Глигор Муратовски

Глигор Муратовски (22 март 1897, Галичник - 11 јули 1976, Скопје) — физиолог, пнеумофтизиолог, редовен професор и основоположник на Институтот за градни болести во Скопје.[1]

Глигор Муратовски
Роден 22 март 1897
Галичник, Македонија Македонија
Починал 11 јули 1976
Скопје, Македонија
Занимање универзитетски професор, физиолог

Животопис уреди

Глигор Муратовски е роден во селото Галичник. Основно и средно образование учел во Галичник, Солун и Скопје, а медицина во Софија и Виена. По дипломирањето, работел како општ лекар во Галичник, а потоа и како лекар во Хигиенскиот завод во Скопје. По формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје, тој бил избран за професор по предметот „Фтизиологија“. Специјализирал во периодот од 1937 до 1941 во Скопје, а за време на НОБ давал медицинска помош на борците.[1]

Кариера уреди

По ослободувањето, во 1945 година Муратовски станал управник на Државната болница во Скопје. Учествувал во основањето на Медицинскиот факултет во Скопје, каде бил назначен за редовен професор, и подоцна и декан на факултетот во три наврати, во периодот од 1954 до 1960 година.[1] Меѓу другото, Глигор Муратовски ги обавувал должностите: началник на Одделението за туберкулоза при Министерството за народно здравје на Македонија, член на Одборот за народно здравје, шеф на Градската клиника во Скопје, претседател на Здружението на пневмофтизиолози на Македонија, основач и претседател на МЛД, како и еден од организаторите на првиот конгрес на лекарите на Македонија.[1] Исто така бил член на Основачкото собрание на Црвениот крст на Македонија, и почесен член на Здружението на пневмофтизиолозите на Југославија. Се пензионирал во 1959 година, и по пензионирањето ја продолжил својата активност во Црвениот крст на Македонија.

Добитник е на наградите: Орден на заслуги за народот, Орден на трудот од II ред, Орден на трудот од I ред, Златен знак на Црвениот крст на Југославија, и други пофалници, награди и признанија.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. ​31-33