Извор (Велешко)

село во Општина Чашка
За други значења на поимот Извор, видете на појаснителната страница

Извор — село во областа Клепа, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Извор

Панорамски поглед на селото

Извор во рамките на Македонија
Извор
Местоположба на Извор во Македонија
Извор на карта

Карта

Координати 41°33′11″N 21°41′55″E / 41.55306° СГШ; 21.69861° ИГД / 41.55306; 21.69861Координати: 41°33′11″N 21°41′55″E / 41.55306° СГШ; 21.69861° ИГД / 41.55306; 21.69861
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Клепа
Население 312 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1414
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29027
Надм. вис. 320 м
Слава Свети Атанасиј
Извор на општинската карта

Атарот на Извор во рамките на општината
Извор на Ризницата

До 2004 година, селото претставувало административно средиште на поранешната истоимена општина, а служи како главно село за останатите села.

Географија и местоположба уреди

 
Станбена зграда во селото

Селото се наоѓа во областа Клепа, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна. Низ селото поминувал некогашниот прометен пат Велес-Прилеп.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 300 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 25 километри.[2]

Селото Извор се наоѓа во областа Клепа, оддалечено 25 километри југозападно од градот Велес. Тоа е специфично по изворот што се наоѓа во центарот на селото. Водата од него се користи за пиење и наводнување и таа е со константна температура од 12°С, без разлика на надворешните временски услови.

Историја уреди

 
Изворот соѕидан во малото езеро во селото, според кој селото и го носи името Извор

Селото Извор спаѓа во особено старите села во областа на Бабуна. На неговиот атар се наоѓаат остатоци од различни историски и културни древни епохи, а самото село Извор е повеќепати споменувано во пишаните средновековни документи. Првите пишани податоци за селото Извор потекнуваат од 1476 година, кога тоа било дервенџиско село со 40 македонски христијански домаќинства, чиишто жители имале имале за должност да го чуваат собраќајот и патот Велес - Прилеп[3]. Извор повторно се наведува во отоманските пописни дефтери од 1528 година со 73 и 1544 со 112 македонски христијански домаќинства[3]. Извор се споменува и во патописите на Евлија Челебија од средината на XVII век, каде тој дал опис дека селото имало македонско население и броело стотина домови, било сместено крај поток под еден брег, а во него се отседнувало во конак кога се патувало помеѓу Прилеп и Велес[3]. Во XIX век, Извор било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.

Легенда уреди

Легендата вели дека во време на турското ропство се наоѓала маслинка на местото каде што денес се наоѓа изворот. Но, еден ден дувнало силен ветер и маслинката била искорната од силниот ветер и од тоа место почнало да извира вода. Бегот на селото, кој имал куќа во близина на изворот наредил да се направи мал базен и во него да се собира водата. Но, тој уште кажал дека никој не смее да пие од таа вода и ако фати некој како пие, тој човек ќе биде погубен. Некои луѓе успеале да се напијат од водата и да се спасат, ама имало и луѓе кои биле убиени. Со населувањето на Македонци во близина на изворот дошло до протерување на големиот турски бег и неговата војска. Па така се населиле повеќе Македонци, кои со заеднички сили направиле поголем базен и од него можело да пие којшто сака. Тој базен и ден денес постои само е обновен.

Стопанство уреди

Атарот има средна големина и зафаќа простор од 16,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 791 хектар, на шумите отпаѓаат 608 хектари, а на пасиштата 373 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Населението претежно се занимава со одгледување на земјоделски производи (раноградинарски), но покрај нив се застапени и житните култури. Исто така застапено е одгледување на лозје од кое се прави вино и ракија, но за домашно производство. Голем дел од населението се занимава со одгледување на тутун.

