Заработка (добивка или профит) — остатокот од вредност стекната во деловното работење по покривањето на сите трошоци. Највообичаениот прост пример е разликата помеѓу куповната и продажната вредност на доброто во трговијата.[1] Точниот метод на пресметување на заработката се разликува меѓу сметководителите и економистите.

Само на краток рок, фирмата на совршено конкурентен пазар може да оствари економски профит

Заработката како економска категорија уреди

Според Алфред Маршал, заработката го претставува нето-приходот на претприемачот, т.е. разликата меѓу приходот од продажбата и сите трошоци во работењето, вклучувајќи ги и каматата на вложениот капитал, осигурувањето за ризикот од неуспех и надоместот на менаџерите.[2] Притоа, економската добивка се разликува од сметководствената добивка по тоа што првата се пресметува како разлика меѓу приходот од продажбата и економските трошоци (експлицитните и имплицитните трошоци). Бидејќи економските трошоци се поголеми по својот опфат од сметководствените трошоци, економската добивка по правило е помала од сметководствената. На пример, ако еден претприемач заработи 60 000 долари, а неговите трошоци за плати, закупнина на просторот и слично изнесуваат 40 000 долари, тогаш сметководствената добивка е еднаква на 20 000 долари. Меѓутоа, на експлицитните трошоци економистите ги додаваат и имплицитните трошоци, на пример, платата што претприемачот би можел да ја оствари ако се вработи. Така, ако таа плата изнесува 25 000 долари, тогаш економските трошоци во овој пример изнесуваат 65 000 долари, а тоа значи дека економската добивка е негативна, односно претприемачот остварува загуба од 5 000 долари.[3]

Заработката како сметководствена категорија уреди

Заработката во финансиите уреди

Аритметичка и геометриска стапка на поврат уреди

Во финансиите, заработката е претставена преку стапката на враќање (rate of return), која може да се пресмета како аритметичка (дискретна) стапка на поврат и геометриска (континуирана) стапка на поврат. Притоа, ако се занемари исплатата на дивидендата, аритметичката стапка на поврат (rt) се пресметува како:[4]


rt = (Pt - Pt-1) / Pt-1)


Геометриската стапка на поврат (Rt) се пресметува како:

Rt = ln[(Pt - Pt-1) / Pt-1)]

Геометриската стапка на поврат се одликува со следниве предности:[5]

  • таа може да се претстави како нормална веројатносна распределба и тоа не бара постоење негативни цени на финансиските средства, додека ако аритметичката стапка се претстави како нормална распределба на веројатноста, тоа подразбира дека цените на финансиските инструменти можат да имаат и негативни вредности, што е економски невозможно,
  • геометриската стапка на поврат лесно овозможува пресметување на стапката на поврат за повеќе временски периоди. На пример, стапката на поврат за два месеци е збир на стапките во првиот и во вторито месец. Ваквата декомпозиција е отежната кај аритметичката стапка на поврат.

Сепак, ако стапките на поврат се ниски, тогаш двете стапки имаат слични вредности, односно геометриската стапка е слична на аритметичката.[6]

Други мерки на заработката во финансиите уреди

Во финансиите, често сметководствениот профит (добивка) се приспособува за преземениот ризик. На пример, една таква мерка на заработката е RAROC (Risk adjusted return on capital) која се добива така што сметководствената добивка се дели со износот на алоцираниот капитал за покривање на очекуваната загуба. На пример, ако на средства во износ од 100 милиони денари е остварена добивка од 10 милиони денари, а капиталот за покривање на очекувана загуба со интервал на доверба од 99% изнесува 28 милиони денари, тогаш RAROC е еднаков на: 10 / 28 = 36%.[7]

Наводи уреди

  1. „заработка“ - Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 294.
  3. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 178-179 и 223.
  4. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 76.
  5. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 78.
  6. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 78-79.
  7. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 77.