За грст долари (италијански: Per un pugno di dollari) — италијанско-шпанско-германски филм од 1964 година, во режија на Серџо Леоне. Сценариото е дело на Адријано Болцони, Виктор Андре Катена, Серџо Леоне и Џејми Комас Џил. Главните улоги во филмот ги играат: Клинт Иствуд, Џан Марија Волонте (како Џон Велс), Маријан Кох, Волфганг Лукши, Хосе Калво, Антонио Прието, Јозеф Егер (како Џо Еџер) итн.[1] Музиката за филмот ја компонирал Енио Мориконе. Ова е првиот дел од серијата неколку „шпагети“ вестерн-филмови кои го прославиле Клинт Иствуд.

Содржина уреди

Еден осамен револвераш по име Џо (го игра Иствуд) пристигнува во мексиканското гратче Сан Мигел, кое се наоѓа на границата со САД и веднаш се спријателува со сопственикот на локалната кафеана, Силванито. Тој дознава дека во градот владеат две банди: едната предводена од Џон Бакстер (го игра Лукши), а другата под водство на суровиот Рамон Рохо (го игра Волонте). Во една престрелка, Џо убива четворица од бандата на Бакстер и затоа, добива покана да ѝ се придружи на групата на Рохо. Така, тој одлучува да работи истовремено за двете банди со цел да ги раскара при што заработува многу пари. Притоа, тој успева да ја ослободи убавата жена Марисол (ја игра Кох) која е заробена од Рамон. Меѓутоа, неговата двојна игра е откриена и Џо е брутално претепан. Сепак, додека луѓето на Рамон се пијанат, Џо успева да избега од заробеништвото, а потоа, засолнет надвор од градот, со помош на барменот Силванито (го игра Калво) се опоравува. Бидејќи не е целосно подготвен за борба, Џо изработува челичен оклоп и го предизвикува Рамон на двобој. Рамон неколкупати успева да го погоди, но не може да сфати зошто Џо не умира. Потоа, Џо смртно го ранува Рамон и тогаш му ја открива тајната на оклопот. Откако го ослободува малото место од двете банди, Џо си заминува во непозната насока.[2]

Наводи уреди

  1. РТС, За шаку долара (пристапено на 10.12.2020)
  2. „За грст долари“, Програма февруари 2015, Кинотека на Македонија.