Долна Бела Црква

село во Општина Ресен

Долна Бела Црква — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Долна Бела Црква

Панорамски поглед на селото Долна Бела Црква

Долна Бела Црква во рамките на Македонија
Долна Бела Црква
Местоположба на Долна Бела Црква во Македонија
Долна Бела Црква на карта

Карта

Координати 41°02′12″N 21°01′52″E / 41.03667° СГШ; 21.03111° ИГД / 41.03667; 21.03111
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 179 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23009
Надм. вис. 861 м
Слава Свети Константин и Елена
Ѓурѓовден
Долна Бела Црква на општинската карта

Атарот на Долна Бела Црква во рамките на општината
Долна Бела Црква на Ризницата

Потекло на името уреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е придавно-именски состав со веројатност дека првобитно се однесувало на некоја црква, но подоцна кога започнала да се гради и друга црква северно од првата, заради разликување на двете бели цркви, се додадени атрибутите Долна и Горна. И преданието на долнобелоцрквенци говори дека некогаш, во подалечното минато, во месностите на денешните истоимени села биле изградени цркви кои со својата големина и белите фасади, се одликувале среде пејзажот на широката рамница. Онаа на север била наречена Горна, а онаа јужно од неа Долна Бела Црква. По овие две некогашни цркви, веројатно нешто подоцна, и двете села ги добиле своите денешни имиња.[2]

Во врска со името на селото, постои и друго предание кое говори дека селото Долна Бела Црква некогаш имало свои Долно и Горно Маало. По извесно време жителите на двете маала ги влошиле меѓусебните односи. Оние од Горно Маало се преселиле уште понагоре (на местото на денешното село Горна Бела Црква). Меѓутоа со оглед на тоа што претходното село имало убава (бела) црква, двете села го задржале името Бела Црква, а подоцна ги добиле предикатите Долна и Горна.[2]

Географија и местоположба уреди

 
Улица во селото

Селото се наоѓа на четири километри северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, на 2 километри западно од асфалтниот пат Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница), од левата страна на Голема Река, на надморска височина од околу 861 метар.[2] Од градот Ресен е оддалечено 9,8 километри.[3]

Нема податоци ниту други сознанија дека селото некогаш било преместувано.[2]

Долна Бела Црква се граничи со следниве села: со селата Горна Бела Црква и Козјак на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селото Ѓавато) на исток, со селото Подмочани на југ и со селата Царев Двор и Езерани на запад.[2]

Атарот на Долна Бела Црква се простира на површина од 540 (околу 5,4 км2) и безмалку зафаќа исклучително рамничарско плодно земјиште и ридско-планински терен обраснат со густа дабова шума. Од вкупната површина на атарот: 306 хектари се обработливо земјиште, 29,7 хектари пасишта и 171,4 хектари шуми.[2][3]

Долна Бела Црква е село од собран тип, кој во последно време постепено се разбива. Селото има околу 80 куќи, сите обновени или новоизградени и внатре современо опремени. Околу куќите постојат помали или поголеми вкусно оградени и убаво уредени дворни места во кои се наоѓаат потребните стопански и други објекти (магацини, тремови, гаражи, штали, плевни, бунари и др.) и овошни градини. И покрај фактот што секоја куќа има свој бунар, некогаш за пиење била користена водата само од еден бунар во центарот на селото.[2]

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на четири маала: Стипонско, Петревско, Сандревско и Ставревско Маало.[2]

Историја уреди

 
Улица во селото

Долна Бела Црква е старо национално мешано село во кое сложно живеат православни Македонци и Албанци муслимани (Бекташи). Под различни облици на денешното име (Бела Церква, Бјела Црква, Бела Црква и Долна Бела Црква) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Од ова село потекнува Христо Јованов, доброволен учесник во Кресненското востание (1878/9) во четата на Стефо Николов-Скендеро од Бесвина.[2]

Во XIX век, Долна Бела Црква се наоѓало во Битолската каза, Ресенска нахија во Отоманското Царство.

До 1912 година, Долна Бела Црква било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Во подготовките и текот на Илинденското востание повеќе луѓе од селото се приклучиле кон востаничките чети на соседните села.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Во 1917/18 година се нашло на зафатот на Македонскиот фронт. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во овие војни, белоцрквени биле мобилизирани во војските на спротивставените страни, а некои од нив, во различни периоди се бореле и на двете страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Долна Бела Црква повторно се нашло под српска власт. Во овој период, селото било во состав на општината Подмочани.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во текот на војната загинале тројца мештани.[2][4]

Со своја прва училишна зграда селото се стекнало во 1948 година, со задружен дом во 1952, со електрична енергија во 1961, со систем за наводнување во 1963, со телевизиски прием во 1965, со асфалтен пат во 1977, со водовод во 1984, со телефонски приклучоци во 1986 година.[2]

Стопанство уреди

Основно занимање на белоцрквени секогаш било поледелството, во кое најмногу се одгледувало жито (пченица, јачмен, пченка и др.), градинарски култури (пипер, домати, кромид, лук, грав, компир, бостан и др.) и тутун. Денес, водечка земјоделска култура е овоштарството (јаболка). Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, биволи, коњи, овци и кози. Доста се одело и на печалба, во повоениот период проследена и со иселување.[2]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948238—    
1953331+39.1%
1961341+3.0%
1971404+18.5%
1981400−1.0%
ГодинаНас.±%
1991304−24.0%
1994249−18.1%
2002237−4.8%
2021179−24.5%

Во текот на своето постоење, Долна Бела Црква го бележело следниот демографски развој: во 1519 година селото имало 6, а во 1583 година 21 семејство, од кои 3 муслимански (М. Соколовски); во 1865 година 18 помачки куќи (Ј. Хан); во 1889 година 32 куќи, од кои 20 македонски и 17 помачки со вкупно 114 Македонци и 68 жители (помаци) од машки пол (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Долна Бела Црква имало 265 жители, од кои 160 Македонци христијани и 105 Албанци муслимани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долна Бела Црква имало 224 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци и 100 Албанци.[7]

Во 1961 година, селото броело 341 жител, од кои 222 биле Македонци, а 119 жители Албанци, додека во 1994 година населбата имала 249 жители, од кои 167 Македонци, а 82 жители Албанци.[3]

Низ текот на годините по Втората светска војна, по податоците на државните пописи, во селото мнозинство биле Македонците, со значително учество на Албанците.

Според пописот од 2002 година, во селото Долна Бела Црква имало 237 жители, од кои 156 Македонци и 81 Албанец.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 179 жители, од кои 117 Македонци, 56 Албанци и 6 лица без податоци.[9]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Долна Бела Црква:

Година Македонци Албанци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 238
1953 229 102 0 0 331
1961 222 119 0 0 341
1971 230 173 0 1 404
1981 259 138 2 1 400
1991 215 82 1 6 304
1994 167 82 0 0 249
2002 156 81 0 0 237
2021 117 56 0 0 6 179

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови уреди

Долнобелоцрквени се потомци на следниве семејства: македонски: Андреевци (доселени од Стипона), Базгаловци (доселени од Лева Река), Дамовци, Дојчиновци, Ѓорѓиовци (доселени од Стипона), Крушаровци (доселени од Крушје), Љоречани (доселени од Лева Река), Николовци, Наумовци, Рајчановци (доселени од Рајца), Соколовци - Петревци (доселени од Стипона), Цолевци - Георгиевци, Цибалевци (доселени од Избишта) и Шушевци; албански: Карамфили (доселени од Колоња, Албанија), Ќазими (доселени од Албанија), Шаини (доселени од Колоња, Албанија) и Шемшидини.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Македонци
  1. Староседелци: Буровци (1 к.) и Јовчевци (1 к.)
  2. Доселеници: Дамовци (1 к.) доселени се во 1829 година од селото Нивици; Дојчиновци (1 к.) доселени се од селото ГерманПреспа; Базгаловци (1 к.) доселени се од селото Дрмени; Николовци (2 к.) и Нечовци (1 к.) доселени се од селото Болно; Крушаровци (1 к.) и Рајчановци (1 к.) доселени се од селото Рајца; Џграбовци (3 к.) доселени се од селото Курбиново; Соколевци (5 к.) доселени се од селото Горна Горица; Џолевци (2 к.) доселени се од селото Перово; Цибалевци (3 к.) доселени се од селото Избишта; Стипонци (2 к.) доселени се од селото Стипона; Гулевци (1 к.) доселени се од селото Лева Река; Ѓоргијовци (1 к.) доселени се од селото Туминец.
  • Албанци:
  1. Доселеници: Камниковци (1 к.), Каранфиловци (4 к.) и Камниковци. првиот род е доселен од селото Камник ка Колоња, а вториот и третиот од селото Куртес кај Колоња (Албанија).[10]

Општествени установи уреди

 
Зградата на основното училиште во селото
  • Основно училиште

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Горна Бела Црква, се наоѓале и селата Асамати, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Долна Бела Црква, во која влегувале селата Горна Бела Црква, Долна Бела Црква, Езерани и Козјак.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1627 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 197 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната селска црква „Св. Константин и Елена“ на сретсело
Археолошки наоѓалишта[13]
Цркви[14]

Редовни настани уреди

Личности уреди

Иселеништво уреди

До 1949 година македонски иселеници има во Ресен (6 семејства), Бугарија (1 семејство), САД (3 семејства), Аргентина (4 семејства) и во Канада (1 семејство).[10]

Култура и спорт уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 88–93. ISBN 9789989920554. Посетено на 13 февруари 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 101. Посетено на 13 февруари 2017.
  4. Загинати: Ганија Назифи, Круме Петеревски и Трајан Трајчевски.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 168-169.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 февруари 2017.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. 10,0 10,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  15. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски уреди