Записи од подземјето

Записи од подземјето (руски: Записки из подполья) — роман на рускиот писател Фјодор Михајлович Достоевски, првобитно објавен во 1864 година.

Cover of Russian-language reprint from 1866.
Корица на Записки из подполья препечатена 1866.

Содржина уреди

Романот, напишан во прво лице, се состои од два дела: Подземје (со 11 глави) и По повод мокриот снег (10 глави).
Во првиот дел на романот е претставен главниот лик, но, во најголем дел, тој претставува филозофско-социолошко-психолошка расправа за околностите кои довеле до формирање на неговите карактерни црти. На почетокот, авторот на записите се претставува, кажувајќи некои основни информации за себе (дека е на возраст од околу 40 години, работи како службеник, растел без родители, носи лоши спомени од своето школување, дека е сиромашен, живее осамен и повлечен живот итн.). Во продолжение на овој дел се расправа за неколку теми, како:

  • лицемерието на луѓето од пониските слоеви, кои им се умилкуваат на помоќните од нив, но се однесуваат безмилосно кон оние што зависат од нив;
  • фрустрациите на образованите луѓе, кои знаат многу нешта од книгите, но се инертни и неспособни за практична работа;
  • негативните ефекти на сиромаштијата врз карактерот на човекот;
  • неможноста човекот да се направи подобар преку образованието;
  • критика на идејата дека човекот секогаш постапува разумно, т.е. дека голем дел од човековата дејност е водена од слободната волја;
  • критика на идејата дека човечкиот живот може да се програмира и дефинира преку прецизни правила.


Во вториот дел од романот се опишани три конкретни епизоди од животот на главниот лик, во времето кога имал 24 години: Една ноќ, поминувајќи крај една кафеана, тој видел како некој човек го фрлиле низ прозорецот и посакал и нему да му го направат истото. Оттука, тој влегол во кафеаната со намера да предизвика инцидент, но таму, некој висок офицер едноставно го фатил и го преместил од едно на друго место, без притоа воопшто да му обрне внимание. Поради тоа, главниот јунак побеснел и почнал да го следи офицерот, со намера да му се одмазди. Притоа, неговиот план се состоел во тоа да се судри со офицерот и потоа да го предизвика на двобој. По многу неуспешни обиди, конечно тој се откажал од својата намера, но токму тогаш се судрил со офицерот и задоволно се вратил во својот дом, чувствувајќи се како победник.
Еднаш, главниот лик на романот го посетил својот школски другар Симонов и таму затекнал и двајца други свои поранешни школски другари, кои се договарале да организираат вечера во чест на заминувањето на офицерот Зверков. Љубоморен затоа што тој не бил поканет, главниот лик се наметнал и тој да оди на вечерата, а таму се однесувал непристојно, со намера да го навреди Зверков. Најпосле, бидејќи цело време бил игнориран од славениците, тој поминал три часа чекорејќи ваму-таму низ салата од хотелот во кој вечерале. Ноќта, неговите школски другари одлучиле да одат во јавна куќа, а тој повторно им се наметнал и тргнал да ги следи, со намера да му удри шлаканица на Зверков.
Како по обичај, тој не го остварил планот, бидејќи во јавната куќа не ги нашол познаниците. Таму ја запознал проститутката Лиза на која ѝ одржал морална поука, советувајќи ја да го напушти таквиот живот и да се омажи. Потресена од неговите зборови, Лиза започнала да плаче и да очајува. Но, утредента, кога се сетил на претходната ноќ, тој започнал да се кае, плашејќи се дека Лиза ќе го посети и ќе ја види неговата сиромаштија. И навистина, неколку дена подоцна, Лиза дошла во неговиот дом, а тој, засрамен од бедата во која живеел, западнал во хистерија и започнал да ја навредува и да плаче. Увидувајќи дека тој се наоѓа во исто толку бедна и изгубена положба како и неа, Лиза започнала да го теши, но тој грубо ја избркал од својот дом. Потоа, тој се премислил и истрчал надвор во потрага по неа, но нејзе ѝ се изгубила трагата. Така, тој повторно останал зафрлен во своето дувло, осамен и отуѓен, со омраза кон целиот свет.[1]

Осврт кон романот уреди

Романот „Записи од подземјето“ започнал да се објавува во 1864 година, во првиот број на списанието „Епоха“, кое го уредувал брат му на авторот, Михаил Достоевски. Овој роман претставува пресвртна точка во творештвото на Достоевски, зашто во него го поставил својот модел на книжевниот антијунак.[2] Всушност, ова дело претставува памфлет против социјалистичките идеи на Николај Чернишевски изнесени во неговото дело „Што да се прави?“. Во „Записи од подземјето“, Достоевски го негира идеалот за изградба на праведно општество, засновано врз разумот.[3]

Според сопственото признание на американскиот писател Џон Апдајк, делото „Записи од подземјето“ извршило големо влијание во постанокот на неговиот книжевен лик Зајко Ангстрем кој, исто како човекот од подземјето, е непоправлив.[4]

Наводи уреди

  1. F. M. Dostojevski, Zapisi is podzemlja. Beograd: BIGZ, 1984.
  2. „Beleška o piscu“, во F. M. Dostojevski, Zapisi is podzemlja. Beograd: BIGZ, 1984, стр. 119.
  3. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XII.
  4. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 365.