Женидба Душанова — српска епска (јуначка) песна.

Содржина уреди

Српскиот цар Степан ја бара за жена ќерката на латинскиот крал Михаил, Роксанда. За таа цел, тој го испраќа својот везир Тодор да оди на дворот на латинскиот крал за да ја види девојката, да ѝ даде прстен и да ги договори детаљите околу свадбата. Таму Тодор го пречекуваат со сите почести му ја покажуваат девојката, но во темница, така што тој не може да ја види нејзината убавина. Притоа, латинскиот крал порачува, кога царот Степан ќе доаѓа со сватовите, со себе да не ги носи младите момчиња Вукашин и Петрашин Воиновиќ, поради нивната лоша навика да започнуваат кавги кога ќе се опијанат. Тодор се враќа во Призрен кај царот Степан и му ги пренесува зборовите на латинскиот крал, а царот се заречува дека ќе ги обеси момчињата за повеќе да не го срамат низ светот.

Кога царот со 12 000 сватови поминува покрај Вучитрн, браќата Воиновиќ ја гледаат поворката и се прашуваат зошто нивниот вујко не ги поканил за да му се најдат ако западне во неволја. Тогаш, нивната мајка им вели веднаш да го повикаат најмалиот брат Милош, кој чува овци на Шар Планина. На Милош му праќаат писмо дека мајка им е на умирање и тој веднаш доаѓа дома. Таму му ја кажуваат вистината, го облекуваат како Бугарин (со шубара и овчарска наметка) и тој тргнува да ги следи сватовите на царот Степан. Патем, Милош заспива и неговиот коњ, научен да јава рамо до рамо со царските коњи, се пробива низ поворката и доаѓа до царот. Царевите луѓе го бркаат, а тројца благородници сакаат да му го земат јуначкиот коњ, но тој ги победува.

Кога царот Степан со сватовите притигнува кај латинскиот крал, таму му порачуваат дека мора да излезе на мегдан со еден латински заробеник, зашто, во спротивно, не само што нема да ја добие Роксанда, туку ќе ја изгуби и главата. Царот бара некој да се пријави за борбата, но се пријавува само Милош, маскиран во Бугарин. Царот не верува во неговите способности, но го пушта на мегдан, а Милош го победува латинскиот заробеник, добивајќи богата награда од царот Степан. Сепак, латинскиот крал поставува втор услов за да може царот да ја земе Роксанда: некој треба да прескокне три коњи на кои јаваат тројца витези со мечевите нагоре. Повторно се пријавува само Милош, кој лесно ја исполнува задачата, исто како и третиот услов - со стрела да го погоди златното јаболко закачено на едно копје, поставено на највисоката кула. Најпосле, латинскиот крал ги испраќа своите двајца синови, заедно со три девојки кои се потполно еднакви и бара од царот Степан да ја познае Роксанда. Милош се пријавува за задачата, иако никогаш не ја видел принцезата. Тој постелува платно на тревата и на него истура бисери, прстени и скапоцени камења, а на девојките им вели да дојдат да ги земат скапоценостите, но им порачува дека ќе им ги пресече рацете, ако тие не се Роксанда. Тогаш, двете девојки бегаат исплашени, а Роксанда доаѓа да го земе накитот.

Така, царот Степан си ја добива невестата и поворката тргува дома. Но, Милош му кажува на царот дека во шумата се крие војводата Балачко, кој има три глави од кои исфрла оган и студен ветар. Навистина, латинскиот крал го испраќа Балачко да ги убие сватовите и да ја врати принцезата, но Милош успева да го победи. Дури кога свадбената поворка се приближува до Вучитрн, Милош му го кажува на царот Степан својот вистински идентитет.[1][2]

Осврт кон песната уреди

Песната „Женидбата Душанова“ прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од ајдукот Тешан Подруговиќ.[3] Мотивите во „Женидбата Душанова“ имаат паралела во шестото, седмото и осмото пеење на „Песните на Нибелунзите“ каде се пее за женидбата на Гунтер со Брунхилда.[4] Главниот лик во песната, Милош Војиновиќ, е најведриот лик во српската епика: итар, бестрашен и безгрижен, може да направи сè, од ништо не се плаши, а непријателите ги победува без напор. На Латините - „старите измамници“ - им одржува лекција за тоа какви се способностите на балканските овчари, каква физичка и умствена сила се крие во нив. Тој ја симболизира огромната сила на српската држава од времето на царот Душан.[5]

Наводи уреди

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 3-20.
  2. „Женидба Душанова“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 45-63.
  3. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 488.
  4. В.Ђ., „Поговор - О интернационалним мотивима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 486.
  5. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 12.