Гостиражни

село во Општина Долнени

Гостиражни или Гостиражње — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Гостиражни

Поглед на Гостиражни

Гостиражни во рамките на Македонија
Гостиражни
Местоположба на Гостиражни во Македонија
Гостиражни на карта

Карта

Координати 41°33′15″N 21°25′52″E / 41.55417° СГШ; 21.43111° ИГД / 41.55417; 21.43111
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Област Прилепско Поле
Население 135 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7506
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20025
Надм. вис. 740 м
Слава Атанасовден
Гостиражни на општинската карта

Атарот на Гостиражни во рамките на општината
Гостиражни на Ризницата

Потекло на името уреди

Името на селото Гостиражни е со потекло и значење на македонски јазик. Не се точно познати неговиот настанок и потекло, но може јасно да се протолкува дека тоа доаѓа од зборовите гости и ражни. Ако се има предвид местоположбата на селото како прво во котлината на Пелагонија веднаш после Богомилскиот Преслап преку кој во минатото оделе познатите скопско-прилепски и прилепско-велешки патишта, можно е тука патниците и гостите да застанувале за одмор и преноќување при што се гоштавале со јагниња, јариња или друго месо кое се печело на ражни.

Недалеку од селото се наоѓа железничкото стојалиште ЖС „Гостиражни“.

Географија и местоположба уреди

 
Глетка кон Гостиражни и неговата околина

Селото Гостиражни се наоѓа на крајниот северен дел на Прилепското Поле и воопшто на котлината Пелагонија, веднаш покрај железничката станица на пругата Велес-Прилеп-Битола. Во таа насока тоа е сместено на крајниот северен дел на Општина Долнени на границата со Општина Чашка, а на северозападните ограноци на планината Бабуна. Околни села се: Стровија, Црнилиште и Слепче. Од градот Прилеп е оддалечено 35 километри.[2]

Селото е ридско на надморска височина од 740 метри. Вода за пиење се добива од две чешми и десет бунари со длабочина од 12 до 18 метри. Над селото избиваат извори наречени Горни, Средни и Долни. Гостиражни е село од збиен тип. Се дели на Секулоско, Милошевско, Коческо и Момировско маало.[3]

Селскиот атар зафаќа простор од 13,4 км2.[2] Потезите на атарот ги носат следните називи: Јаричиште, Старо Гостиражни, Криви Рид, Плитка Осојница, Кукулајца, Ѓанои Ливади, Сув Даб, Шабаница (воденица купена од соседното албанско село Црнилиште), Трска, Мицеа Ливада, Лозја, Бели Орници, Кале, Чука, Преслап, Браненица (шума која не се сече), Буниште, Рудина, Бачилиште, Катуниште, Белутина, Утов Дол, Пештера, Поклопка, Црн и Ж’лт Камен.

Историја уреди

Селото е спомнато во Трескавечкиот поменик од XVI-XVII век како Гостиражда и Гостиражни.

На границата на атарот со велешкото село Богомила е месноста Кале. Таму имало некоја тврдина од која останале урнатини од ѕидините – бедеми. Околу урнатините израснала шума. Покрај ова возвишение води патот од околината на Прилеп за долината и сливот на Бабуна. Овој пат бил многу познат уште од античките македонски и римски времиња, средновековниот и подоцнежниот период сѐ до крајот на XIX и изградбата на пругата во 30-тите години на XX век бидејќи преку Велешко тој директно водел за Скопје.

Ѓорче Петров го запишал следното за пештерата со извори позната како „езерото“ над Гостиражни. Некогаш тоа било откриено, но откако во него се удавило некое момче околните селани го затрупале со земја. На тоа место и сега земјата е тињеста. Водата му истекува во селото Гостиражни. На сретсело има повремени извори, кои протекуваат од тоа езеро. Во определен ден од годината во изворите се јавува вода и протекува надолу како река. Бидејќи по неа селаните имаат ги имаат своите воденици, а надолу со неа ги вадат нивите, тој ден го сметаат за празник и сите излегуваат на изворот.[4] Во случај да не излезе вода во определениот ден, што се случува во сушните години, на местото излегуваат на молебен.

Народното предание наведува дека Гостиражни се наоѓало на потезите кои сега се викаат Старо Гостиражни и Јаричиште. Тие се наоѓаат на околу 1.000 метри југоисточно од денешното село. Таму има ниви во кои се изорувале делови од куќни ѕидови, гробови и еден бунар. Каменот од некогашните ѕидови бил употребуван за време на градењето на денешниот задружен дом. Не се знае кога и зошто пропаднало селото во Старо Гостиражни.

