За неколку долари повеќе

За неколку долари повеќе (италијански: Per qualche dollaro in più; англиски: For a Few Dollars More) е италијанско-шпанско-германски филм од 1965 година, во режија на Серџо Леоне. Главните улоги во филмот ги играат: Клинт Иствуд, Џан Марија Волонте, Ли Ван Клиф, Клаус Кински, Јозеф Егер итн.[1] Ова е вториот дел од трилогијата на „шпагети“ вестерн-филмови кои го прославиле Клинт Иствуд. Овој филм е еден од култните дела на „шпагети“-вестерните и се смета за класик на светската кинематографија

Содржина уреди

Во едно мало место пристигнува туѓинец кој се претставува како полковникот Даглас Мортимер (го игра Ван Клиф). Тој е ловец на уцени и го пронаоѓа, а потоа ладнокрвно го убива злосторникот по кого е распишана потерница. Истовремено, од затворот успева да побегне озглогласениот Ел Индио (го игра Волонте), кој со својата банда сее страв и трепет во Ново Мексико. Ел Индио кова план како да ја ограби банката во Ел Пасо. Полковникот ја насетува неговата намера и доаѓа во Ел Пасо, а наскоро во градот пристигнува уште еден ловец на глави, Манко (го игра Иствуд). На почетокот, полковникот и Манко се конкуренти, но на крајот се здружуваат во потерата по Ел Индио. За да го фатат бараниот злосторник, полковникот го советува Манко да стане член на бандата на Ел Индио. Полковникот и Манко ја чекаат бандата пред банката во Ел Пасо, но Ел Индио успева да ги надмудри, да ја ограби банката и да побегне. Тогаш, Манко повторно ѝ се придружува на бандата на Ел Индио, која се крие во едно мало место. Набрзо, таму доаѓа и полковникот, кој му помага на Ел Индио да го отвори сефот со парите. Ел Индио ги затвора Манко и полковникот, а истовремено прави план како да ги земе парите само за себе. Поради тоа, тој ги ослободува полковникот и Манко, потоа убива неколку члена на бандата и за тоа ги обвинува бегалците, а потоа ја испраќа бандата по нив, со надеж дека полковникот и Манко ќе ги убијат. Но, на неговот големо изненадување, Ел Индио открива дека Манко и полковникот му го зеле пленот. На крајот од филмот, полковникот и Манко ги убиваат сите членови на бандата, а во меѓусебниот двобој, полковникот го убива Ел Индио и тогаш се открива неговиот мотив: своевремено, Ел Индио ја силувал неговата сестра. Најпосле, полковникот си заминува, а Манко ги собира телата на убиените злосторници и оди да си ја собере наградата од распишаната потерница по нив.

Наводи уреди