Даниел Габриел Фаренхајт

Даниел Габриел Фаренхајт, Gabriel Fahrenheit (германски: ˈfaːʀənhait; 24 мај 168616 септември 1736) бил германски потчиненик на полската круна[1], физичар и инженер, најдобро познат по пронаоѓањето на живиниот топломер (1714), како и по создавањето температурна скала (°F), која денес го носи неговото име.[2]

Даниел Габриел Фаренхајт
Роден(а)24 мај 1686 (14 мај стар стил)
Гдањск, Полско-литванска Државна Заедница
Починал(а)16 септември 1736 (50 г.)
Хаг, Холандија
НационалностПолска, Холандија
Полињафизика, топломерија
Познат поФаренхaјтова температурна скала, Фаренхајтов хидрометар, прв живин топломер
Потпис
Гдањск, родното место на Фаренхајт

Животопис уреди

Фаренхајт е роден во 1686 година во Гдањск, Полско-литванската Државна Заедница, но најголемиот дел од својот живот го поминал во Холандската Република. Фаренхајтови биле германско трговско семејство од Ханзата, кое живеело во повеќе градови на Ханзата. Прадедото на Даниел живеел во Росток, а истражувањата укажуваат на тоа дека Фаренхајтови потекнувале од Хилдесхајм[3]. Во 1650 година дедото на Даниел се преселил од Кнајпхоф (Кенигсберг, денешен Калининград) во Гдањск, каде се стационирал како трговец. Таткото на Фаренхајт, Даниел Фаренхајт, се оженил со Корнелија Шуман, ќерка на реномирано гдањско трговско семејство. Даниел Габриел бил најстарото од пет деца (два сина и три ќерки) кое го преживеало детството.[4]

Даниел Габриел започнал да се подготвува за запловување во трговските води во Амстердам, по смртта на неговите родители, 14 август 1701 година. Меѓутоа, големиот интерес кон природните науки го навел кон изучување на таа област и експериментирање во истата.

Од 1717 година Фаренхајт патувал низ европските градови Берлин, Хале, Лајпциг, Дрезден, Копенхаген и неговиот роден град, кој неговиот брат сѐ уште не го напуштил. Во текот на овој период, Фаренхајт остварил контакт со Оле Ремер, Кристијан Волф и Готфрид Лајбниц.

Фаренхајт се стационирал во Хаг, работејќи во стаклара, во 1717 година, каде учествувал и во изработка на барометри, висинометри и топломери. Почнувајќи од 1718 година започнал да држи предавања по хемија во Амстердам. Во 1724 година ја посетил Англија, кога станал и член на Кралското друштво на Лондон за унапредување на природните науки.[5]

Во Хаг, Фаренхајт ја дочекал својата смрт, каде бил и погребан, во Клоистеровата црква. Во 2012 година, благодарение на фотографиите на Фаренхајтовите роднини, науниците успеаа компјутерски да го реконструираат неговиот лик.[6]

Создавање топломери и други иновации уреди

Првите два топломери Фаренхајт ги завршил до 1714 година, а биле исполнети со алкохол. Набргу решил да го замени алкохолот со жива и извршил низа испитувања, потпирајќи се на делото на данскиот астроном Ремер. Притоа ги определил точките на вриење на низа течности, вклучувајќи ја и водата, и ги следел способностите на живата за зафатнинско ширење. Заклучил дека точката на вриење на водата зависи од промената на атмосферскиот притисок. Покрај тоа, пронашол и метод за подладење (supercooling) на водата (ладење под точката на замрзнување, при што таа останува во течна фаза).

Овие откритија кај Фаренхајт предизвикале сомнеж во точноста на точките на вриење и замрзнување, па создал своја скала од 0 до 212 степени.

 
Фаренхајтов хидрометар

Живините топломери доживеале голем успех, а ги користел поради неговиот метод на чистење на живата. Исто така, Фаренхајт во топломерите го заменил сферниот сетилник на топломерот (садот во кој е сместена живата) со цилиндричен. Методите за изработка на своите топломери ги држел осумнаесет години во тајност.

Меѓу неговите иновации се наоѓаат и хидрометарот (уред за мерење на тежината на течност) и термобарометарот (за мерење на атмосферскиот притисок преку одредување на точката на вриење на водата).

