Еп за Гилгамеш — најстариот пишан споменик во светската литература. Настанал меѓу третиот и вториот милениум пред новата ера, но неговиот почеток се наоѓа стотици години поназад и е поврзан со постоењето на Сумерите, еден од најстарите народи. Иако науката не докажала од каде доаѓаат, тие го населиле плодното земјиште меѓу Тигар и Еуфрат. Сè до 3000 години пред новата ера, Сумерите живееле во градови-држави, меѓу кои најпознати биле Ур, Урук, Нипур и други. Науката, најголемото внимание им го посветува на градовите Ур и Урук, затоа што во средината на третиот милениум п.н.е. во Ур владеела првата сумерска династија. Во нејзино време била развиена културата во сите нејзини облици, што истовремено е корен на целата култура во Месопотамија.

Месопотамија
Еуфрат · Тигар
Градови / Царства
Сумер: Урук · Ур · Ериду
Киш · Лагаш · Нипур
Акадско Царство: Акад
Вавилон · Изин · Суза
Асирија: Ашур · Нинива
Дур-Шарукин · Нимруд
Вавилонија · Халдејско Царство
Елам · Аморити
Хурити · Митани
Касити · Урарту
Хронологија
Кралеви на Сумерија
Кралеви на Асирија
Кралеви на Вавилонија
Јазик
Арамејски
Сумерски · Акадски
Еламски · Хуритски
Митологија
Енума Елиш
Гилгамеш · Мардук
Енлил · Енки
Нинурта · Нинлил

Книжевноста кај Сумерите уреди

 
Табличка со „Епот за Гилгамеш“ на акадски јазик

Книжевноста кај Сумерите почнува со усните преданија. Старите митови, преданија, легенди, почнуваат да се запишуваат со помош на сликовито писмо. Книжевните дела, како јуначките песни, легенди, биле пренесувани усно од поколение на поколение, со милениуми. Меѓу најзначајните митски епови од сумерско-вавилонската книжевност ги издвојуваме Епот за создавањето на светот, Енума Елиш, Епот за одењето на Иштар во подземјето, Епот за Етана, Епот за Адапа и други, но најзначаен е Епот за Гилгамеш, владетелот на Урук. Како готов, запис се наоѓа некаде околу 1800-1700 г. п.н.е. и е резултат на усното пренесување. Оттаму, велиме дека епот има колективен автор, анонимен, т.е. автор се сите оние раскажувачи низ кои епот поминал (како во народното творештво воопшто).


Структура и содржина на епот уреди

Како литературен вид, епот е најдолгата раскажувачка структура во стих. Така, и „Епот за Гилгамеш“ е пишуван во стихови, поделени во дванаесет пеења, напишани на дванаесет плочи, кои пак, може да се поделат на два дела: првиот дел е во првите седум пеења (херојството на Гилгамеш и Енкиду); вториот дел од осмото до дванаесеттото пеење (страдањата на Гилгамеш). Епот започнува со пролог, вовед (од современо гледиште), во кој се запознаваме со Гилгамеш. Во ова прво пеење, има опис на ликот на Гилгамеш (поконкретно за описот во следните точки), се зборува за раѓањето (создавањето) на неговиот ’соперник’ Енкиду, како и за влегувањето на Енкиду во Урук. Во второто пеење се зборува за запознавањето на Гилгамеш и Енкиду, меѓусебното испитување на силите, збратимувањето и подготвувањето за борба против Хумбаба.

Во третото пеење се сретнуваме со сонот како точно предвидување на она што се случува подоцна. Енкиду сонува лош сон, а Гилгамеш прави ритуал (составен дел од митолошкиот начин на живот), за да го спречи лошото пророштво на сонот. Четвртото пеење е карактеристично по тоа што се сретнуваме со јуначки подвиг на јунаците (главна одлика на јуначки еп). Тие го убиваат чуварот на гората на Хумбаба. Важно е да се спомене и тоа што боговите се вклучуваат во борбата помагајќи им на јунаците (подоцна ова е често во митовите на поновите цивилизации).

Петтата плоча зборува за уште еден сон на Енкиду. Гилгамеш го толкува како позитивен. Сонот се исполнува: по борбата со Хумбаба, тие излегуваат победници и се враќаат во Урук со неговата глава. Во шестата плоча Гилгамеш ја отфрла љубовта на Иштар, а таа му праќа небесен бик да го убие. Гилгамеш ја потврдува својата сила и го убива бикот, со што го навлекува гневот на божицата Иштар. Седмото пеење е сонот на Енкиду, кој предвидува смрт. Сонот се исполнува; Енкиду легнува болен и умира.

Во осмото пеење се сретнуваме со тажењето како посебен жанр во народната традиција. Гилгамеш е исполнет со тага за загубениот другар и брат и тагува над неговото тело. Деветтата плоча претставува пресврт во фабулата. Гилгамеш, соочен со смртта на Енкиду, си го поставува прашањето за сопствената смрт. Не можејќи да се помири со својата смртност, решава да бара можност за бесмртност. Десеттата плоча зборува за потрагата на Гилгамеш, напуштањето на домот, патувањата. Дознава за дрвото на животот и се упатува кон Утнапиштим.

Единаесеттата плоча е мошне значајна, затоа што зборува за митот за потопот, што е извор (во пишана форма) на идејата за крајот на светот. Оваа епизода можеме да ја сретнеме во многу религии, некаде целосно пресликана, некаде разработена, изменета. Утнапиштим е тој што ја раскажува приказната за потопот и му кажува на Гилгамеш како да стигне до билката. Кога Гилгамеш ја наоѓа, змијата е таа што му го краде ’вечниот живот’.

Во дванаесеттото пеење се сретнуваме со уште еден митолошки мотив, кој го сретнуваме и во старогрчката митологија и на други места – симнувањето во подземјето. Од оваа епизода ја гледаме идејата на Сумерите за подземниот свет; животот по смртта; контактот со мртвите; комуникацијата со нив итн.

Ликот на Гилгамеш уреди

Во овој јуначки еп, Гилгамеш е претставен како типичен јунак, херој заштитник на градот, силен храбар, почитуван. Уште во првото пеење се сретнуваме со опис за него: „Гилгамеш, победоносниот јунак, ѕидишта околу Урук изгради...“ [1], понатаму: „По убавина и снага никаде не му беа виделе рамен. Лавот тој од лежиштето го брка ... дивиот бик го лови со брзина и сила на својот лак...“[2].

Најкарактеристично за Гилагамеш е неговата природа. Тој е една третина човек, а две третини бог, што веднаш му дава натприродни особини и го сместува во редот на силните, храбрите. Гилгамеш е типичен лик — јунак за митолошките приказни, кој со својата моќ го чува принципот на доброто од силите на злото. Таквите свои атрибути ги покажал низ многубројните битки со животни, џинови, натприродни суштества што боговите му ги праќаат. Како културен херој градител на град, кај него, освен храброста, јунаштвото, силата, како епитет ја сретнуваме и строгоста (суровоста) кон своите сограѓани кога треба да му се покорат:

За него... мораа да работат и старите и младите, и силните и слабите... Ден и ноќ тој пирува со нив. Нивните лелеци допираат до великите богови.[3]

Од психолошка гледна точка, можеме да ја издвоиме чувствителноста како негова особина (оплакувањето на својот побратим, кој како лик е изграден идентично како него, како негов пандан: „Енкиду, пријателе млад, кај сила ти остана, а гласот, каде?“[4]). Сепак, најважната особина на Гилгамеш е исклучителната несебичност — тој сака билката на животот да ја донесе во Урук, да ја сподели со своите; ја чува, не ја користи само за себе. Оваа особина, оваа постапка, потсетува на Прометеј од старогрчката митологија, кој сакал да им го даде огнот на луѓето.

Божествената природа на Гилгамеш пак, потсетува на Херкул, исто така од старогрчката митологија. Уште еден лик во овој еп, го сретнуваме и на многу други места во светските религии. Тоа е ликот на Утнапиштим, кој во нашата религија одговара на ликот на Ное.

