Данка Ристова Северова Фирфова (Велес, 2 јануари 1918 - Скопје, 21 јуни 2003) — македонска оперска пејачка - сопран, првенка на Операта на МНТ. Фирфова била сопруга на музичкиот деец Живко Фирфов[1], додека нејзин син бил Милан Фирфов, виден македонски пијанист и оперски певец.[2]

Данка Фирфова
Родена 2 јануари 1918
Велес
Починала 21 јуни 2003
Скопје , Македонија Македонија
Занимање оперска певица

Животопис уреди

Фирфова е родена на 2 јануари 1918 година во Велес во семејството на Ристо Северов. Пеење учела во Белград и Софија кај професорите Медведова-Шкерјанц, Љ. Киш и Х. Брмбаров. Се усовршувала во Италија на Миланската Скала. До 1947 година работела како наставник по музичко воспитување во Земун, Велес и Скопје. Била учесник во првите изведби на македонски јазик на операта Кавалерија рустикана во мај 1947 и со тоа станува еден од основачите на Македонската опера. Од 1948 до 1975 година станала постојан член на Операта на МНТ. Извесен период (19561958) била и член на Операта во Нови Сад. Во текот на оперската кариера остварила повеќе од 15 главни улоги меѓу кои: Аида, Дездемона (Отело), Леонора (Трубадур), Шарлота (Вертер), Марженка (Продадена невеста), Ѓула (Еро од оној свет), Тоска, Елизабета (Дон Карлос), Турандот. Гостувала во оперските центри на Југославија, како и во Полска, Бугарија, Грција. Музичката критика го истакнувала нејзиниот прекрасен драмски сопран, со голема носивост, заобленост и топлина. Починала во Скопје на 21 јуни 2003 година.

Наводи уреди

  1. Dimitrije Buzarovski. „IRAM's CD Female vocal soloists from the Firfov Collection“ (PDF) (англиски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-07-03. Посетено на 2012-04-28.
  2. Мирјана Павловска - Шурајковска (2009). Данка Фирфова - монографија (македонски и англиски). Скопје: Дирекција за култура и уметност- Скопје.

Надворешни врски уреди