Дундо Марое (хрватски: Dundo Maroje) - драма во пет чина (комедија) на хрватскиот писател Марин Држиќ. Оваа комедија била за првпат поставена во прочуената дубровничка „Вјеќница“ во 1551 година, а ја играла позната група „Дружина Помет“.[1]

Ликови уреди

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[2]

  • Дундо Марое, стар трговец од Дубровник
  • Маро, неговиот син
  • Лаура, куртизана од Рим
  • Бокчило, слуга на Дундо Марое
  • Уго Тудешко, германски благородник
  • Помет, слуга на Тудешко
  • Попива, слуга на Маро
  • Трипче, трговец од Котор
  • Пера, свршеница на Маро
  • Петруњела, слугинка

Содржина уреди

Стариот трговец Дундо Марое му дал на својот син Маро 5.000 дукати за да замине по некоја работа во Фиренца и во Софија. Но, наместо во Фиренца, Маро отишол во Рим, каде ги трошел парите на раскош и забава. Татко му дознава за тоа и со својот слуга Бокчило тргнува за Рим за да спаси дел до своите пари. Всушност, тука започнува драмата, а дејството во првиот чин се одвива во Рим, пред една меана, во близината на куќата на Лаура. Притоа, Дундо Марое тагува за своите пари, а Бокчило се жали на својата вечна глад. Тогаш се појавува Трипче од Котор и нему му се жали Дундо Марое за однесувањето на син му. Тројцата се сведоци на разговорот меѓу Лаура и слугата на Германецот Уго Тудешко, Помет, кој го фали својот господар. Во тоа време доаѓа слугата на Маро, Попива кој на Лаура ѝ носи скапи подароци.

Во тоа време, свршеницата на Маро, Пера, преоблечена како маж, пристигнува во Рим за да го оттргне својот свршеник Маро од рацете на познатата римска куртизана Лаура. По некое време се среќаваат Маро и Дундо Марое, но Маро се преправа дека не го познава. Побеснетиот Марое го напаѓа со нож и стражата го затвора старецот. Дознавајќи ги подробностите од животот на Маро, Помет го советува Дундо Марое да се преправа дека дошол по трговија и дека бара складиште за својата стока. Така, Маро и Попива се фаќаат за мамката: Маро, кој веќе ги потрошил сите таткови пари, бара на заем 3.000 дукати од Лаура за да купи дуќан и така повторно да се појави пред татко му, овојпат како скромен и вреден трговец. За време на таа средба, Маро се преправа како претходно ништо да не се случило меѓу нив, а и Дундо Марое вешто ја игра својата игра и успева да ги добие клучевите од дуќанот на Маро, спасувајќи барем 3.000 дукати. Подоцна, при нивната трета средба, Дундо Марое се прави дека не го познава синот. Маро е очаен, зашто во меѓувреме го остава Лаура, која се фрла во прегратката на богатиот Тудешко. Притоа, Помет открива дека Лаура е единствената наследничка на својот богат татко за кого дотогаш не знаела. На крајот од дрмата, Пера му простува на Маро, кој пак наследува богатство од еден свој далечен роднина и, заедно со татко му и со свршеницата, среќно се враќа во Дубровник.[3]

Осврт кон делото уреди

Се претпоставува дека на комедијата „Дундо Марое“ ѝ претходело друго драмско дело на Држиќ, кое не е зачувано, а тоа е комедијата „Помет“ за која се знае од пролозите на „Дундо Марое“. Во секој счучај, за тоа сведочи и фактот дека театарската дружина која ги изведувала двете комедии („Помет“ и „Дундо Марое“) се викала „Помет“. Инаку, во „Дундо Марое“, Држиќ дал слики од општествениот живот на дубровчаните и односите меѓу нив. Делото е полно со ведрина и со здрав хумор, понекогаш со остра критика, а понекогаш и со слободни изрази. Особено интересни се пролозите на „Дундо Марое“ од кои се гледа дека ова дело е продолжение на друга комедија и дека во двете учествуваат речиси истите ликови. Првиот пролог го води сатирот, кој зборува за далената, таинствена земја во која постои заедничка сопственост, додека вторито пролог го води слугата Помет.[4]

Наводи уреди

  1. Milord Medini, Povjes hrvatske književnosti, Naklada Marice hrvatske, Zagreb, 1902, стр.339.
  2. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12-13.
  3. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 11.
  4. Георги Сталев, „Марин Држиќ (1508-1567)“, во: Марин Држиќ, Шега со Станец. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 13-14.