форсел Кирби, Францис Педбоди Магоун, Еино Фриберг и Кеијт Босли
ЗемјаГолемо Војводство Финска, денес Финска
Јазикфински; преведен на многу јазици
ЖанрЕпска поезија, Национален еп
ИздавачЈ.Ц Френцкел ја Поика и други
Издадена
1835: Стара Калевала
1849: Нова Калевала
Published in English
1888, 1907, 1963, 1989
СтранициСтара Калевала: том 1, 208 стр.; том 2, 334 стр.
Нова Калевала: ~ 500 стр.

Содржина уреди

Епот се состои од 50 песни во кои се опишуваат доживувањата на неколку одделни ликови:

  • 1-2: На почетокот од поемата, пејачот ги најавува песните и соопштува дека тие се создадени во далечното минато и дека биле стрпливо собирани и чувани. Дејствието на епот започнува така што Илматар (позната и како Луонотар и Каве), ќерката на воздухот, го родила синот Вејнемејнен. Имено, Илматар живеела со векови како девојка во воздухот, а кога тоа ѝ здодеало, се спуштила во морето каде дувнал ветар кој ја оплодил со помош на морската вода. Таа била бремена цели седум века и за тоа време ветрот ја носел на сите страни по морето. Еднаш, над морето прелетала птица, барајќи место за гнездење, а Илматар го испружила коленото и на него птицата снесила шест златни и едно железно јајце. Кога се вжештило коленото на Илматар, таа се помрднала и јајцата паднале во морето, а од нив настанале: земјата, небото, сонцето, месечината, облаците и ѕвездите. Десет години подоцна, Илматар се придвижува и ги создава подводниот, морскиот и копнениот релјеф. Вејнемејнен лежел во нејзината утроба уште 30 години, а потоа излегол надвор, неколку години пловел по морето и најпосле дошол на копното. Некое време по создавањето, земјата била пуста, но волшебникот Самса (познат и како Пелервојнен) посела семе од кое израснале растенијата. Притоа, еден даб извишил дури до небото и ги засенил сонцето и месечината, но од морето излегол џин и со секира го пресекол дабот. така, повторно огреало сонцето и насекаде никнале трева, грмушки и шума. Вејнемејнен пронашол семе, а потоа ја исекол шумата, со помош на еден орел ја запалил и врз пепелта го посеал семето, а од него никнало жито.[4]
  • 3-5: Вејнемејнен пеел песни за старите времиња и насекаде се раширил гласот за неговите волшебни песни. Момчето Јукахојнен слушнало за песните на Вејнемејнен и во него се родила завист, па заминал да го побара со намера да се натпреварува со него. Кога го сретнал, Јукахојнен почнал да ја фали својата пејачка дарба, а кога Вејнемејнен го нарекол лажго, Јукахојнен го предизвикал на двобој. Тогаш, Вејнемејнен се налутил и почнал да ги пее своите волшебни песни со кои го закопал Јукахојнен во калта. Тој почнал да го моли за милост, ветувајќи му најразлични подароци кои Вејнемејнен ги одбил, а најпосле, кога му ја ветил сестрата Ајно, Вејнемејнен го ослободил. Јукахојнен се вратил дома со плачење, а исто така и Ајно се нажалила, додека мајка им се радувала поради приликата да ја омажи ќерката за Вејнемејнен. Ајно случајно се сретнала со Вејнемејнен, кој ја пофалил нејзината убавина, но таа од пркос го фрлила накитот во шумата. Дома, таа постојано тагувала, а по совет на мајка ѝ се облакла убаво и отишла да прошета. Кога пристигнала до морето, влегла да се искапе, а кога дошла до една карпа, таа потонала и така Ајно се удавила. Еден зајак ја донел веста за смртта на Ајно, а од солзите на мајка ѝ се направиле три реки со три острови, секој со по три брези, а на секоја бреза пееле по три кукавици. Од нивните песни, мајката на Ајно постојано тагувала. Веста за смртта на Ајно се проширила насекаде и дошла до Вејнемејнен, кој тагувал по неа. Тој отишол на островот на господарот на морето и уловил необична риба. Кога сакал да ја пресече со ножот, таа побегнала и му кажала дека е Ајно. Потоа, Вејнемејнен фрлал мрежи насекаде по морето за повторно да ја улови таа риба, но попусто. Слушајќи го неговото тагување, мајка му му дала совет да појде во земјата Похјола и таму да се ожени.[5]
