Глина — општ поим за разни комбинации од глинести минерали со мали примеси на метални оксиди и органски материи.[1] Наталожената глина во земјиштето претежно се состои од филосиликатни минерали со различни количества на придружна вода.

Квартарска глина во Естонија

Образување уреди

Глинестите минерали се образуваат во текот на долг временски период со постепено хемиско елувијално распаѓање на силициумоносните карпи во содејство со мали концентрации на јаглеродна киселина и други разредени растворувачи. Овие кисели растворувачи се вижат надолу по слоевите, исцедувајќи се од секој претходен распаднат слој. Покрај ова, некои глинести минерали се создаваат и поради хидротермалните активности. Глинените слоеви може да се јават на место на остаточни почвени слоеви, но дебелите наслаги се обично се образуваат како последица од вторично седиментно таложење што се јавува по нивното свлекување и поместување на друго место.

Првичните глини, наречени каолинити, се среќаваат на самото место на образување. Вторични се оние што се среќаваат веќе однесени на друго место од ерозија или од водата и не се на изворното место на нивното образување.[2]

Дефиниција уреди

 
Глина под електронски микроскоп, зголемено 23.500 пати

Глините се разликуваат од другите фини почви по големината на честичките и нивната минералогија. Милот e многу ситна почва што нема глинести минерали, no сепак има покрупни честички од глината. Кај некои глини и милови постои совпаѓање во големината на зрнцата и други физички својства, а постојат и лежишта кајшто се јавуваат обете. Точната разлика помеѓу нив зависи од дисциплината. Геолозите и изучувачите на почвата сметаат дека зрцата помали од 2 µм се глина, во седиментологијата границата е 4-5 μм, а пак во хемијата на колоидите, глината е сето она што е поситно од 1 μм.[1] Во геотехниката, разликата помеѓу глините и миловите зависи од пластичните особини на почвата, согласно Атерберговите граници. Според стандардот ISO 14688, глината е поситна од 2 μм, а милот покрупен од тоа.

Групирање уреди

Зависно од научниот пристап, постојат три до четири групи на глина: каолинит, монтморилонит-смектит, илит и хлорит. Хлоритите понекогаш се сместуваат во посебна група во рамките на филосиликатите. Во склоп на овие категории, постојат околу 30 вида на „чиста“ глина, но највеќето глина што се среќва во природата претставува мешавина составена од овие видови, покрај другите елувијални минерали.

Варвата е глина со „годови“, кајшто се гледаат наслаги од секоја година, образувани со сезонските разлики во ерозијата и органските содржини. Овој вид на наслојување е најчест кај поранешни леднички езера. Рамномерноста и сталоженоста на слоевите се должи на фактот што водата во ваквите езера речиси е неподвижна.[2]

Употреба во минатото и денес уреди

 
Глинена таблица што ги наведува победите на акадскиот крал Римуш. Препис од монументален натпис, ~ 2270 п.н.е.
 
Глина на ѕидови на селска куќа

Кога ќе се смеша со вода во извесен сооднос, глината се одликува со пластичност. Кога ќе се исуши, таа се стврднува, а кога ќе се стави во печка, претрпува трајни физички и хемиски промени и се претвора во керамички материјал. Поради ова, глината се користи во изработката на грнчарија за практична намена и украси. Различни видови глина во придружба на разни минерали и услови на печење даваат грнчарија, керамика и порцелан. Употребата на глината почнува уште од праисторијата, за што сведочат наоди уште од 14.000 г. п.н.е.[3] По боја, грнчаријата може да биде сива, жолта, портокалова и црвена.

Глината игра суштинска улога и во историјата на писменоста, како првиот носач на записи напишпани со клинесто писмо. Од неа во далечното миното се правеле и топчиња, кои служеле како муниција за праќа.

Првиот облик на керамика е добиен со пржење (синтерирање) на глината. Од неа се обликуваат и печат најразлични предмети како тули и ќерпичи, садови за готвење и јадење, лулиња, уметнички ракотворби, па дури и музички инструменти како окарината. Наоѓа примена во разни индустриски процеси како изработката на хартија, производството на цемент и хемиската филтрација. Сè до крајот на XX век, бентонитот насекаде се користел како врзивен материјал во изработката на калапи во леарството.

Како релативно водонепропусен материјал, глината има и заштитна улога: од неа се прави внатрешноста на браните за водоотпорност и се става во депонии како заштитен слој, спречувајќи го навлегувањето на токсичните суптстанции во земјиштето.[4]

Во последно време, глината наоѓа и други примени за отстранување на тешки метали од отпадната вода и во пречистувањето на воздухот.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Guggenheim & Martin 1995, стр. 255–256
  2. 2,0 2,1 Околински особености на глините и наслагите на глинестите минерални - USGS (англиски)
  3. Scarre, C. 2005. The Human Past, Thames and Hudson: London, стр. 238
  4. Кочкар, Мустафа К.; Акѓун, Халук; Актурк, Озѓур, „Првично разгледување на набиената мешавина од бентонит и песок како постава за обложување на депонии Архивирано на 4 декември 2008 г.“ (извадок). Геотехнички факултет, Блискоисточен технички универзитет, Анкара (англиски)

Литература уреди

  • Guggenheim, Stephen; Martin, R. T. (1995), „Definition of clay and clay mineral: Journal report of the AIPEA nomenclature and CMS nomenclature committees“ (PDF), Clays and Clay Minerals, 43 (2): 255–256, doi:10.1346/CCMN.1995.0430213, Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-09-23, Посетено на 2013-01-31
  • Clay mineral nomenclature American Mineralogist.
  • Ehlers, Ernest G. and Blatt, Harvey (1982). 'Petrology, Igneous, Sedimentary, and Metamorphic' San Francisco: W.H. Freeman and Company. ISBN 0-7167-1279-2.
  • Hillier S. (2003) Clay Mineralogy. стр. 139–142 In: Middleton G.V., Church M.J., Coniglio M., Hardie L.A. and Longstaffe F.J.(Editors) Encyclopedia of sediments and sedimentary rocks. Kluwer Academic Publishers, Dordrecht.

Надворешни врски уреди