Симболиката во „Епот за Гилгамеш“ уреди

Во космогониските митови на развиените митолошки системи дејството на боговите појасно и попотполно се поима како преобразување на хаосот... во организиран космос, што во основа ја сочинува главната внатрешна смисла на секоја митологија...“[5].

Од оваа мисла на Е.М. Мелетински можеме да заклучиме дека во основата на митологијата е обновувањето на светот, неговото повторно создавање, т.е. пресоздавање на редот, враќање кон почетокот на светот, кога сè е ново, чисто, недопрено. За создавањето на светот зборуваат космогониските митови, кои се тесно поврзани со есхатолошките митови (митови за крајот на светот), затоа што обновувањето на светот се одвива во две фази што претставуваат еден вид кружно движење, еден вид циклус: уривање на светот (со потоп, со пожар или на друг начин), и веднаш потоа негово повторно создавање, обновување. Тоа го имаме сликовито во „Епот за Гилгамеш“ - случувањата на Утнапиштим во епизодата со потопот, што е целосно преземена епизода и употребена во Библијата — митот за Ное.

Интересно е да се спомене дека за митолошкиот човек обновувањето на светот е многу значајно. Всушност, тој верува дека светот се раѓа повторно, а не се обновува (парафразирано од ’Аспекти на митот’). „Постепено... почна да се раѓа идејата дека постојат вистинити (а не само обредни) уништувања и создавања на светот, дека има „враќања на почетоците“ во вистинска смисла на тие зборови...“[6]. Најчеста симболика во „Епот за Гилгамеш“ имаат броевите. Така на пример, бројот дванаесет го сретнуваме во поделбата на епот на плочи. Бројот на месеците во годината го сретнуваме и во десеттата плоча во разговорот меѓу Ур-Шанаби и Гилгамеш, кога Ур-Шанаби вели: „...Сега дванаесетто стебло земи, Гилгамешу, забоди го“[7]. Гилгамеш користи дванаесет стебла за да ја преброди опасноста.

Бројот седум, исто така се сретнува повеќепати во епот. Еве некои примери: „Шест дена и шест ноќи го оплакував и во гроб не го положив“[8] — закопот е седмиот ден; „Шест дена и шест ноќи во потоци дождот паѓаше. Седмиот ден потопот попушти“[9] — седум дена трае потопот. Како митски симбол го издвојуваме и гавранот, како врска меѓу два света (гавранот му докажува на Утнапиштим дека потопот поминал; а во Библијата гулабот носи маслиново гранче). Змијата, исто така, може да ја спомнеме како уништувач, измамник, злобник. Таа го лишува човекот од бесмртноста, а во Библијата ги лишува Адам и Ева од рајот.

Значењето на епот уреди

Најголемото значење на делото се состои во тоа што е прв пишан текст со уметничка вредност. Во него се наоѓаат многу митски елементи, моменти од традицијата и религијата на еден од најстарите народи. Елементи од „Епот за Гилгамеш“ наоѓаме и во записите, остатоците на некои подоцнежни култури (дури и денешните), нивните верувања, обичаи. Во епот се отвора прашањето на смртта, на задгробниот живот, на подземјето, потребата и потрагата за вечен живот – теми што до денес останале актуелни и интересни за откривање. И денес сме сведоци на вечната потрага по еликсирот на младоста, по продолжување на животниот век. Многу научни достигнувања од областа на медицината сè со цел да ги направат луѓето што помлади. Потрагата по вечен живот, уште од Гилгамеш па до денес, продолжува со можноста за клонирање, со што многу луѓе од историјата би можеле да се „родат повторно“, а некои воопшто да не престанат да постојат.

Наводи уреди

  1. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 27
  2. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 28
  3. Епот за Гилгамеш’; стр. 28
  4. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 62
  5. ’Поетика на митот’; стр. 249
  6. ’Аспекти на митот’; стр. 64
  7. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 79
  8. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 81
  9. ’Епот за Гилгамеш’; стр. 87