  • 6-10: Вејнемејнен тргнал кон Похјола, но завидливиот Јукахојнен го чекал во заседа и со стрелата му го убил коњот. Вејнемејнен паднал на земјата, а брановите го повлекле во морето. Вејнемејнен пливал во морето со денови и веќе бил исцрпен, но дошол орел, кој го качил на себе и го оставил во северната земја Похјола. Лоухи, господарката на северната земја, го негувала во својот дом, но Вејнемејнен постојано тагувал за својата земја. Тогаш, таа го ставила во санка и го испратила кон родниот крај, а за возврат, Вејнемејнен ветил дека ќе ѝ направи Сампо (волшебна направа). Патем, Вејнемејнен здогледал убава девојка и ја поканил да му се придружи, ветувајќи дека ќе се ожени со неа. Таа му поставила неколку задачи, кои тој лесно ги извршил, но при последната задача, правејќи посебен чамец, лошите духови му ја придвижиле секирата и тој се пресекол. Бидејќи обилно крварел, отишол во едно село, каде пронашол старец кој умеел да лекува. Старецот го прашал за настанувањето на железото и Вејнемејнен почнал да раскажува како врховниот бог Уко создал три ќерки од чие млеко настанале железото и челикот; плашејќи се од својот брат - огнот, железото се криело под земја, но огнот го пронашол и го истопил; Во тоа време се родил ковачот Илмаринен кој еднаш го нашол железото, го истопил и почнал да го кова, но претходно железото се заколнало дека ќе служи само за добри нешта; меѓутоа, еден стршлен истурил лоши сокови во стопеното железо и така тоа станало луто и почнало да ги убива луѓето. Старецот почнал да изговара чудотворни зборови и Вејнемејнен престанал да крвари, а потоа синот на старецот подготвил лековита маст од која Вејнемејнен потполно оздравел. Вејнемејнен се вратил во родната земја и го посетил ковачот Илмаринен, убедувајќи го да оди во Похјола каде го чека убава девојка. Откако Илмаринен ја одбил неговата понуда, Вејнемејнен го намамил да се качи на една висока елка и тогаш почнал да ги пее своите волшебни песни, создавајќи виор кој го однел Илмаринен во Похјола. Таму го пречекала Лоухи, која му ја понудила својата убава ќерка, ако направи Сампо. Илмаринен изградил ковачница во која исковал лак, чамец, крава и плуг, кои биле убави, но лоши и затоа ги уништил. Најпосле, тој направил Сампо кое правело брашно, сол и пари. Лоухи го зела Сампото, но нејзината ќерка одбила да се омажи со Илмаринен и тој се вратил во родниот крај.[6]
  • 11-15: Втората песна се однесува на младиот Ахти (познат и како Леминкајнен, Каукомјели и Кауко) кој слушнал за убавата Килики (Кили) која ја проселе Сонцето и Месечината, како и момци од повеќе земји, но таа сите ги одбила. Ахти заминал во земјата на Кили, каде девојките го исмевале, каде дење работел како овчар, а ноќе се веселел при што успеал да ги заведе сите девојки. Најпосле, Ахти ја грабнал Кили и ја однел во својата земја, а двајцата се заколнале на вечна љубов. Кога Ахти заминал на риболов, Кили заминала на игранка во селото. Кога Разбрал за тоа, Ахти се налутил и се подготвил да оди во војна, наспроти молбите на мајка му и на Кили. Кога пристигнал во земјата Похјола, тој влегол во една куќа во која се пееле волшебнички песни при што и тој запеал и ги маѓепсал сите присутни, поштедувајќи само еден стар, слеп овчар кого почнал да го навредува и поради тоа, овчарот заминал покрај светата река со намера да му постави заседа на Ахти. Ахти ја побарал за жена ќерката на Лоухи, господарката на Похјола, а таа му дала задача да улови лос. Тогаш, лошиот Јутас направил лос од дрвја, трупци и кори и