Заземјување или земја – термин кој има повеќе значења во зависност од специфичните области на примена. Заземјувањето може да биде референтна точка во електрично коло во однос на која се мерат други напони, заеднички повратен пат за електричната струја или директна физичка врска со тлото, за потребите за заштита од удар на молња (громобран) и изедначување на потенцијалите.

Заземјени куќни електрични инсталации, Австралија.

Електричните кола можат да бидат споени со земјата од неколку причини. Во куќните инсталации, врската со земјата е од безбедносни причини, за да се спречи појава на опасен напон во случај на дефект на електричната изолација. Врската со земјата помага за ограничување на напонот меѓу електричното коло и земјата, штитејќи ја изолацијата од оштетување заради претеран напон.

Симболи уреди

Некои симболи на заземјување се прикажани на сликите. Точката на нултиот потенцијал на реален уред може но не мора да биде физички поврзана со земјата. Во куќните електрични инсталации, спроводникот на заземјувањето мора да биде физички поврзан со земјата.

Куќни електрични инсталации уреди

 

Во куќните инсталации, заземјувањето е жица со електричен спој со земјата. Во случај на дефект, спојот на жицата под напон со заземјената жица ќе резултира со моментално јака струја која го исфрла осигурувачот. Од овие причини заземјувачкиот спроводник се поврзува на металните делови на уредите кои можат да дојдат во допир со луѓето.

Пренос на електрична енергија уреди

Спроводници споени со земјата често се поставуваат над нормалните високонапонски спроводници за пренос на електрична енергија. Нивната намена е да ги штитат нормалните спроводници од удари на молњи (ги примаат ударите на себе) и ги одведуваат тие струи в земја. Бидејќи спроведуваат струја само ретко, често се прават од челик.

Електроника уреди

Терминот земја често се користи за спроводникот на нулти потенцијал и тој е референца за сите напонски мерења. Истиот се смета дека е со потенцијал од 0 V. Ако се каже дека напонот на некоја точка во колото е 5 V, се мисли дека напонот меѓу таа точка и земјата (точката договорно одредена со нулти потенција) е еднаков на 5 V. Спроводникот со нулти потенцијал чест е негативниот вод на напојување на уредите.

Радиокомуникации уреди

Електричниот спој со земјата се користи како референтен потенцијал на радиосигналите кај одредени видови еднополни антени. Делот кој е во контакт со земјата може да биде едноставен, на пример метални прачки или колци набиени в земја.

Ефикасноста на некои видови антени за кратки, средни и долги бранови зависи од доброто заземјување. На пример, вертикалната еднополна антена изискува заземјување кое често се состои од меѓусебно поврзани мрежи на кабли под или над земјата.

Громобран уреди

 

Громобранот служи за заштита на објектите од удари на молњи. При ударот, дебелиот метален спроводник ја одведува исклучително големата но краткотрајна струја на молњата во земјата, со што ја ограничува штетата на самиот објект.

Поврзано уреди

Литература уреди

  • Principles of Electric Circuits, 7th edition, Thomas I. Floyd, Prentice Hall. ISBN 978-0-13-098576-7. pp. 50–51.
  • Electrical Machines, Drives, and Power Systems, 4th edition, Theodore Wildi, Prentice-Hall. ISBN 978-0-13-082460-8. pp. 673.

Надворешни врски уреди