Изопштување

нечие отстранување од врска заедница

Изопштување (или екскомуникација) — чин на исклучување од верската заедница.

Замислен приказ на папата Григориј VII како го изопштува царот Хајнрих IV

Формулата за изопштување во католичката црква уреди

Во западноверопската црковна книжевност, формулата за изопштување ја составил рочестерскиот епископ Ернулф на почетокот од XII век и таа е составен дел од т.н. „Рочестерски текст“.[1] Формулата гласи: „Во името на семоќниот Бог, Отецот, Синот и Светиот дух, и сите светци, светата и непорочна Богородица Дева Марија и сите небесни сили, ангели, архангели, престоли, господства, владиченства, херувими и серафими, и патријарси, пророци и сите свети апостоли и евангелисти, и светите праведници, кои се единствените достојни да ја пеат пред лицето на Јагнецот новата песна, и светите маченици, и светите исповедници, и светите девици, и сите свети избраници божји, - го изопштуваме овој злосторник и грешник, и те анатемисуваме и те протеруваме од светата црква на семоќниот Бог, за да биде предаден на вечни маки со Дафан и Авирон и со сите кои му велат на Господ Бог: „остави нè, зашто ние не сакаме да ги знаеме твоите патишта“. И како што огнот се гаси со оган, така нека изгасне светлоста негова во веки веков, ако тој не се покае и не ја поправи својата вина. Амин.[2]

Нека е проклет од Бога-Отецот, кој го создаде човекот! Нека го проколне Синот божји кој страдаше за нас! Нека е проклет од Светиот Дух кој ни е испратен за време на светото крштение! Нека е проклет од светиот крст, на кој заради нашето спасение се искачи Христос, кој триумфира над својот непријател! Нека е проклет од света Богородица и Дева Марија! Нека е проклет од свети Михаил, бранителот на светите души! Нека го проколнат сиет ангели и архангели, начелата и властите и сите војски небесни! Нека го проколнат сите преславни патријарси и пророци! Нека го проколне свети Јован, Христовиот претеча и крстител! Нека го проколнат свети Петар и свети Павле, и свети Андрија и сите Христови апостоли, и останатите негови ученици, а исто така и четворицата евангелисти, кои со својата проповед ја преобратија вселената во вистинската вера! Нека го проколне војската прекрасни маченици и исповедници кои му угодија на Бога со своите добри дела! Нека е проклет од хоровите на светите девици, кои заради Христовата слава ја презреа суетата на овој свет! Нека го проколнат сите свети кои од создавањето на светот и до крајот на светот ја задобија божјата наклонетост! Нека го проколнат небото и земјата, и сè што е свето на нив![3]

Нека е проклет, каде и да се наоѓа, - во куќата или во полето, на пат или на непроодна патека, во шумата или во водата, или во храмот! Нека е проклет за време на животот и во моментот на смртта, додека јаде или додека пие, гладен, жеден, додека пости, кога паѓа в сон, спие, додека е буден, додека оди, стои, седи, лежи, работи, се одмора, мокри, се празни и крвари! Нека е проклет однадвор и однатре. Нека е проклета косата на главата негова! Нека е проклет мозокот негов! Нека е проклето неговото теме, слепоочници, чело, уши, веѓи, очи, образи, вилици, ноздрви, заби, како предните, така и задните, усните, гркланот, рамената, рачните зглобови, прсти, уста, гради, срце, сите внатрешни органи сè до стомакот, неговите колкови и препони, гениталиите, ножните коски, нозете, и ноктите на прстите од нозете! Нека се проклети сите зглобови и спојките на одделните негови делови од врвот на главата до стапалата. Во него нека нема ништо здраво![4]

Нека е проклет од Христа, синот на живиот Бог, во целата слава на својата големина и нека стане небото против него, со сиет сили кое тоа ги придвижува, нека го проколнат и осудат, ако тој не се покае и не ја исправи својата вина! Амин! Нека биде така, така нека биде! Амин.[4]

Во една постара формула која датира од XI век, покрај клетвите на сите органи и делови од телото на изопштениот, постои и следниов текст: „Нека го проколнат сонцето и месечината, инебесните ѕвезди и птици, и рибите морски и четириножните, и тревите, и дрвјата, и секој Христов створ! Нека неговиот труп го јадат пците и дивите птици и нека не биде погребан! Господ нека испрати на него глад и жед, и гнев и маки, и несреќи и злобните ангели, додека не стигне во длабочините на пеколот, каде што е вечен мрак, непресушен оган, вечен чад, тага непрекината и каде од ден во ден расте секакво зло!“ Во продолжение се наброени клетвите на сите библиски патријарси и пророци (наброени поединечно), а формулата продолжува со зборовите: „Нека неговите синови бидат сирачиња, а жената негова - вдовица! Нека синовите негови се грчат во сиромаштија, и нека бидат прогонети од своите домови!“[5]

Текстот на изопштувањети го изговарал епископот во црквата, придружен од 12 свештеници кои во рацете држеле запалени свеќи. Откако текстот ќе бил прочитан, тие ги фрлале свеќите на земја и ги газеле со нозете, а тоа симболизирало дека изопштениот нема да ја доживее светлината на спасението. Оваа постапка се задржала до крајот на XIX век. Притоа, проучувањата покажуваат дека текстот на формулата за изопштување се надополнувал со текот на времето, при што анатемата станувала сè покрволочна, а кулминацијата ја доживеал во XII и XIII век.[6]

Наводи уреди

  1. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 324.
  2. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 326.
  3. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 326-327.
  4. 4,0 4,1 Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 327.
  5. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 328.
  6. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 329-330.