го пуштил да бега, а Ахти го бркал до крајот на Похјола. Најпосле, Ахти успеал да го фати лосот, но тој се ослободил и побегнал, а на Ахти му се скршиле скиите така што не можел да го гони лосот. Ахти ги замолил шумските божества за помош, а тие се смилувале и го потерале лосот до него, така што тој успеал да го услови и ѝ го однел на Лоухи. Меѓутоа, таа му дала нова задача - да го фати коњот со необични спсообности. Тогаш, Ахти го замолил за помош врховниот бог Уко и тој пуштил железен град и дожд врз коњот, па така Ахти успеал да го скроти и да го однесе кај Лоухи. Најпосле, таа му дала и трета задача - да го убие лебедот на светата река. Ахти го прифатил и тој предизвик, но таму го чекал слепиот стар овчар, кој смртно го ранил со отровна змија. Потоа, овчарот го фрлил Ахти во Туонела, реката на подземниот свет, а синот на реката го исекол на парчиња. Претчувствувајќи дека на Ахти му се случила несреќа, мајка му заминала во Похјола, барајќи од Лоухи да ѝ каже каде е нејзиниот син. Потоа, таа го барала Ахти насекаде, но без успех, а кога дознала од Сонцето што му се случило на Ахти, мајка му го замолила ковачот Илмаринен да ѝ изработи големо гребло. Сонцето повторно ѝ помогнало, заспивајќи ги чуварите на светата река, па мајката ги извлекла деловите од телото на Ахти. Таа ја замолила пчелата да донесе мед и лековити масла за да го оживее синот. Во два наврати, пчелата ги донела лековите, но тие немале никакво дејство, па мајката ја замолила пчелата да летне до деветтото небо, т.е. во божјиот дом и да донесе од неговиот волшебен мед. Најпосле, пчелата ги донела лековитите состојки со кои мајката го намачкала телото на Ахти. Така, тој оживеал и двајцата се вратиле дома.[7]
  • 16-19: Вејнемејнен правел чамец, а во работата му помагал Сампса (Пелервојнен) чија задача била да обезбеди соодветно дрво. Тој најпрвин отишол кај јасиката и кај борот, но тие го одвратиле, така што најпосле го пресекол дабот. Вејнемејнен го направил чамецот со помош на своите волшебни песни, но му недостигале штре три збора за да го доврши. Тој ги барал потребните зборови насекаде, убивајќи многу птици и животни, но без успех, па решил зборовите да ги побара во реката Туонела. Преку реката го префрлила ќерката на господарите на подземниот свет, но господарката го заспала, со намера да го задржи засекогаш во подземниот свет. Сепак, Вејнемејнен го променил обликот и успеал да излезе. Некој старец му кажал на Вејнемејнен дека волшебните зборови може да ги најде кај џинот Антеро Випунен. Бидејќи патот до него бил обложен со игли, мечеви и секири, Вејнејемнен побарал од Илмаринен да му направил железни обувки и облека. Кога пристигнал кај Антеро, Вејнемејнен му влегол во устата, а потоа во утробата му направил ковачница и така го вознемирил џинот, кој бил принуден да му ги каже волшебните зборови, а потоа му дозволил да излезе од устата. Така, Вејнемејнен успеал да го доврши чамецот. Вејнемејнен заминал за Похјола за да си најде невеста, но го здогледала Аники, сестрата на ковачот Илмаринен и веднаш го предупредила за намерата на Вејнемејнен. Така, и Илмаринен тргнал на пат за Похјола. Вејнемејнен пристигнал прв, а Лоухи настојувала да ја убеди својата ќерка да се омажи за него, зашто тој носел големо богатство со себе. Меѓутоа, таа не сакала да се омажи за Вејнемејнен. Тогаш пристигнал Илмаринен кому Лоухи му поставила три задачи: да го преора змиското поле, да ги фати мечката и волкот од подземниот свет и да ја улови штуката од подземната река. Следејќи ги советите на девојката, Илмаринен ги извршил доделените задачи и така ја добил согласноста да се ожени со девојката, а Вејнемејнен се вратил дома разочаран.[8]
