Евла (Ресенско)

село во Општина Ресен, Македонија

Евласело во Општина Ресен, во околината на градот Ресен.

Евла
Евла во рамките на Македонија
Евла
Местоположба на Евла во Македонија
Евла на карта

Карта

Координати 41°4′29″N 20°57′21″E / 41.07472° СГШ; 20.95583° ИГД / 41.07472; 20.95583
Општина Ресен
Население 51 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 23012
Надм. вис. 894 м
Евла на општинската карта

Атарот на Евла во рамките на општината

Географија и местоположба уреди

 
Влезот во Евла.

Селото Евла административно ѝ припаѓа на Општина Ресен. Сместено е на западниот дел на Преспанската Котлина во подножјето на планината Галичица. Од Ресен е оддалечено на пет километри, а со градот е поврзано со асфалтен пат. Населбата е распространета на рамничарски простор на надморска височина од 925 метри. Западно од селото се протегаат падините на планината Галичица, обрастени со богат фонд на дабова и букова шума, а на источната страна е полето во кое се сместени нивите, ливадите, лозјата и овоштарниците со јаболкови насади.

Соседни населени места на село Евла се: на северната страна - селата Петрино и Болно, на јужната Горно Дупени и Лавци, на источната - Преспанската Котлина со градот Ресен, а на западната - планината Галичица и градот Охрид.

Атарот на населбата зафаќа површина од 26,1км/2. Во него доминираат шумите со површина од 1.438 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 374, 3 ха, а на пасиштата 327,8 ха. Водениот потенцијал на просторот е доста богат. Низ средината на селото тече мала планинска река Елска Река, која ја дели населбата на два дела, а на северо – источната страна, по целата должина на атерот, поминува Источка Река, која е поголема и на неа порано биле изградени и успешно функционирале пет воденици. Издашноста на водата во реките дозволувала да се наводнуваат полињата на селата Евла и Горно Дупени, а во периодот 1952- 1953 година да се изгради и мала хидроцентрала. За тоа време, во услови кога селските населби не билеа електрфицирани, ова село ја имало привилегијата да биде меѓу првите што има електрично осветление.

 
Падините во близина на црквата „Вознесение Христово“.

Ридско – планинскиот појас кој како потковица го обвиткува селото, го прават ограноците на планините: Вртелка со највисока кота 1056 метри, Спаса (1100 метри), Јаворец (1236 метри) и Исток (1241 метар). На овој простор, во реонот Спаса, на 3 километри западно од селото, во близина на наоѓалиштето Елски Копанки, се наоѓа познатиот пештерски манастир „Св. Спас“. Овој манастир со убавата шума околу него, зелениот папрат, ливадите и планинската студена вода, е привлечно излетничко место за населението на цела Преспа и пошироко. До него по прилагоден шумски пат, во секое време може да се дојде и со моторно возило.

Историја уреди

Во XIX век, селото било дел од нахијата Горна Преспа на Битолската каза, во рамките на Отоманското Царство.

Стопанство уреди

Местоположбата на населбата, сообраќајните врски, близината со градот Ресен, а посебно минувањето на еден крак од римскиот пат Вија Игнација низ атерот на селото, биле значаен предуслов за негов побрз стопански развој. Покрај тоа оваа населба располага и со други ресурси меѓу кои позначајни се: богатиот водостој на реките, шумскиот фонд со густа дабова и букова шума, познатите пасишта на наоѓалиштето Исток и на планината Галичица како и поволната умерено - континентална клима во Преспанската Котлина, му овозможувале на населението подобро да ја обезбедува својата издршка.

Таквите природни одлики на просторот овозможувале населението да ги задоволува своите животни потреби од сопствени извори. Во таа насока голем придонес имале: градинарството, овоштарството, лозарството, сточарството, шумарството и трговијата. Покрај земјоделските производи на наведените стопански гранки, населението било во можност на пазарот да нуди и други производи како огревно дрво, ќумур, вар, млечни производи, планински чај, печурки, мед и други производи.

Веројатно поради таквите можности за време на турско – османлиското владеење во Преспа, власта одлучила во селото Евла да биде седиштето на нивниот бег. Тој задоволен од условите за живот, одлучил за себе и своето семејство да изгради голема куќа – кула со високи чардаци сместена на влезот од селото.

На стопански план во текот на времето, овоштарството прераснало во најдоходовна гранка, не само во оваа населба, туку и во целата општина Ресен. Тоа овозможило овој регион да прерасне во најголем производител на квалитетно јаболко не само во Македонија туку и пошироко во соседните земји.

Според бројни историски податоци, евидентно е дека селото Евла е стара населба. Како таква, во своето повеќевековно опстојување станала привлечна за живеење на луѓето од целата Преспа. Исто така интересни се и податоците кои зборуваат за најтешкиот период од животот на населението. Имено, за време на Илинденското востание во 1903 г., во близината на селото, една вооружена чета од 250 востаници водела борба против турската војска, составена од 2 500 војници.[2] По неуспехот на востанието, во знак на одмазда, селото било целосно изгорено, а населението, за да се заштити од репресалиите, се повлекло на запад во густата шума на Галичица. По повлекувањето на Турците од Балканот, селото било обновено.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948458—    
1953481+5.0%
1961426−11.4%
1971313−26.5%
1981232−25.9%
ГодинаНас.±%
1991175−24.6%
1994138−21.1%
2002106−23.2%
202151−51.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Евла живееле 300 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Евла имало 384 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Ехла се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 86 куќи.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[6]

Оваа населба сè до осумдесеттите години од десеттиот век, според бројот на жителите, била третирана како средно развиена. Подоцна, поради процесот на миграцијата на населението на релација село – град, тој статус е заменет со мала населба.

Од завршувањето на Втората светска војна па сè до 1955 година населбата броела околу 450 жители. Во тој период во селото имало: основно четиригодишно училиште, две активни цркви, задружен дом, земјоделска задруга, продавница со колонијална стока, музички состав, импровизирана кино сала и фудбалски клуб. Со тоа селото го доживеало својот најголем просперитет.

Подоцна, во втората половина на дваесеттиот век, состојбата започнала да се менува со што населбата почнала да го губи својот сјај. Според пописите на населението спроведени од страна на Сојузниот и Републичкиот заводи за статистика констатирано е дека во Евла имало: во 1953 г. 481 жител, во 1981 г. 232, во 1994 г. 138, а во 2002 година 95 жители.

Наведените податоци покажуваат дека, за периодот од 1953 до 2002 година, бројот на населението во селото се намалил за 386 жители или за 80,2 %.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 106 жители, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 51 жител, од кои 50 Македонци и 1 лице без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 300 384 458 481 426 313 232 175 138 106 51
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови уреди

Евла е македонско село.

Родови во селото се: Атанасовци, Богдановци, Босилковци, Гошевци, Гештаковци, Гаџовци, Гелибаловци, Демировци, Јоновци, Китевци, Кочевци, Камшиговци, Крстевци, Колевци, Лозевци, Марковци, Николовци, Петревци, Секуловци, Савевци, Стојчевци, Трповци, Тасевци, Тракталовци, Угриновци (доселени од некогашното село Исток), Цветковци и Шуминовци.[13]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Чодевци (2 к.), Угриновци (2 к.), Марковци (4 к.), Китевци (8 к.), Николовци (3 к.), Савевци (8 к.), Душковци (6 к.), Богдановци (1 к.)
  • Доселеници: Секуловци (1 к.) доселени се од некогашното село Исток; Лозевци (5 к.) доселени се од селото Лескоец; Ѓештаковци (15 к.) доселени се исто така од селото Лескоец; Босилковци (5 к.) доселени се од селото Стипона; Јоновци (2 к.) доселени се од некогашното село Исток; Стипонци (1 к.) доселени се од селото Стипона; Атанасовци (1 к.) доселени се од селото Прељубје; Шуминовци (4 к.) доселени се од селото Горно Дупени; Славевци (2 к.) доселени се од Горно Дупени; Гацовци (5 к.) доселени се од селото Грнчари; Кочевци (3 к.) доселени се од селото Исток; Камшиковци (3 к.) доселени се од селото Волкодери; Ѓелиболци (1 к.) доселени се однекаде.[14]

Општествени установи уреди

Самоуправа и политика уреди

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1628 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватен објект на динче кочовска.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 76 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости уреди

Цркви[17]
  • Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ или „Успение Богородично“ — главната селска црква од 1848 година на чија западна страна е вградена мермерна плоча на која се прикажани три интересни лика. Во близината на селото се наоѓа и топонимот „Калуѓерска Краста“ кој укажува дека ова место има историско минато. Во книгата „Преспа“ на Георги Трајчев, објавена во 1923 година, е опишано местото „Влашки колиби“ кое било живеалиште на Каракачаните кои на падините над селото се занимавале со овчарство.[18]
  • Црква „Вознесение Христово“ или „Св. Спас“ - пештерна манастирска црква која се наоѓа 3,5 километри од селото. До неа може да се стигне само пеш или со теренско возило. Според преданието, манастирската црква се наоѓала на друго место (Стара Спаса), но подоцна, иконата била преместена на сегашното место на кое била изградена средновековната пештерска црква.
Археолошки наоѓалишта[19]
  • Исток — црква од средниот век;
  • Св. Спас — црква од средниот век;
  • Кале — населба од средниот век;
  • Ливадица — осамен наод од доцноантичко време;

Редовни настани уреди

На празникот Вознесение Христово, во црквата „Вознесение Христово“ доаѓаат луѓе од целата Преспа, како и од околните села од охридскиот регион.

Личности уреди

Иселеништво уреди

Постари иселеници од селото има во САД (9 семејства), Аргентина (8 семејства), Бугарија (5 семејства), Канада, Турција, Ресен и Скопје. Иселени пред 1949 година.[14]

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Александар Матески, Евла, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 117.
  3. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 241.
  4. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
  5. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа.
  14. 14,0 14,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. Александар Матески, Евла, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 116-117.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  21. 21,0 21,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  22. 22,0 22,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  23. 23,0 23,1 . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски уреди