Фаренхајтова температурна скала уреди

 
Целзиусовата и Фаренхајтовата скала

Според Фаренхајтовата статија од 1724 година[7], скалата ја определил со помош на три референтни температурни точки. Најниската температура бил постигната на еднинствениот дотогаш познат лабораториски начин, со подготовка на смеса од мраз, вода и амониум хлорид (сол), која по определен период постигнува рамнотежа. Тогаш, во смесата бил поставен топломер, па течноста во неговата внатрешност се спуштила на најниската точка. Температурата која ја покажувал топломерот Фаренхајт ја дефинирал како 0 °F.

Втората референтна точка била определена како отчитувањето на топломерот кога тој бил поставен во мирна вода додека мразот штотуку се создавал на површината.[8] Оваа температура, точката на замрзнување на водата, била означена како 32 °F. Како последна, трета референтна точка, била земена нормалната телесна температура на човекот измерена под пазувите или под јазикот, 96 °F.

Фаренхајт дошол до откритие дека точката на вриење на живата е околу 600 степени, според оваа нова скала. Употребата на новиот живин топломер и понатамошните испитувања покажале дека точката на вриење на водата е околу 180 степени над нејзината точка на замрзнување (на 212 °F). Фаренхајтовата скала подоцна била редефинирана за интервалот меѓу точките на вриење и замрзнување да изнесува точно 180 °F[9], која е доста поволна бројна вредност зашто бројот 180 е високо сложен број (има повеќе делители од било кој помал позитивен број).

Поради редефинирањето на оваа скала, денес за нормална телесна температура се смета температурата од 98,6 °F[10], наместо измерените 96 °F на првобитната Фаренхајтова скала.[11]

Сѐ до преминување на употреба на Целзиусовата скала, скалата на Фаренхајт била широко употребувана во Европа. Денес, сѐ уште се користи во САД[12], Канада и поретко во Велика Британија.

Поврзано уреди

Извори уреди

  1. Енциклопедија на светска биографија "Габриел Фаренхајт"
  2. Енциклопедија „Британика“ – „Наука и Технологија“: Даниел Габриел Фаренхајт" [1]
  3. Кант, Хорст (1984). Г. Д. Фаренхајт / Р. А. Ф. де Реомир / А. Целзиус. Б. Г. Тојбнер. Посетено на 2008-06-14.
  4. Погледни Генеалогии на Фаренхајт и Кругер.
  5. Архива на Кралското друштво. Архивирано од изворникот на 2011-11-27. Посетено на 2015-01-31.
  6. „Научници направија компјутерска слика на ликот на пронаоѓач користејќи фотографии на неговите роднини“. The Age. 28 November 2012.
  7. Фаренхајт ги објаснува, на латински, избраните бројни вредности во статијата: Fahrenheit, D. G. (1724). „„Experimenta et Observationes de Congelatione aquae in vacuo factae"“. Филозофски трудови на Кралското друштво. 33 (381–391): 78. doi:10.1098/rstl.1724.0016. Не се допушта закосување или задебелување во: |journal= (help)
  8. Хит, Џонатан. „Зошто Фаренхјтовата скала ја користи температурата од 32 степени како точка на замрзнување?“. PhysLink. Посетено на 2008-05-09.
  9. „Фаренхајтова температурна скала“. Sizes, Inc. 2006-12-10. Посетено на 2008-05-09.
  10. МакКовијак, Филип А. (1992). „Критично проценување на 98.6°F, горната граница на нормалната телесна температура и други наследства на Карл Рајнхолд Август Вундерлих“. JAMA (ЖАМА): журнал на Американската медицинска асоцијација. 268 (12): 1578. doi:10.1001/jama.1992.03490120092034.
  11. Елерт, Глен; Форсберг, Ц; Варен, Л.К. (2002). „Температурата на здрав човек (телесна температура)“. Скандинавски журнал на грижливи науки. 16 (2): 122–8. doi:10.1046/j.1471-6712.2002.00069.x. PMID 12000664. Посетено на 4-12-2008. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  12. За раните обиди да се замени Фаренхајтовата скала во САД погледни: Џонсон, Алберт (1916). Да се укине Фаренхајтовиот топломер. Вашингтон: G.P.O.

Надворешни врски уреди