Денешното село Гостиражни настанало од седум куќи. Од нив потекнува голем број на стари родови. Кога Гостиражни имало седум куќи тогаш него го заорале двајца браќа близнаци со два вола исто така близнаци. На горната страна на селото е црквата посветена на Свети Атанасиј која е изградена во втората половина на XIX век. Селските гробишта се околу црквата. „Панаѓурот“ во Гостиражни е на денот на Свети Атанасиј „летен“.

Бачилиште е предел на планината над селото. Селаните кажуваат дека таму летно време напасувале овци „Качауни“ или „Власи Каракачани“. Тие на Бачилиште доаѓале и некое време во XIX век. За Качауните се наведува дека зборувале „како грчки“. На планината е и потегот Катуниште, кој според името укажува дека таму летно време престојувале сточари со стада. За време на турското ропство, во Гостиражни не биле формирани чифлизи, а жителите биле рајати.[3]

Гостиражни многу настрадало за време на Првата светска војна. Во 1915 година бугарската војска стрелала 80 жители на селото меѓу кои имало и жени, па дури и деца стари еден месец. Таква несреќа тогаш доживеале и други соседни села – Стровија, Долгаец и Маргари. Селаните на Гостиражни и Стровија за време на турското владеење биле „рајати“ односно живееле на своја сопствена земја.

Стопанство уреди

Во селскиот атар преовладуваат шумите на површина од 608,4 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 333,7 хектари, а на пасиштата 189,9 хектари. Според тоа, селото има полјоделско-шумарска функција.[2] Населението се занимава главно со земјоделство и шумарство. Од полјоделството најмногу се одгледува: тутун, пченица, јачмен, пченка, грав, кромид, лук и компир (особено од жители доселени од Јаболчиште каде што многу се одгледува компир). Сточарството во помали размери опфаќа одгледување на крупен добиток како крави, телиња, волови и поситен како овци и кози, чие млеко се продава сурово или преработено во сирење. Поради изобилството од квалитетна и густа, дабова, букова и борова шума, доста е развиено и шумарството односно сечата на дрво за огрев и градежништво. Крај самото село води сечата и земјениот дрварски пат кон Богомила. Голем проблем за селото претставуваат дрвокрадците. Некои од жителите се занимаваат и со надничарство и други наемни работи во Црнилиште или на пазарот во Прилеп.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948522—    
1953488−6.5%
1961431−11.7%
1971280−35.0%
1981208−25.7%
ГодинаНас.±%
1991149−28.4%
1994110−26.2%
2002108−1.8%
2021135+25.0%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Гостиражни било село со 36 домаќинства и 146 жители Македонци.[5]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Гостиражни имало 272 жители Македонци.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во селото имало 360 жители Македонци.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Гостиржани (Гострач) се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[8]

За време на Првата светска војна Гостиражни било вклучено во општина Костинци и имало 437 жители.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци.[10]

На пописот од 2002 година, во селото живееле 108 жители, од кои 45 Македонци и 63 Албанци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 135 жители, од кои 31 Македонец, 97 Албанци, 1 Србин и 6 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 272 360 522 488 431 280 208 149 110 108 135
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови уреди

Гостиражни е македонско село.

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се:

  • Староседелски: Велковци (15 к.), Секуловци (10 к.), Милошевци (10 к.), Кочевци (10 к.), Момировци (6 к.) и Ѓеновци (1 к.) потекнуваат од некогашните седум куќи кои постоеле во селото.
  • Доселеници: Божиновци (3 к.) доселени се од мијачкото село Ореше во Азот; Чановци (2 к.) доселени се од некое село во Дебарско; Панџовци (3 к.) доселени се од соседното село Секирци.[3]

Општествени установи уреди

Во селото работи подрачното основно училиште, каде што се одржува настава до петто одделение.[17] Освен тоа, во селото има продавници и споменик на НОБ.[2]

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Костинци.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на истоимената општина.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1477 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 89 гласачи.[19]

Културни знаменитости уреди

 
Гостирашкиот манастир
Археолошки наоѓалишта[3][20]
Манастири[21]
Цркви[21]

Иселеништво уреди

Три семејства од родот Секуловци и две семејства од родот Милошевци се иселиле во соседното Црнилиште. Гостирашци живеат во Ропотово. Аризановци живеат во Браилово. Нешковци живеат во Мажучиште.[3] Од Гостиражни се иселени околу 15 семејства во Прилеп и Скопје. Значајно иселување е извршено помеѓу 1961 и 1971 година.

Личности уреди

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 82-83.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 382–383.
  4. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр. 62.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 72-73.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 244.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 21.
  9. „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София 1917“.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 април 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Образование“. Општина Долнени.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  21. 21,0 21,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди