Жерави
Grus antigone antigone
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Жеравовидни
Семејство: Жерави Gruidae
Vigors, 1825
Родови

Жерави (Gruidae) е семејство птици од редот на жеравовидните (Gruiformes). Семејството има 15 вида кои се распространети по целиот свет, освен во Јужна Америка и на Антарктикот.

Во Македонија се среќава еден вид: жерав (Grus grus).

Уште од најстаро време, жеравите со својата појава, „свадбениот танц“ и вештото летање, имале големо влијание врз луѓето, па приказни за нив среќаваме во митологијата и литературата.

Опис уреди

Жеравите се големи, долгоноги и долговрати птици. За разлика од сличните, но не и сродните чапји (Ardeidae), жеравите летаат со испружен врат. Се разликуваат и по пократкиот клун, а и се претежно поголеми.

Возрасните единки се 120 см високи, женките се малку помали од мажјаците; распонот на крилјата им е до 2,4 m, а нозете, додека летаат им се подолги од опашката. Мажјаците тежат до 7 кг, а женките се околу 1 килограм полесни.[1] Бојата на перјето им е претежно светла, сребренкасто-сива, која станува сè потемна кон екстремитетите. Главата и вратот се црни. Обележје на жеравите се белите линии кои почнуваат кај окото и достигнуваат до грбот, како и голите делови, без пердуви, на главата и вратот. Карактеристични им се и долгите, на крајот малку изресени пердуви на крилјата. Кога ги шират крилјата доаѓа до израз нивната убавина. Кога, пак, крилјата им се склопени, овие пердуви им ја покриваат опашката. Дури по првото митарење, птицата ги добива перјето со вистинска големина и убавина. Тие се митарат секоја втора до четврта година, обично во времето кога ги одгледуваат своите младенчиња.

Огласување уреди

Жеравите се огласуваат на разни начини. Кон своите пилиња се нежни и им се обраќаат со тивко чурликање. Кога се вознемирени, создаваат гласни свирежи. Кога нешто молат, се огласуваат со сожалливо пиукање. Гласното чурликање им служи за меѓусебна комуникација во семејството. Кога ги предупредуваат младенчињата за некоја опасност, испуштаат остри, рамномерни тонови. Гласните повици кои потсетуваат на звук од труба ги создаваат благодарение на резонантниот простор во нивниот долг дишник (од 100 до 130 см), со делот којшто е свиткан крај градната коска. Трубењето на жеравите е толку гласно што може да се чуе и на неколку километри. Кога „пеат во дует“, по неколку повикувачки тонови следува низа од складни тонови. И мажјаот и женката може да го отпочнат „дуетот“ и да го определат тоналитетот. Притоа, и двете птици ги креваат главите и клуновите нагоре, вратот го исфрлаат наназад и ги шират крилјата. [1] Архивирано на 29 октомври 2016 г.. Птиците стојат една крај друга, и полека со истовремено или наизменично огласување, синхронизирано тргнуваат нанапред. Ова огласување во дует се случува најчесто поради вознемиреност во време на парење или одгледување на младенчињата. Со помош на анализа на честотата на гласот (сонографија), можно да се индивидуализира огласувањето, односно да се определи секоја птица по нејзиниот глас.[2][3][4]

Поведение уреди

Жеравите се многу друштвени животни. Освен за време на парењето, се собираат во големи групи. Тие често можат да се видат во колонии од повеќе илјади единки, а при селидбата во зимските или летните живеалишта се забележани групи од над десет илјади единки (канадските жерави).

Птици преселници уреди

Жерави во Ново Мексико

Жеравите кои живеат во топлите климатски подрачја не се преселници, таму се постојани жители, но оние кои се гнездат во постудените краишта поминуваат долг пат за да презимат. Наследениот нагон за селидба е мотивиран од: смалување на денот, временските прилики, опаѓање на понудата за исхрана, како и меѓусебното влијание на единките на местото на собирање.

Должината на патот што ќе го минат е различна, но најдолг е патот на канадските жерави, кои од Алјаска летаат до Тексас и поминуваат над 6500 km. И должината на патот поминат за еден ден е различна, а може да биде од 100 до 1000 km. Жеравите летаат во групи обликувајќи клин со нееднакви страни или пак закосени редови, за да го намалат отпорот на воздухот, а да се одржи контактот во групата. За време на селидбата, птиците се разбираат со огласување кое е почесто кога е намалена видливоста и ноќе. Го менуваат правецот на летот зависно од ветрот, па јатото личи како да лета змиулесто, во бранови. Колку високо ќе летаат зависи од временските прилики, видливоста, релјефот, ветрот и воздушните струи. Вообичаено летаат на висина од 200 до 1000 m, но се забележани повисоки летови, до 2500 m, а докажана најголема височина е 4600 m. Се претпоставува дека птиците при преселбата се ориентираат спрема магнетните полиња на земјата, но и според воочливите обележја на земјата. Тие обележја младенчињата ги научуваат на првиот лет. За време на селидбата жеравите се одмараат по неколку дена, недели, па може и месеци. Тогаш се делат на помали јата во потрага по храна.

