Жаброноги

класа ракови
Жаброноги
Triops, познат грбочерупкар (Notostraca)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Членконоги
Потколено: Ракови
Класа: Жаброноги
Latreille, 1817
Редови

Жаброноги (науч. Branchiopoda) — група на примитивни и првенствено слатководни ракови. Постојат преку 900 познати видови. Неколку од нив се добро познати, вклучувајќи ја Artemia и Daphnia, бидејќи и двете се одгледуваат како аквариумска храна или се користат во научни цели. Иако името Branchiopoda е слично по звучност и пишување на Brachiopoda (раменоноги), овие две групи на животни не треба да се мешаат.

Во постарите класификации, надредот Diplostraca се состоел од двата реда − Conchostraca и Cladocera. Меѓутоа, според поновите истражувања, овие редови би можеле да се вештачки, бидејќи некои од нивните членови имаат парафилетско потекло во рамките на Diplostraca. Поради ова, редот Conchostraca повеќе не е во употреба.

Иако неколку видови на водни болви се адаптирале за живот во море, овие ракови се претежно слатководни. Најстариот познат вид (фосил) е стар 500 милиони години и се нарекува Rehbachiella kinnekullensis. За бесчерупкарите (Anostraca) исто така се смета дека се едни од најпримитивните членови на оваа класа. Заедничка одлика за жаброногите е вентралната хранителна бразда, која се користи за суспензија и филтерно исхранување. Струењето на водата во оваа бразда, кое има респираторна и нутритивна улога кај повеќето видови, се предизвикува со треперењето на неколку пара неспецијализирани екстремитети. Ова се смета за најпримитивниот начин на живот помеѓу раковите.

Основни одлики уреди

 
Eubranchipus grubii од Anostraca.

Својствена одлика за жаброногите е присуството на зарамнети листовидни стомачни телесни додатоци (екстремитети) за кои се прикачени жабрите (оттука името). Овие додатоци имаат и влакненца за филтрирање на храната од водата, а кај некои групи се користат при пливањето. Меѓутоа, кај многу жаброноги ракови, пропулзијата низ водата доаѓа од долгиот втор пар на антени.[1]

Бројот на градните сегменти варира од вид до вид.

Градбата на репродуктивниот, нервниот и циркулаторниот систем е примитивна во споредба со другите ракови. Некои жаброноги поседуваат мала количина на хемоглобин во својата крв, но ова зависи од количината на кислород во водата, така што респираторниот пигмент исчезнува кога животното е сместено во добро оксигенирана вода, а се враќа во стоечка вода. Срцето е цевчесто или вреќесто, додека аортата е единствениот крвен сад. Крвта циркулира слободно низ телото. Азотните екскрети се излачуваат преку магзиларните жлезди.

Речиси сите жаброноги се слободноживеачки, иако постојат и неколку ектопаразитски видови.

Женката ги носи со себе своите јајца некое време по оплодувањето, и тоа обично под карапаксот или во торбичка која потекнува од матката. Јајцата се изведуваат во малечки верзии на возрасната единка, без слободноживеачки ларвен стадиум. Некои видови се делумно или целосно партеногенетски.

Наводи уреди

  1. Barnes, Robert D. (1982). Invertebrate Zoology. Philadephia, PA: Holt-Saunders International. стр. 672–680. ISBN 0-03-056747-5.