Кадина Река — река во Македонија, десна притока на реката Вардар.[1] Нејзината должина изнесува 34 километри, а сливното подрачје зафаќа површина од 184 км2.[2] Извира високо на планината Јакупица и протекува помеѓу планините Голешница и Китка на масивот Мокра Планина, помеѓу околините на градовите Скопје (југоисточно) и Велес (северозападно).

Кадина Река
Местоположба
Физички особености
УстиеВардар Македонија Македонија
 • надм. вис.
212 м
Должина34 км
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море

Течение уреди

 
Кадина Река кај Гумалево

Кадина Река извира во месноста Јуручка Карпа на надморска височина од 2100 метри на источната страна на масивот на Мокра Планина[3]. Високо во изворишинот дел каде што се спојуваат четирите бујни, брзи и бистри речни потоци Јуручица, Алиагица, Салаковска Река и самиот истек од изворот на Кадина Река, таа го добива својот главен тек кој во целост е со изразит планински карактер. Во горното течение Кадина Река протекува во правец југ-север, а од селото Алдинци па сè до утоката во Вардар, односно во средното и долното течение протекува во правец запад-исток. Кадина Река има повеќе притоки, но нивниот распоред е асиметричен, бидејќи бројот на притоките од десната осојна страна е поголем[3], а од левата страна се влева само една река. По своето течение од десната страна прима вода од притоките Пештерска и Дејковска Река[3]. Кај селото Добрино во Кадина Река се влева нејзината десна, а воедно и најголема притока Мала Река. Единствената лева притока на Кадина Река е Салакова Река. Течејќи низ клисурест карпест предел се влева во реката Вардар во близина на селото Смесница. Вдолж целото течение (а особено во горниот дел) на Кадина Река може да се најде познатата македонска речна пастрмка, која природно се мрести и живее во оваа река. Поради длабочината која ја има Кадина Река во нејзиниот долен тек, а која достигнува од 2 до 4 метри, таа во летниот период е често посетена од капачи и рибари.

Потекло на името и други имиња на Кадина Река уреди

 
Водите на Кадина Река

Според истражувањата на македонски јазичари името Кадина Река е хибридно и потекнува од првичната форма Кадијина Река составена од турскиот збор (со арапско потекло) кадија и македонскиот река[4]. Оттаму значењето на името Кадина Река може да се протолкува како 'река која му припаѓа на кадијата, односно река крај која живее кадијата[4]. Македонските јазичарички проучувања на потеклото на името на Кадина Река претпоставуваат дека можно е Турците да ја викале оваа река Кади Дере, за што нема никакви пишани историски податоци. Околу потеклото на името Кадина Река може да се истражува и понатаму имајќи предвид дека топоними кои ја содржат придавката кадин/а/о има многу не само во Македонија (селата Кадино (Скопско), Кадино Село (Прилепско), Кадиново (Воденско)), туку и во Бугарија (Кадин Мост на реката Струма), Србија (село Кадина Лука), Босна и Херцеговина (Кадињача), Хрватска (село Кадина Главица), па дури и во Русија (село Кадино во Смоленската област), во тој контекст имињата може да се поврзат и со старословенската именка и глагол кад, кади (чад, чадење), но од друга страна поголемиот дел од овие земји биле под османлиско ропство што упатува и на тоа дека овој топоним потекнува и од зборот кади(ја) (судија, чиновник).

Во јазичаричките истражувања за потеклото на името на Кадина Река, се наведува дека таа во повеќе извори (дела и географски карти на балканските географи и истражувачи) се среќава и под други имиња како Смесница, Тисовица и Тополница[4]. Во истражувањата се заклучува дека во минатото горното течение на Кадина Река го носела името Тисовица со потекло од тисовото дрво (лат.Taxus baccata), а во долниот тек го носела името Смесница со значење на место каде се смешуваат две реки (водите на Вардар и Кадина Река)[4]. Денес Кадина Река низ целиот нејзин тек се именува како Кадина Река[4], а овие имиња ги носат села кои и денес постојат по нејзиното течение. Во денешно време покрај Кадина Река на нејзиниот лев брег постојат селата Тисовица и Смесница.

Хидро-географски одлики на Кадина Река уреди

Изворишниот дел на Кадина Река лежи на надморска височина 2100 метри, а утоката во Вардар на 212 метри, при што Кадина Река има пад од 1888 метри, односно 55,5 метри по километар[3]. Според овие податоци Кадина Река се вбројува во реките со најголем пад во Македонија. Кадина Река и нејзините притоки имаа голем пад и поради тоа брзо течат, поради што често се забележителни камените блокови во водотеците. Јачината на водотеците е колеблива. По дождови и топењето на снеговите водата бргу се слива и го покачува водостојот, додека во лето Кадина Река има низок водостој, а дел од нејзините притоки речиси пресушуваат[3]. Соседни речни сливови на Кадина Река се Маркова Река на север и Тополка на југ, сите притоки на Вардар.

Водостопански можности на Кадина Река уреди

Кадина Река е една од рекитe во Македонија со најголема чистота на водата. Неколкупати се донесувани планови за искористување на нејзините водостопански можности и потенцијали. Во педесеттите години на XX век, тогашната Драчевска општина направила план за поврзување на водите на Кадина Река со Маркова Река за наводнување на 3000 хектари земјоделско земјиште во полето околу Драчево[5]. Овој план за поврзување на водите на Кадина и Маркова Река предвидувал два начина за остварување на потфатот: преку прокопување на тунел долг 1,200 метри или преку системот на канали по еохипси со благ и природен пад на водите[5]. Поради малубројната населеност на нејзината долина на што се должи чистината на нејзината вода, во осумдесеттите години на XX век, во план била изградба на вештачка акумулација во нејзиниот горен тек помеѓу селата Алдинци и Палиград, која требала да се користи за вода за пиење за градот Скопје, наводнување и за потребите на фабриката ОХИС. Изградба на вештачко езеро на Кадина Река, со намена за наводнување и водоснабдување на Скопското Поле, е предвидена и во Просторниот план на Република Македонија за периодот 2002-2020. Според просторниот план е предивдена изградба на брана (акумулација) на Кадина Река кај селото Палиград со акумулационо езеро помеѓу селата Палиград и Гумалево[6], со волумен од 27,0 милиони кубни метри вода, од кои 25 ќе се користат за водоснабдување, наводнување, енергетика, контрола на поплави, оплеменување и задршка на наноси[6].

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Cvijić, Jovan (1906). Osnove za geografiju i geologiju Makedonije i stare Srbije: S promatranjima u juznoj Bulgarsoj, Trakiji, susednim delovima Male Azije, Tesaliji, Epiru i severnoj Arbaniji, Band 1. Državna štamparija Kraljevine Srbije.
  2. „РИБОЛОВНА ОСНОВА ЗА "СЛИВ НА ВАРДАР - СРЕДНО ТЕЧЕНИЕ" ЗА ПЕРИОД 2011 - 2016. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. стр. 4“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2013-02-17.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет на универзитетот - Скопје. Скопје, 1952 г. стр. 7
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Станковска, Љубица. Кадина Река и нејзините притоки (3. изд.). Скопје: Литературен Збор.
  5. 5,0 5,1 „Ќе се спои Кадина со Маркова Река“ 24.3.1957 - рубрика Ретро на весникот „Нова Македонија“ бр.22239, четврток, 24.3.2011 (печатено издание)
  6. 6,0 6,1 Просторен план на Република Македонија 2002-2020. Влада на Република Македонија, Скопје, 2004, стр. 45 (табела 25)

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди