Жилче

село во Општина Јегуновце, Македонија

Жилче — село во Општина Јегуновце, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Жилче

Улица во селото

Жилче во рамките на Македонија
Жилче
Местоположба на Жилче во Македонија
Жилче на карта

Карта

Координати 42°1′53″N 21°3′42″E / 42.03139° СГШ; 21.06167° ИГД / 42.03139; 21.06167
Регион  Полошки
Општина  Јегуновце
Област Долен Полог
Население 543 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1228
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28028
Надм. вис. 416 м
Мреж. место Жилче
Жилче на општинската карта

Атарот на Жилче во рамките на општината
Жилче на Ризницата

Потекло и значење на името уреди

Според легендата селото го добило името по дрвото даб што постоело сретсело и кое секоја година било полно со жирје,[2] па по жирјето селото го добило името Жилче.

Географија и местоположба уреди

 
Куќи во Жилче

Селото се наоѓа во областа Долен Полог, сместено во југозападниот дел на територијата на Општина Јегуновце.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 416 метри. Од градот Тетово е оддалечено 12 километри.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 29274, кој ги поврзува селата Шемшево и Лешок.

Жилче е типично низинско село, сместено во котлинската рамнина помеѓу селата Ратае, Непроштено и Требош. Водата за пиење се добивала од бунари, кои биле во самите дворови. Околу селото се наоѓаат пространи ниви и ливади.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Пречник, Суи Дол, Градски Пат, Аџиица, Требак, Стајковце, Бродиште, Бучало, Орманче, Бобојце, Габер, Длага Мара, Брегои, Бел Камен, Средно Поле, Кајчеец, Јурија, Кушпатица, Царице, Салкоица, Две Јасики, Грашишта, Папрадница, Берберица и Спавојца.[4]

Селото има збиен тип и куќите се групирани во шест маала наречени по главните родови. Маала во селото се Мирческо, Петкоско, Антоско, Ристеско, Белеско и Велјаноско Маало.[4]

Историја уреди

 
Селскиот парк

Мештаните не знаат кога селото било основано, што доведува до сознаение дека тоа е старо. До 1922 година, во селото се наоѓала и една многу стара црква, која била трипати живописана. Истата година, црквата била срушена и на нејзино место била подигната нова и поголема. Црквата била посветена на Свети Никола.[4]

Според пренесување на кажување на мештаните, еднаш во Жилче владеела чума и голем дел од мештаните умреле.[4]

До 1912 година, јужниот дел на селото имал чифчиски тип и во него се наоѓала беговска кула, а околу нејзе биле зградите за чифчиите и алатите за стоката.[4]

До ослободувањето на Турците, еден дел од земјиштето припаѓал на сопствениците на чифлиците: Руфат-ага, Адем-ага и Абдул Меџид-ага. Тие во Жилче имале три постојани чифчиски семејства, кои работеле како чувари на чифлиците. За останатите земјоделски работи, сопствениците кратко време носеле момци од македонското село Луковица на Сува Гора.[4]

Воен конфликт уреди

За време на краткиот етнички конфликт во Република Македонија во 2001 година, Жилче, село со доминатно етничко македонско население, било вовлечено во вооружените дејствија.

Во јули 2001 година, двајца жители на Жилче, во обид да спасат три деца кои се наоѓале во заложништво во џамијата во Непроштено, биле физички малтретирани од албанските терористи.[5]

На 16 август 2001 година, албанските екстремисти од соседните села Шемшево, Палатица, Озормиште, Требош, Слатино, со минофрлачи и автоматско оружје го нападнале полицискиот пункт стациониран во Жилче и Ратае,[6] поради што веќе на 19 август 2001 во овие села се испратени сили на АРМ.[7] Со овие напади, селото било тотално отсечено од сообраќајната мрежа.

По завршувањето на кризата, резервоарот за вода на ова село, кој се наоѓа во Слатино, неколкупати бил загадуван од албанските терористи.

Стопанство уреди

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од само 4,9 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 460,4 хектари.[3]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во него има продавници и угостителски објекти.[3]

Во јануари 2006 година Жилче е зафатено од поплавите кои ќе ја погодат целата Полошка Котлина — конкретната причина за поплавите во Жилче била излевање на подземни води заради неодржување на системите за наводнување, предизвикани од поројните дождови.Архивирано на 28 септември 2007 г.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948710—    
1953759+6.9%
1961740−2.5%
1971770+4.1%
1981786+2.1%
ГодинаНас.±%
1991696−11.5%
1994648−6.9%
2002650+0.3%
2021543−16.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Жилче живееле 260 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Жилче имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Жилче — село во Шемшевската општина и има 40 куќи со 672 жители, сите Македонци.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци.[11]

Селото е средно по големина. Така, во 1961 година селото имало 740 жители, а во 1994 година 648 жители, од кои 642 биле Македонци и тројца жители Срби.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Жилче живееле 650 жители, од кои 642 Македонци, 5 Срби и 3 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 543 жители, од кои 515 Македонци, 2 Албанци и 26 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 260 240 710 759 740 770 786 696 648 650 543
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови уреди

Жилче е македонско православно село, во селото има еден староседелски род, а другите се доселени.[4]

Според истражувањата од 1946 година, родови во Жилче се:

  • Староседелци: Вељаноски (4 к.), биле познати и како Брдилоски. Едно вељаноско семејство до 1912 година било чифчиско.
  • Доселеници: Стојчевци (34 к.), потекнуваат од Прилепско. Од местото на старина се иселил некој Стеван Караџа. Тој во околината на Прилеп бил богат човек, и имал 9 синови. Затоа бил цел на напади од „јаничари“. Од Прилепско најпрво се населиле во Липјан, поранешно село помеѓу Челопек и Стримница, па потоа се населиле во Жилче, во Жилче еднаш од чума изумреле повеќето членови на родот, а останале само некоја девојка со едно дете (Стојче). Кога детето пораснало отишло со ѕидарите по околните села, таму го посинил некој свештеник, кој после смртта му оставил богатство, и така Стојче обогатен се вратил во Жилче се оженил со некоја девојка од Прељубиште, и така го обновил родот. Го знаат следното родословие: Станче (жив на 60 г. во 1946 година) Тодор-Антон-Милош-Трпче-Стојче, предокот кој се доселил во Жилче. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Пловдив (едно семејство); Дамјаноски (7 к.), стари доселеници. Во соседното село Џепчиште за нив се кажувало дека се по потекло од селото Порој. Го знаат следното родословие: Тодор (жив на 40 г. во 1946 година) Мато-Нове-Трпче-Дамјан. Имаат иселеници во Тетово (три семејства), Скопје (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Белевци (13 к.), доселени се од Прилепско, доселени се после родот Стојчевци. Имаат иселеници во Тетово (две семејства); Субашоски или Ѓуроски (6 к.), доселени се однекаде. Од овој род потекнува познатото спортско семејство (Милко, Бошко и Марио Ѓуровски). Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Дојчиновци или Марчевци (6 к.), доселени се од Шемшево. Во Шемшево биле староседелци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Павлевчиња (8 к.), доселени се од некое село во Сириниќ, го знаат следното родословие: Цветко (жив на 60 г. во 1946 година) Мишко-Маринко-Павле, кој се доселил. Имаат иселеници во Вратница, Романија (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Пинтоски или Јанески (3 к.), доселени се од Штрпце, во Сириниќ. Родот го основале браќата Трпче и Смилко, го знаат следното родословие: Стојче (жив на 60 г. во 1946 година) Симо-Велко-Димо-Смилко, кој се доселил во селото; Ристовчиња (6 к.), доселени се од соседното село Ратае, каде биле староседелци. Божин жив на 70 години, роден во Ратае, во Жилче се доселил со неговиот татко Ристо; Данајлови (3 к.), доселени се од селото Старо Село, таму припаѓале на староседелскиот род Јањовци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).

Во селото летно време живеело и едно ромско семејство Рафетови (1 к.) кои работеле како ковачи. Зимно време заминувале во Тетово.

Иселеништво уреди

Покрај споменатите иселувања од поединечните родови, според истото истражување во 1946 година се забележани и следниве иселувања: родот Цветкоски бил староседелски, но изумрел за време на Турците, бидејќи многу осиромашил и живееле како чифчии. Од нив е зачувано само едно семејство во Тетово (Јоанче), додека родот Тодороски (1 к.), живее во Брвеница, каде дошле од Жилче, а Сане (1 к.), живее во Беловиште, каде дошол како домазет од Жилче.[4]

Општествени установи уреди

 
Поглед на основното училиште
  • Основно училиште „Жилче“, подрачно деветгодишно основно училиште во состав на ОУ „Шемшево“ - Шемшево. По етничкиот проблем со училиштето во Шемшево, кое било своеволно преименувано во име на албански балист од Втората светска војна, било одлучено лицата од македонска националност, кои не се сложувале со ова преименување да учат во Жилче. Сепак тоа го прифатиле само родителите од селата Жилче и Ратае, бидејќи родителите од другите села сметале дека селото е премногу оддалечено.
  • Дом на културата

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Жилче било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува дел од Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така дел од Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Жилче, се наоѓале и селата Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Озормиште, Подбреѓе, Прељубиште, Раотинце, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Жилче, во која влегувале селата Жилче, Ратае и Требош.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2115 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 524 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 531 гласач.[20]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]

Личности уреди

Родени во или по потекло од Жилче

Култура и спорт уреди

Во минатото во селото постоел ФК Борец.

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „жир“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 125. Посетено на 27 февруари 2022.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 444–446.
  5. „IDIVIDI“. www.idividi.com.mk. Посетено на 2022-02-27.
  6. „Ратае и Жилче отсечени - престрелките редовна појава“. web.archive.org. 2007-10-07. Архивирано од изворникот на 2007-10-07. Посетено на 2022-02-27.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  7. „Смена на полицијата во Ратае и Жилче“. web.archive.org. 2007-10-07. Архивирано од изворникот на 2007-10-07. Посетено на 2022-02-27.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  8. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
  10. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.24.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 февруари 2022.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 27 февруари 2022.
  21. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 420. ISBN 9989-649-28-6.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. „Velkoski Stefan“ (германски). Eisbären - SVG Burgkirchen. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2013-01-20.
  24. „Dejan Velkoski“ (германски). Dir Kelten. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2013-01-20.

Надворешни врски уреди