Добри Дол (Скопско)

село во Општина Сопиште

Добри Дол — село во Општина Сопиште во областа Каршијак, во околината на Скопје.

Добри Дол

Поглед на Добри Дол

Добри Дол во рамките на Македонија
Добри Дол
Местоположба на Добри Дол во Македонија
Добри Дол на карта

Карта

Координати 41°55′36″N 21°24′14″E / 41.92667° СГШ; 21.40389° ИГД / 41.92667; 21.40389Координати: 41°55′36″N 21°24′14″E / 41.92667° СГШ; 21.40389° ИГД / 41.92667; 21.40389
Општина  Сопиште
Население 385 жит.
(поп. 2021)[1]

Повик. бр. 02
Шифра на КО 25035
Надм. вис. 452 м
Добри Дол на општинската карта

Атарот на Добри Дол во рамките на општината
Добри Дол на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото Добри Дол

Селото Добри Дол се наоѓа во средишниот дел на Скопската Котлина на 11 километри јужно, односно малку југозападно од Скопје[2]. Сместено е во мал преслап (депресија) на 2,5 километри од левата страна на Маркова Река[3], а на источната страна од јужната падина на планината Водно. Според записите на Ѓорче Петров селото Добри Дол се наоѓа на ½ (половина) час одење од Ракотинци во еден дол според кој селото го добило своето име[4]. Добри Дол е ридско село, расположено на надморска височина од 400 метри[2]. Атарот зафаќа површина од 7,6 км2 на кои преовладува обработливото земјиште со 629,6 хектари, а потоа следат пасиштата со 83,8 и шумите со 7,9 хектари[2]. Во неговата непосредна близина се селата Ракотинци, Долно Соње, Варвара и Маркова Сушица.[5] Добри Дол се наоѓа на надморска височина од 452 метри. Селото е дел од областа Каршијак. Во Добри Дол постојат две чешми (Долна или Стара и Горна Чешма), поголем број бунари длабоки од 12 до 28 метри, а на атарот околу селото избиваат повеќе послаби извори како што се Бунарче, Перковец, Вокушица, Бучало, Јазинец, Мечково Чешмиче и други[3]. Предвидено е Добри Дол да се поврзе и снабдува со регионалниот водовод кој се гради во Патишка Река. Селото е од збиен тип и се дели на две маала: Долно и Горно или Цеовско (според истоимениот староседелски род)[6].

 
Глетка од селото Добри Дол со непосредната околина

Историја уреди

Првиото пишано споменување на селото Добри Дол е зачувано во еден запис од 1475 година, односно XV век, каде што се споменуваат попот Јаков и селани од ова село[6]. Уште еден пишан документ од средновековниот период сведочи за постоењето на Добри Дол, а тоа е поменикот на манастирот Матка во кој се запишани свештеникот и повеќе приложници од ова село[6]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен на 1 мај 1855 во „Цариградски весник“ за Добри Дол запишал дека е многу плодовито село чии луѓе се многу трудољубиви и гостољубиви и имаат цркви растурени[7]. Во минатото низ Добри Дол минувал патот од Скопје за Порече и Кичево, поради што во селото постоеле 2 анови (еден во сопственост на родот Переловци, а другиот на некој Јанакија од поречкото село Црешнево) , во кои патниците од Порече одмарале, ноќевале и купувале добридолско вино „во мешини“[6].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

Во селото постои општо предание дека кога порано „тепала чумата“ селаните бегале во месностите Врањак и Душков Дол каде привремено живееле во колиби, при што последен пат чумата се појавила околу средината на XIX век[6]. За време на турското отоманско владеење селаните на Добри Дол најпрвин биле „рајати“ бидејќи живееле на сопствена земја, но околу средината на XIX век започнал со сила да присвојува земја некој Ата-бег кој бил Албанец по потекло од областа Горна Река и кој за „ќајалари“ (застапници) поставувал муслимански пљачкаши кои често барале пари од населението, напаѓале жени и деца и убивале христијани[6]. На тој начин Ата-бег за кратко време успеал да присвои 2/3 од селскиот атар додека на преостаниот дел во втората половина на XIX век помали чифлици успеале да образуваат албанскиот род Јашаровци од с. Патишка Река и некој Али-ефендија од Скопје[6]. Сопственниците на чифлизите биле вистински тирани спрема населението, собирајќи големи приходи и работна сила своеволно за што доведувале селани и од други села (Сопиште) на кулучење. Во 1878 година во Добри Дол дошле „Дебрани“ (албански насилнички пљачкашки банди) кои не успеале да направат никакво зло поради тоа што сопствениците на чифлизите не им дозволиле да се задржат подолго во селото[8]. Од чифчиството селаните започнале да се ослободуваат од 1900 година со купување на земјата, а поединечни „беглерски“ ниви биле откупувани сѐ до 1946 година[8]. Беговските кули и амбари биле запалени во текот на Балканските војни. По Втората светска војна Добри Дол започнало забрзано да го добива својот современ лик.

