Кажимјеж Игнаци Нич (полски: Kazimierz Ignacy Nitsch; 1 февруари 1874 во Краков26 септември 1958 во Краков) — полски јазичар, славист, историчар на полскиот јазик, дијалектолог. Бил еден од основачите на Друштвото на љубителите на полскиот јазик (Towarzystwo Miłośników Języka Polskiego) и во периодот 1919–1958 г. управувал со друштвото „Полски јазик“. Во 1901 година започнал дијалектолошки истражувања во Кашубија. Бил претседател на Полската академија на науките.

Кажимјеж Игнати Нич
Кажимjеж Нич го слуша шивачот Људвик Шикора и го запишува јаблунковиот дијалект
Роден(а)1 февруари 1874(1874-02-01)
Краков, Австроунгарија
Починал(а)26 септември 1958(1958-09-26) (возр. 84)
Краков, Полска
Алма матерЈагелонски универзитет

Животопис уреди

Се школувал во гимназијата „Света Ана“. Во 1903 година добил стипендија од Академијата на знаењата и заминал на студии во Прага и во Париз. По враќањето во 1904 година, почнал да ги истражува померанските дијалекти. Во 1908 година бил хабилитиран под менторство на Јан Розвадовски врз основа на трудот Сродствените односи помеѓу лехицките јазици (Stosunki pokrewieństwa języków lechickich). Во 1911 година станал вонреден професор на Јагелонскиот универзитет, каде што работел со Јан Лош. Во 1917 година преминал на универзитетот „Јан Кажимјеж“ во Лавов и таму го зазел местото на професор по полски јазик, но во 1920 година се вратил на Јагелонскиот универзитет за да ја прифати позицијата на професор по словенска филологија, напуштена од Јан Лош, а по смртта на Лош во 1928 година и катедрата по полски јазик.

Припаѓал на водечките полски научни академии – Полската академија на знаењата (1911 – дописен пчен; 1924 – активен член), Полската академија на науките (1952 – полноправен член), Варшавското научно друштво (1932 – обичен член). Бил експерт на полската делегација на Париската мировна конференција во 1919 година, каде што се занимавал со географските и етнографските прашања. Во 1939 г. се пензионирал. На 6 ноември 1939 година бил уапсен во рамките на Sonderaktion Krakau и затворен во концлогорот Захсенхаузен (Sachsenhausen), од каде што бил ослободен во февруари 1940 година.

Во периодот 1946–1952 г. ја извршувал функцијата претседател на ПАЗ. Од 1952 година бил полноправен член на ПАН. Во периодот 1952–1957 година бил потпретседател на ПАН, а во периодот 1952–1958 година бил член на нејзиниот президиум. По војната, бил член на Комисијата за определување на називите на месностите (Komisjа Ustalania Nazw Miejscowości).

Личен живот уреди

Бил син на Максимилијан Нич. Се оженил со Ањела Грушецка, писателка, ќерка на Артур Грушецки, писател и новинар. Братучед му бил Роман Нич, микробиолог, член на Полската академија на знаењата (ПАЗ).

Познати дела уреди

  • Говорот на полскиот народ (Mowa ludu polskiego, 1911)
  • Дијалектите на полскиот јазик (Dialekty języka polskiego , 1915)
  • Јазичен атлас на полското Поткарпатие (Atlas językowy polskiego Podkarpacia, 1934, заедно со Мјечислав Малецки)