  • 20-25: Господарката на Похјола долго време ја подготвувала свадбата на својата ќерка при што заклала огромен бик, сварила пиво и направила многу храна. Таа поканила гости до сите земји, но не го поканила Каукомјели (Ахти). По некое време, во Похјола пристигнале зетот и сватовите, а Вејнемејнен пеел и одржал поздравен говор, додека невестата жалела поради напуштањето на родната куќа. Откако присутните им дале совети на невестата и на зетот, тие ја напуштиле Похјола и заминале кон домот на Илмаринен. Таму ги пречекале родителите на Илмаринен, заедно со насобраните гости, а на веселбата повторно пеел Вејнемејнен. По завршувањето на веселбата, тој тргнал кон неговиот дом, но патем му се скршила санката така што по вторпат морал да слезе во подземниот свет за да земе алат за поправка на санката.[9]
  • 26-30: Ахти дознал за свадбата и решил да замине во Похјола, но мајка му го одвраќала, предупредувајќи дека патем го чекаат неколку смртни опасности. Меѓутоа, бестрашниот Ахти заминал на пат и успешно ги совладал пречките - огнениот орел, огнената јама, волкот и мечката од подземниот свет, високиот ѕид и огромната змија. Така, тој пристигнал во домот на господарите на Похјола, кои го пречекале нељубезно. Ахти и господарот на Похјола најпрвин се натпреварувле со магии, а потоа во двобој Ахти го убил противникот. Тогаш, Лоухи направила магија и го нападнала Ахти со многу војници. Ахти полетал како птица и успеал да побегне дома, а мајка му го советувала да се скрие на еден непознат, далечен остров. Ахти живеел на островот три години при што успеал да ги заведе сите жени и девојки. Еден ден, тој решил да се врати дома, патем го зафатила бура, но тој успеал да доплива до брегот, каде му помогнала една жена. Кога се вратил дома, тој ја нашол родната куќа разурната, а мајка му била скриена во шумата. Тогаш, Ахти решил да се одмазди, но Лоухи му пратила силен мраз. Сепак, Ахти успеал да го совлада мразот, но потоа, тој и неговиот помошник заглавиле во северните шуми. Сепак, со помош на магија, Ахти создал коњи со кои се вратиле дома.[10]
  • 31-36: Браќата Унтамојнен и Калерво започнале кавга поради банална причина. Унтамојнен собрал војска и го уништил целиот род на Калерво при што преживеала само неговата бремена жена која Унтамојнен ја заробил како слугинка. Набргу, таа го родила синот Кулерво кој напредувал неверојатно брзо. Слушајќи го како размислува за одмазда, Унтамојнен го фрлил Кулерво в море, но тој останал жив. Потоа, Унтамојнен се обидувал да го убие детето уште неколку пати, но не успеал. Најпосле, тој го назначил за слуга и му дал различни задачи, но Кулерво секогаш ја упропастувал работата. Поради тоа, Унтамојнен му го продал Кулево на ковачот Илмаринен. Сопругата на Илмаринен го испратила Кулерво да ги пасе кравите, а во лебот му ставила камен. Сечејќи го лебот, Кулерво го скршил ножот што му останал од татко му. За да се одмазди, тој најпрвин ги повикал волците и мечките да ги изедат кравите, а потоа нив ги потерал до домот на Илмаринен. Таму, кога жената на Илмаринен се обидела да ги измолзе кравите, волците и мечките се нафрлиле на неа и таа умрела. Тогаш, Кулерво избегал во шумата, а во меѓувреме, Илмаринен открил дека жена му е мртва. Кулерво посакал да се врати во домот на Унтамојнен за да се одмазди за смртта на родителите, но една старица му кажала дека тие се живи и дека живеат во северната земја. Кулерво ги пронашол родителите и дознал дека неговата сестра исчезнала. Еднаш, Кулерво грабнал непозната девојка со која водел љубов, но потоа дознал дека таа била неговата изгубена сестра. Од срам, сестра му се убила, скокајќи во водопад, а тој посрамен се вратил дома и решил да војува против Унтамојнен. При разделбата со семејството, само мајка му изјавила дека ќе тагува, ако тој погине во битката. На патот кон Унтамојнен, Кулерво добил вести за смртта на целото негово семејство, но тој тагувал само по мајка му. Откако го уништил целиот род на Унтамојнен, Кулерво се вратил дома и ја оплакувал смртта на мајка си, а потоа заминал на местото каде ја обљубил сестра си и таму извршил самоубиство.[11]