Стопанство уреди

 
Винови насади во Добри Дол
 
Грозје во Добри Дол

Селото Добри Дол се одликува со одлични стопански прилики и услови за развој на земјоделството. Во делот Топографија на својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Добри Дол запишал дека неговиот атар е најплодородното место во Каршијак, при што селото давало данок („спаилак“) до 1,500 шиници жито и 150 товари грозје[4]. Во денешно време најзастапени се земјоделството, лозаро-овоштарството и во помала мерка сточарството. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето житни растенија како пченица и јачмен, потоа компир, морков, пиперки, кромид, домат, марула. Добри Дол и околината од дамнина се прочуени по лозарството и производството на вино, кое како што беше споменато во делот за историја, во минатото било купувано „во мешини“ од патниците кои минувале и ноќевале во селото. Бројни се лозовите насади и денес, а во непосредната близина на Добри Дол се наоѓаат и лозјата на винарската визба „Сковин“. Од овоштарството се одгледуваат цреши, сливи, јаболка, круши, кајсии, вишни, ореви и праски. Од сточарството во многу мала мера се застапени козарството, говедарството и живинарството. Поради близината со градот Скопје, значаен дел од населението се занимава и со други дејности како занаетчиство, градежништво, електричарство, молерство, монтажерство, превозништво и други услужни дејности во претпријатија, погони и фирми во Скопје.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948434—    
1953454+4.6%
1961484+6.6%
1971487+0.6%
1981476−2.3%
ГодинаНас.±%
1991412−13.4%
1994401−2.7%
2002431+7.5%
2021385−10.7%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 44 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 125 мажи христијани, со 4 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 258 жители.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Добри Дол живееле 330 жители, сите Македонци.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Добри Дол имало 480 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[12]

Според бројноста на жителите Добри Дол не забележува позначајни промени, што се должи на поволната географска положба во однос на близината на градот Скопје и добрите услови за живот. Во 1991 година во Добри Дол живееле 484 жители, сите Македонци, а во 1994 година бројот на жители изнесувал 401, сите Македонци[2]. Во најново време е забележителна изградбата на куќи и доселување на жители од градот Скопје.

Според пописот од 2002 година, во селото Добри Дол живеат 431 жител, од кои: 424 Македонци, 1 Турчин, 2 Власи, 1 Србин и 3 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 385 жители, од кои 357 Македонци, 1 Влав, 5 Срби, 3 останати и 19 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 330 240 434 454 484 487 476 412 401 431 385
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови уреди

Добри Дол е македонско село.

Според истражувањата од 1950 година, родови во селото:

  • Староседелци: Переловци (3 к.), Перчевци (1 к.), Трипуновци (3 к.), Бончевци (3 к.), Трпановци (4 к.), Димковци (3 к.), Цимбуровци (5 к.), Чучевци (1 к.), Крстевци (3 к.), Кара-Трпковци (1 к.), Николовци (1 к.), Груевци (3 к.) и Журевци (1 к.)
  • Доселеници: Мирчевци (4 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Бистрица кај Велес. Го знаат следното родословие: Стојан (жив на 80 г. во 1950 година) Алексо-Јован-Мирче, кој се доселил; Милевци (4 к.) доселени се од селото Отља кај Куманово; Најдовци (2 к.) доселени се од некое село во Порече; Магларци (3 к.) доселени се од селото Ботушје во Порече; Китанчевци (1 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Долно Соње; Сејдовци (4 к.) доселени се од селото Горно Соње; Чаламуровци (3 к.) доселени се од селото Долно Соње. Каде припаѓале на родот Марковци; Драјчовци (1 к.) доселени се од селото Долно Соње.[18]

Општествени установи уреди

Црква „Свети Спас“ уреди

Во селото е зачувана мала црква која е посветена на св. Спас. Од ктиторскиот натпис кој е над стоечките светителски фигури на јужниот ѕид, се дознава дека црквата е изградена во 1576 година. Црквата е еднокорабна градба со правоаголна основа, со полукружна апсида однадвор и одвнатре и засводена со полукружен свод. Во храмот се влегува низ јужниот ѕид на новодоградената припрата. Живописот во црквата Св. Спас несомнено го извеле двајца сликари. Поталентираниот ги слика стоечките фигури во првата зона, ликовите на сводот, фигурата на Исус Христос и во нишата над влезот во црквата. Неговите фигури се тенки, издолжени, со хармонични пропорции и убави пози. Употребува дискретни пастелни бои и посветува внимание на декоративните орнаменти. Живописот во втората и во третата зона веројатно е дело на вториот сликар и е под дебел слој саѓи, меѓутоа се воочува иконографска точност на сцените и на ликовите кои се шематизирани. Се претпоставува дека подобриот сликар од Св. Спас и припаѓал на групата сликари кои ја декорирале црквата Св.Атанасие или Св. Никола во селото Шишево, а на тоа укажува присуството на античката пророчица, еритрејска Сибила.[5]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[19]

Личности уреди

Личности од Добри Дол (Скопско):

Иселеништво уреди

Од Добри Дол постои значаен број на иселеници кои се забележани во: градот Скопје и околните поблиски и подалечни скопски села Усје, Драчево, Долно Соње, Маркова Сушица[20]. Во поново време е забележан и помал незначителен број на иселеници во странство претежно во европските земји.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 98
  3. 3,0 3,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 137
  4. 4,0 4,1 Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр. 525
  5. 5,0 5,1 Црковна традиција во Скопје
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 138
  7. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 80
  8. 8,0 8,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 139
  9. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  10. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 209.
  11. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 139-140
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 140

Надворешни врски уреди