Во близина на селото постои и истоимениот рудник за талк.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948726—    
1953790+8.8%
1961872+10.4%
1971814−6.7%
1981696−14.5%
ГодинаНас.±%
1991543−22.0%
1994506−6.8%
2002480−5.1%
2021312−35.0%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Извор имало 407 жители, од кои 370 Македонци, 7 Турци и 30 Роми.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Извор имало 488 жители, од кои 472 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 18 Роми.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци.[6]

Во 1961 година, селото Извор броело 872 жители, од кои 856 биле Македонци, 7 Турци и 4 Срби, додека во 1994 година преминало во средно село по големина со 506 жители, од кои 502 биле Македонци и четири жители Срби.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Извор живееле 480 жители, од кои 477 Македонци и 3 Срби.[7]

Селото бележи пад на бројот на население, така што преминало од голема во средна по големина населба. Денес, во селото живеат околу 450 жители кои се со македонска националност, но има и неколку Албанки кои се мажени за жители од селото.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 312 жители, од кои 281 Македонец, 2 Албанци, 1 Србин и 28 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 407 488 726 790 872 814 696 543 506 480 312
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови уреди

Селото Извор во целост е населено исклучиво со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед. Староседелски или старинечки родови во Извор се: Арсевци за нив се слуша и родовскиот прекар Дебрановци бидејќи некој нивен предок „утепал човек Дебранин“ (Албанец) , Петревци, Тошевци, Чораповци, Масини сите слават Свети Никола, Мирчевци, Мишевци слават Петковден, Гунгуловци слават Митровден[3]. Доселенички родови во Извор се: Маџаровци слават Митровден и се доселиле од некое село во Тиквеш, Кузмановци слават Св. Никола, а се доселиле од Крнино, Катинци слават Св. Никола и се доселиле од селото Крива Круша каде што им се роднини родот Шоповци, Говедаровци се доселиле од некое место и слават Митровден, а родовскиот прекар го добиле по тоа што двајца браќа од овој род, Стојан и Мане, биле селски говедари, Шавалевци слават Петковден, се доселиле од Ораов Дол, Митревци слават Св. Атанасиј, а потекнуваат од раселеното село Припор од каде најпрвин се преселиле на чифлик во Јасеново, кое откако било запалено до комитите околу 1900 г. тројца браќа од родот се иселиле во Крајници (Мирчевци), Владиловци (Леовци) и Извор од кого потекнува денешниот род, Мудуровци слават Св. Никола, се доселиле од Бистрица во 1908 година, Ајдаровци слават Св. Архангел, се доселиле на повик на Расим-бег од прилепското село Мало Коњари, Каревци слават Петковден, а се доселиле од Поменово во 1911 година, Ајдаровци се доселиле од Бистрица[3]. Помеѓу двете светски војни во периодот меѓу 1920-тите и 1930-тите во Извор се доселиле бројни македонски родови од околните велешки села во Азот според кои добиле и родовски прекари како Капиновци, Бистричани, Нежиловци, Богомилци, Оморанци, Габровчани, Мокренчани, Мартолчани, Секирчани од прилепско, а по втората светска војна се доселиле уште дваесетина македонски родови од овие села како и од други велешки во областа Клепа како Попадија, Подлес, Никодин[3].

Општествени установи уреди

 
Поштата во селото
 
Поглед кон основното училиште
  • Основно училиште „Петар Поп Арсов“ до IX одделение, подрачно училиште на ОУ „Петар Поп Арсов“[13]
  • Амбуланта
  • Дом на културата — поранешниот задружен дом
  • Пошта (1414)
Цркви[14]
Манастири

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Извор, во која покрај селото Извор, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Крњино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смилевиќ, Стари Град и Степанци. Во периодот 1950-1952 година, селото Извор било седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Стари Град и Степанци.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачко место бр. 2243 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[15]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 326 гласачи.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 310 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Поглед кон главната селска црква „Св. Атанасиј“ и црвените карпи во нејзина близина
Археолошки наоѓалишта[18]
  • Грамаѓе — населба од доцноантичко време;
  • Ѕунивер — населба неолитско време;
  • Оџовица — населба од римското време; и
  • Стара Црква — населба и некропола од римското време и средновековна црква.
Реки[19]
  • Изворчица — помала река низ селото, притока на Бабуна

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 135-136. Посетено на 16 август 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 209-211.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 120-121.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 август 2018.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Образование“. Општина Чашка. Посетено на 2 август 2018.
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 16 август 2018.
  16. „Локални избори 2017“. Посетено на 16 август 2018.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 30. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски уреди