  • 37-41: Илмаринен тагувал поради смртта на сопругата, а потоа направил жена од злато и сребро. Кога сфатил дека таа не може да ја замени умрената жена, тој му ја подарил на Вејнемејнен, но тој го одбил подарокот. Така, Илмаринен ја фрлил златната жена и заминал во Похјола за да ја испроси втората ќерка на Лоухи. Кога таа го одбила, Илмаринен ја грабнал девојката, меѓутоа таа не сакала да се омажи за него и поради тоа ја претворил во галеб. Вејнемејнен го наговорил Илмаринен да заминат во Похјола за да го грабнат Сампо, а патем им се придружил и Ахти. Кога излегле на отворено море, чамецот престанал да плови, зашто заглавил на грбот на една џиновска штука. Вејнемејнен ја убил штуката, откако претходно не успеале Ахти и Илмаринен и од нејзините коски го направил инструментот кантеле (еден вид финска гусла. Меѓутоа, никој не бил способен да засвири на него, а кога почнал да свири и да пее Вејнемејнен, сите луѓе, животни и божества со восхит ја слушале неговата песна. Притоа, сите луѓе почнале да плачат, заедно со Вејнемејнен, а неговите солзи потонале во морето. Кога една водна птица ги собрала неговите солзи, тие биле претворени во бисери.[12]
  • 42-44: Дружината на Вејнемејнен пристигнала во Похјола, но Лоухи не сакала да го даде Сампо и повикала многу вооружени луѓе. Затоа, Вејнемејнен со песна го заспал целиот народ во Похјола, а потоа го грабнал Сампо. На патот кон родниот крај, наспроти советите на Вејнемејнен, Ахти не може да се воздржи и силно запеал, а неговиот глас го слушнала една чапја, која го разбудила народот во Похјола. Тогаш, Лоухи им испратила густа магла, но Вејнемејнен успеал да ја разреди; потоа, Лоухи го испратила водното чудовиште, но Бејнемејнен го совладал; најпосле, Лоухи го повикала богот Уко да направи силна бура, но повторно, дружината успеала да се спаси, иако кантелето пропаднало во морето. Тогаш, Лоухи собрала војска и тргнала во потера по бродот на Вејнемејнен. За да ги запре напаѓачите, со помош на магија, Вејнемејнен создал карпа во морето и така го скршил бродот на Лоухи. Таа се претворила во џиновска птица и го пристигнала бродот на Вејнемејнен, а во меѓусебната борба, Сампо се распарчил и пропаднал во морето. Сепак, неколку остатоци од Сампо дошле на брегот и Вејнемејнен прорекол дека тие ќе се размножат и ќе ѝ донесат богат род на Финска. Лоухи, пак, се вратила несреќна во нејзината земја, во која оттогаш владеела беда. Илмаринен направил гормоно гребло со кое Вејнемејнен го пребарал морското дно, но не успеал да го најде кантелето. Затоа, тој направил ново кантеле од кората на бреза, а косата на една девојка му послужила како жици. Кога засвирил, се собрале сите луѓе и животни, кои воодушевено го слушале.[13]
  • 45-49: Кога разбрала за благосостојбата во Калевала, завидливата Лоухи го замолила Уко да им испрати смрт на луѓето во Калевала. Тогаш, една старица од Туомела останала бремена и следејќи ја поуката на Уко, таа се породила во домот на Лоухи. Нејзините деца станале носители на разни болести кои ја нападнале Калевала, но Вејнемејнен успеал да ги излечи луѓето. Тогаш, Лоухи ја испратила мечката да им ја напаѓа стоката на жителите на Калевала, но Вејнемејнен отишол во шумата и ја уловил мечката, со што повторно ги спасил луѓето. Потоа, Лоухи ги заробила сонцето и месечината и на луѓето им го зела огнот, па така насекаде