Исхрана уреди

Жеравите се опортунисти, односно со својата исхрана се прилагодуваат кон условите. Па така, лете јадат мали глодачи, риби и водоземци, но на есен преминуваат на житарки и други растенија, како и семки од растенија.[1]

Размножување уреди

 
Почеток на танцот

Во времето кое му претходи на парењето, жеравите го изведуваат својот специфичен „свадбен танц“ или „жеравов танц“. Иако, со танцот може да го искажуваат и своето расположение, да ја означуваат територијата или пак да комуницираат. Танцувајќи, и мажјаците и женките, скокаат во воздух со раширени крилја и гласно трубат. Во пар се движат рамно, синхронизирано, или кружно приближувајќи се и оддалечувајќи се еден од друг. Потскокнуваат, одат со укочени нозе, или ги свиваат „колената“, климаат со главата, се поклонуваат, прават пируети и со клунот фрлаат во воздух разни работи. Исправувајќи го горниот дел од телото и спуштајќи ги раширените крила надолу, женката со гргорлив глас го повикува мажјакот на парење. По парењето, мажјакот најчесто ја прескокнува женката нанапред. Потоа, следува огласување во дует, па период на чистење и средување на перјето. Дуетот одѕвонува периодично во целиот период на гнездење, но и подоцна како знак на заедништво. Уште пред да научат да летаат, младенчињата ги научуваат сите разновидни и комплицирани движења на „жеравовиот танц“. Повеќето жерави живеат во трајна, моногамна заедница, па кај оние што веќе се пар, овој танц е доказ за приврзаност кој дополнително ја зацврстува заедницата.[1]

Гнездење и подмладок уреди

Жеравите се гнездат во мочвари, барајќи пооддалечени места како што се арктичките тундри, степите, висорамнините и мочуришните шумички. Гнездото го прават во близина на вода, а најчесто во длабочина до колена. Иако се тие многу друштвени птици, сепак гнездата ги прават на растојание едни од други. Ретко се случува да направат гнездо на земја. Најчесто снесуваат две јајца, а за младенчињата се грижат обата родитела..[5] По околу 10 недели, младенчињата може да летаат. Цврстата поврзаност меѓу родителите и младенчињата трае до летот за зимување (преселничкиот лет), а најдолго до враќањето во гнездото следната пролет, кога поврзаноста престанува.

Вообичаениот животен век на жеравите е од 12 до 13 години, но во домашни услови можат да доживеат и 40 години.

Систематизација уреди

 
Формација при летање

Кај семејството на жеравите се разликуваат неколку потсемејства:

Потсемејство Balearicinae

  • Balearica
    • B. regulorum
    • B. pavonina

Потсемејство Gruinae (вистински жерави)

  • Bugeranus
    • B. carunculatus
  • Anthropoides
    • A. virgo
    • A. paradisea
  • Grus
    • Grus leucogeranus
    • Grus vipio
    • Grus rubicundus
    • Grus antigone
    • G. canadensis
    • G. nigricollis
    • G. japonensis
    • G. grus Жерав кој го има во Македонија
    • Grus monachus
    • G. americana

Жеравите и луѓето уреди

Луѓето уште од древноста биле фасцинирани од убавината на жеравите и нивниот спектакуларен „свадбен танц“, па речиси и не постои област од човековото делување каде не е присутен.

Во египетската митологија жеравот бил „сончева птица“. Им биле жртвувани на боговите, но исто така ги јаделе. Ликот на жеравот во египетските хиероглифи има значење на буквата Б. Се спомнуваат и во грчката, келтската, ирската и шведската митологија. Кај последните, изразот „птица на среќата“ доаѓа од жеравите како гласници на пролетта, топлината, светлината и изобилството храна.

 
Оригами во форма на жерав

Во старото Кинеско Царство жеравот (鹤 hè) бил симбол на долгиот живот, мудроста, староста, како и односите меѓу таткото и синот. А во кинеската митологија жеравите се наречени „небесни птици“ или „блажени птици“, и се верувало дека таостичките свештеници по смртта се претварале во жерави, а жеравите, пак, на својот грб ги носеле душите на покојните на небото.

Во Јапонија жеравите се симбол на среќа и долг живот. Според стара јапонска легенда, на оној кој ќе направи 1000 оригами во облик на жерав, боговите ќе му исполнат една желба. И ден денес, таму, во посебни пригоди, како на пр. венчавки или родендени се носат оригами во облик на жерав.

Мотиви со жерави се чести во хералдиката и симболизираат внимателност и будност.

Жеравите ги среќаваме и во другите видови уметност: во сликарството на далечниот исток, ѕидното сликарство, минијатурите и илустрациите. Жеравот го има како мотив на мозаикот во црквата Свети Петар во Венеција, итн.

Жеравот како тема во уметноста и во популарната култура уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Archibald, George; Meine, Curt (1996). „Family Gruidae (Cranes)“. Во del Hoyo, Josep; Elliott, Andrew; Sargatal, Jordi (уред.). Handbook of the Birds of the World. Volume 3, Hoatzin to Auks. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 60–81. ISBN 84-87334-20-2.
  2. „craneworld.de“. craneworld.de. Архивирано од изворникот на 2006-05-09. Посетено на 2012-07-29.
  3. Nesbitt, Stephen A. (1989). „The Significance of Mate Loss in Florida Sandhill Cranes“ (PDF). Wilson Bulletin. 101 (4): 648–651.
  4. Wessling, B. (2003). „Acoustic individual monitoring over several years (mainly Common Crane and Whooping Crane)“. Craneworld.de. Архивирано од изворникот на 2006-05-09. Посетено на 2013-04-15.
  5. Archibald, George W. (1991). Forshaw, Joseph (уред.). Encyclopaedia of Animals: Birds. London: Merehurst Press. стр. 95–96. ISBN 1-85391-186-0.
  6. Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 90.
  7. Поетска читанка: Избор од македонската и светската поезија за деца, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 104-107.

Надворешни врски уреди