Денови на искушение (филм)

филм

„Денови на искушение“ — првиот долгометражен игран филм на Бранко Гапо од 1965 година. Филмот е снимен според драмското дело „Црнила“ на Коле Чашуле чиј основен мотив е политичкото убиство, атентатот, над Ѓорче Петров, извршен од врховистите во Софија во 1921 година. Драмата, всушност, ја отсликува заднината на овој злосторнички чин, подготовките за него и неговите глумци, а нејзината сценаристичка адаптација на Димитар Солев и Гане Тодоровски главно ја следи истата драматуршка структура. Екранизацијата на оваа драма доаѓа по забележителниот успех што таа го постигнала на театарските сцени во Македонија.[1]

„Денови на искушение“
РежисерБранко Гапо
ПродуцентВардар филм
СценаристБранко Гапо, Димитар Солев, Гане Тодоровски, според драмата Црнила од Коле Чашуле
Главни улогиЈанез Врховец
Димитар Гешовски
Радмила Ѓуричин
Воја Мириќ
Петре Прличко
Предраг Ќерамилац
Илија Џувалековски
КинематографијаКиро Билбиловски
ДистрибутерВардар филм
Премиера1965
Времетраење104 мин.
ЗемјаМакедонија Македонија
ЈазикМакедонски

Содржина уреди

По завршувањето на Балканските и на Првата светска војна (1918 г.), повеќе илјади Македонци емигрираат во Бугарија. Меѓу нив се и врховистички ориентираните Македонци кои сакаат емиграцијата да ја искористат за свои политички цели.

Неда Христова (Рада Ѓуричин) е идна сопруга на Милан Христов (Јон Исаја), богат трговец со текстил во Софија. На барање на нивниот пријател Тодор Иванов (Димитар Гешоски), Милан им го отстапува својот голем и луксузен стан додека е на службен пат до Пловдив. Ја предупредува Неда да внимава на станот во негово отсуство и целата послуга да им ја стави на располагање на гостите. Но Милан не е ни свесен дека тука во неговиот стан се спрема атентат.

Орце (Предраг Ќерамилац) е дваесетгодишно момче од село Чаниште, чии родители биле заклани во сопствениот двор од турскиот аскер 1903 година, кое се придружува кон организацијата и е спремен да врши револуционерна дејност. Пристигнува со пладневниот воз во Софија.

Гостите во станот го пречекуваат Орце и му ја соопштуваат задачата што треба да ја исполни, да убие македонски предавник и противник на организацијата, предавник чиј збор тежи повеќе од 1000 пушки и чие име не му го соопштуваат од причина што не е важно името на предавниците. Сите се изненадени од тоа дека Орце изразува желба, ако може, евентуално да го сретне Ѓорче Петров кој лично го познава и за кој претпоставува дека е во Софија иако не се сретнале десет години. Сите се вчудовидени, а Орце со емоции продолжува да им раскажува како бил спасен токму од Ѓорче Петров и им го покажува часовникот што како подарок подоцна го добил лично од него. Сите овие разговори од зад завесите ги слуша Неда и се зачудува на какви гости со сопругот им го отстапуваат станот. Видно вознемирена Иван (Воја Мириќ) ја смирува пиејќи со Неда едно заедничко кафе.

Утредента претпладнето е организиран атентатот. Фезлиев, Иван, Луков, Методи, Крсто се на своите места по улиците каде се очекува секој момент да се појави Ѓорче Петров (Јанез Врховец). На Орце му е даден пиштол и енергично со голем гнев го извршува атентатот врз „предавникот“. Сфаќајќи што сторил и кого убил, знаејќи дека и него го чека смрт, се крие по софиските улици. Во желба да му помогне на Орце да се спаси, Фезлиев исто така паѓа во канџите на организацијата. Двајцата се убиени на депото меѓу пероните на софиската железничка станица.

Награди уреди

  • 1966: 13 Ноемвриска награда за камерата во филмот за Киро Билбиловски

Улоги уреди

Наводи уреди

Надворешни врски уреди