Стерјо Кранго познат под псевонимот Дучо (Скопје, 29 август 1920 - Скопје, 24 септември 1991) — македонски правник, учесник во НОБ и функционер во социјалистичка Македонија.[1][2]

Стерјо Дучо Кранго
Роден 29 август 1920
Скопје
Починал 24 септември 1991
Скопје
Националност Влав
Занимање Правник, учесник во НОБ

Животопис уреди

Кранго е роден на 29 август 1920 во Скопје во влашко семејство. Завршил основно училиште и еден клас гимназија, а потоа го изучил електро-водоинсталатерскиот занает. Истовремено завршил и вечерно-стручно продолжено училиште. Работејќи како електро-инсталатерски работник на повеќе места во Скопје и движејќи се во напредна средина станал активен член на УРС-овиот синдикат во синдикалната подружница на металските работници. Како резултат на неговата активност во младинското и синдикалното движење во јуни 1940 година станал кандидат за член на КПЈ, а во август истата година бил примен за член на КПЈ. Во редовите на Партијата го примиле познатите предвоени комунисти и првоборци во НОВ, Даме Крапчев и Благој Давков.

Фашистичката окупација на Македонија го затекнала како член на Месниот комитет на СКОЈ за Скопје, каде што останал до првата половина на јули 1941 година. За тоа време активно учествувал во организирањето на младината за отпор и борба против окупаторот. Потоа од партиската организација добил задача да работи на т.н. Воен сектор. На почетокот учествувал во разни диверзантски акции за собирање и складирање на оружје и друга воена опрема, а на 22 август 1941 година кога бил формиран Првиот скопски партизански одред, станал борец на оваа прва партизанска единица во Македонија. Есента 1941 година во партиската организација во Скопје настанала голема провала. Со неа биле засегнати и затворени некои припадници на Скопскиот партизански одред, меѓу кои и Кранго. Во судскиот процес против поголем членови на КПЈ и припадници на партизанскиот одред што се одржал од 7 април до 9 мај 1942 година, тој бил осуден на смрт со бесење. Меѓутоа подоцна смртната казна му била заменета со доживотна робија. Оваа казна ја издржувал во скопскиот централен затвор и во затворот „Идризово“ крај Скопје. Од затворот Идризово успеал да побегне во познатото големо бегство на политичките затвореници на 29 август 1944 година. Веднаш потоа бил распореден во штабот на Третата македонска ударна бригада за работа во Агит-проп, а подоцна и во штабот на 42. дивизија.

По ослободувањето подолго време работел во ОЗНА, односно УДБА за Македонија и во други органи и организации. Истовремено вонредно го продолжил образованието. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје и како дипломиран правник се посветил на правосудната област.

Автор е на делата „550 дни во ќелијата на смртта“ (1961), „Металците во НОД: сеќавања“ (1980) и „Бугарскиот терор и отпор во скопскиот затвор: сеќавања“ (1986).

Тој е носител на Партизанска споменица од 1941 година и на други воени и мирнодобни одликувања како што се Орден за храброст, Орден за заслуги на народ, Орден на братство и единство и др.

Наводи уреди

  1. Goce Inadeski (1973). Skopje vo NOV 1941: Materijali od nauchniot sobir. Gradski odbor na SZ od NOV.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 754-755 стр.

Надворешни врски уреди