завладеал мрак. Богот Уко создал оган за да свети на небото, но огнот паднал на земјата. Вејнемејнен и Илмаринен тргнале во потрага по огнот и притоа ја сретнале Илматара, која им раскажала дека огнто направил голема штета и дека пропаднал во едно езеро, каде го проголтале рибите. Вејнемејнен и Илмаринен направиле мрежа за да го фатат огнот, но не успеале. Тогаш, Вејнемејнен им кажал на луѓето да посадат лен и така направиле подобра мрежа. Со помош на божествата, Вејнемејнен го уловил огнот, но тој побегнал при што на Илмаринен му нанесол големи изгореници. Вејнемејнен тргнал во потрага по огнот, го пронашол и така на луѓето им донел оган и светлина во домовите. Во меѓувреме, Илмаринен исковал ново сонце и млада месечина, но тие не се светеле. Вејнемејнен заминал во Похјола и таму ги пронашол, но тие биле заклучени и не можел да ги земе. Затоа, тој се вратил дома и му порачал на Илмаринен да му искова соодветен алат за да ги земе сонцето и месечината. Тогаш, Лоухи, претворена во јастреб, го посетила Илмаринен, кој ѝ се заканил, па затоа, таа ги ослободила сонцето и месечината.[14]
  • 50: Во последната песна се пее за чистата и непорочна девојка Марјата која забременила така што проголтала шумска јагода. Мислејќи дека направила грев, нејзините родители ја избркале, а лошиот човек Руотус не ѝ дозволил да се породи во неговата бања. Така, таа го родила синот во една коњушница во шумат. Детето веднаш исчезнало, а по долга потрага, таа го пронашла благодарение на сонцето кое ѝ кажало каде се наоѓа детето. Пред неговото крштевање, детето требало да се прегледа, а тоа го направил Вејнемејнен, кој предложил детето да се исфрли или да се убие. Кога детето му ги споменало неговите гревови, Вејнемејнен се засрамил, заминал на морскиот брег, ја испеал последната песна, со магија направил брод и исчезнал некаде на границата меѓу морето и небото. Тука пејачот го завршува пеењето, повикувајќи ги идните поколенија да ја продолжат песната.[15]

Ликови уреди

Централното место во „Калевала“ го заземаат тројцата главни ликови: Вејнемејнен, Илмаринен и Леминкајнен. Вејнемејнен е наречен „вековен песнопеец“ и „вечен моќен чудотворец“. Илмаринен го носи епитетот „ковач вековечен“, зашто тој го исковал небото без ниту еден раб. Леминкајнен најчесто е опишан како „млад“, „бодар“ и „лекомислен“. Поради неговата непромисленост, тој погинал, но од подземниот свет го вратила неговата истрајна мајка. Ваквиот случај е многу редок во целата светска поезија и може да се спореди со татарската легенда за девојката Кубајко која го спасила братот од пеколот, како и со хавајската приказна за Хику и Кавела во која вљубеното момче ја украл душата на саканата девојка од подземниот свет, а потоа ја оживеал. Вејнемејнен и Илмаринен се митски ликови, еден вид титани, кои имаат човечки лик, но често покажуваат божествени способности. Всушност, Вејнемејнен има божествено потекло, зашто тој е син на Илматара, „ќерката на воздухот“. Неговото раѓање има митско потекло, зашто мајка му го носела во утробата неколку години, пловејќи по морето. Вејнемејнен се одликува со необична дарба за пеење, а тој е творец и на музичкиот инструмент кантеле при што со своите песни ги маѓепсува луѓето, животните, па дури и божествата. Илмаринен, пак, „се родил и пораснал на планината полна со јаглен“, но во песната не се споменуваат неговите родители, иако на неколку места се наведува дека тој му е брат на Вејнемејнен. Илмаринен е вешт ковач и творец на чудотворната машина Сампо, која е извор на вечна благосостојба. Леминкајнен ги нема способностите на претходните двајца, но и тој вешто се служи со магија. Сепак, наспроти натчовечките својства, овие ликови не се секогаш семоќни, туку често бараат помош од врховниот бог Уко. Уште почудно е тоа што, тие не се способни да си обезбедат лична среќа. На пример, кога Вејнемејнен ја запросил девојката, таа скокнала во водата, зашто не сакала да се омажи за старец; Илмаринен успеал да се ожени, но неговата жена умрела; потоа, тој ја грабнал сестрата на сопругата, но таа веднаш го изневерила со дриг маж, па затоа тој ја претворил во галеб; И Лемијкајнен бил изневерен од сопругата и поради тоа тој станал љубовник на сите девојки и жени кои ќе ги сретнел. И покрај направените добри дела, тројцата главни ликови не добиваат никакво признание од народот, туку напротив, „Калевала“ се одликува со необичен крај во кој наеднаш за Илмаринен и Вејнемејнен повеќе не се зборува, додека големиот мудрец Вејнемејнен е надмудрен од необичното дете, па засрамен заминува на крајот од светот, порачувајќи: „ќе помине ова време / ден по ден деновите течат / и мене повторно ќе ме викнат / да изградам ново сампо / да создадам ново кантеле / повторно да ја создам Месечината / да го пуштам Сонцето на слобода / зашто без Сонцето и Месечината / радост во светот нема“.[16]

Исто така, во „Калевала“ се присутни и неколку споредни ликови од кои највпечатлив е сиромашниот бездомник Кулерво, кој обесчестува девојка за која малку подоцна дознава дека е неговата исчезната сестра. Бидејќи не може да живее со сознанието за направениот грев, тој извршува самоубиство на местото каде го извршил инцестот. Во согласност со времето кога се создадени руните во „Калевала“, женските ликови се малубројни и имаат споредна улога. Меѓу нив, особено се истакнува мајка му на Леминкајнен, која не може да се помири со веста за смртта на нејзиниот син и го враќа од подземниот свет. Исто така, во епосот е присутна и Лоухи, злобната господарка на северната земја. Во епот се среќаваат и разни божества, но тие се опишани бледо и неуверливо, а тоа особено се однесува на врховниот бог Уко. Доста е пластичен описот на подземниот свет Туонела, како и на волшебникот Випунен, но најоригинална е епизодата од почетните пеења во која се опишува постанокот на светот. Оваа епизода нема никакви заеднички црти со библиската претстава за создавањето на светот, а одредеи елементи од неа можат да се пронајдат во некои африкански и азиски митови.[17]

Осврт врз делото уреди

Потеклото на епосот е спорно: некои истражувачи (на пример, Берски) сметаат дека повеќето од руните настанале во средниот век на источниот брег од Балтичкото Море, и тоа под влијание на католицизмот; од друга страна, во делото се застапени бројни елементи од шаманизмот, пагански елементи итн. „општи места“, а сето тоа наведува на индоиранското потекло на епосот; подоцна, големо влијание врз епот извршиле викиншките саги, со што уште повеќе се усложнува неговото потекло.[18]

Во последната песна од „Калевала“, на примитивен начин е воведена нова личност - детето-мудрец. Се претпоставува дека оваа песна настанала во времето кога финскиот народ дошол во допир со христијанството, но сè уште не го разбрал и не го прифатил. Затоа, мотивот во ова пеење е замаглен и нејасен. Веројатно, народниот пејач барал начин да се ослободи од стариот херој, народниот водач Вејнемејнен, кој заминал некаде на границата меѓу небото и морето, но истовремено ја оставил можноста неговото повторно враќање.[19] Симболиката на необичниот крај на „Калевала“ останува нејасна, но можеби претставува приговор на паганското време со старите херои кон новото, христијанско време, олицетворено во безимениот син на безгрешната Марјата.[20]

„Калевала“ се одликува со стихови полни со паралелизам и со специфични рими при што римата најчесто е ставена таму каде што е поентата. Исто така, во делото се користат „синонимни варијации“, а стиховите се флексибилни, иако во нив доминира мирниот ритам на трохејот. Јазичниот израз е исклучително синтагмичен и често, само со една реченица ја осветлува целата појава. Интензитетот на внатрешниот колорит се менува според психологијата на личноста и според специфичноста на ситуацијата. Исто така, народниот пејач се покажал со мајсторско водење на дејствието, во преплетувањето на настаните и во градењето на заплетот, а често се присутни хиперболите. Најпосле, од посебна вредност е присуството на бројни афоризми во епот, како: „Не се прашува кој е помлад а кој постар, туку кој има повеќе знаење“, „Своите ниви се најдобри и своите житници најмили“, „Добрата песна не е долга, убавата песна е со малку зборови“, „Подобро мудроста да се зачува отколку да се престане во средината“, „Кој пие - ќе се опие, од пијанството зло настанува“, „Среде несреќа не се плаче, тагата ништо не помага кога ќе настапат тешките денови“ итн.[21]

Значење и влијание уреди

„Калевала“ одиграла силното влијание, кое придонело за националното будење, кое довело до остварување на независност на Финска и ослободување од Русија во 1917 година.[22] Ова дело одиграло голема улога во формирањето на финскиот јазик и на финската култура, воопшто. Постепено, тоа станало предмет на бројни истражувања (од Карл Крон со модерните калевалолози (Едуард Гумерус, Марти Хаавио, Ричард Берк итн.) со помош на различни методи, од историскиот до митолошкиот.[23]

„Калевала“ извршила големо влијание врз финските романтичари: Бергбом, Киви, Ерко итн. Под нејзино влијание, во Естонија настанал епот „Калевипоег“. Гете имал високо мислење за епот, а Александар Блок бил вљубен во него. Неговото влијание е очигледно и кај современите фински поети, како: Хемерлајнен, Кајава, Хелакоски и Вала. Делото било главен извор на инспирација на сликарот Гален Калела, за композиторот Јан Сибелиус, како и за многу современи фински музички групи, како Аморфис и Тенхи.[24][25][26]

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. national epic
  2. „Epic“. Архивирано од изворникот на 2020-03-03. Посетено на 2020-03-31.
  3. Epic Finland
  4. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-12.
  5. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 13-31.
  6. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 32-59.
  7. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 60-91.
  8. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 92-121.
  9. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 122-170.
  10. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 171-205.
  11. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 206-237.
  12. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 238-261.
  13. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 262-280.
  14. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 281-310.
  15. Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 311-318.
  16. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 330-332.
  17. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 332-333.
  18. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 328-329.
  19. „Kratka objašnjenja“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 327.
  20. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 332.
  21. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 333-335.
  22. „Kalevala“. Архивирано од изворникот на 2020-04-28. Посетено на 2020-03-31.
  23. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 328.
  24. Radoslav Josimović, „Kalevala“, во: Kalevala. Beograd: Rad, 1964, стр. 329.
  25. „kalevalaseura“. Архивирано од изворникот на 2020-05-15. Посетено на 2020-03-31.
  26. [1]