Георги Василевски

Георги Василевски (24 ноември 1935 - 2 август 2009)[1] — македонски филмски критичар, публицист и теоретичар на филмот[2]. Роден е во Гуменџе, Егејска Македонија.

Георги Василевски
Роден 24 ноември 1935
Гуменџе, Егејска Македонија
Починал 2 август 2009
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Занимање филмски критичар, публицист и теоретичар на филмот

Биографија и работа уреди

Филозофскиот факултет го завршил 1960 година во Скопје. За време на студентските денови објавувал филмска критика и активно учествувал во работата на академскиот кино клуб „Скопје“. По дипломирањето се вработил во радио Скопје и ја водел емисијата „Низ окото на филмската камера“.

Постдипломски студии завршил во Париз, под патронат на париската кинотека, а по враќањето во Скопје станува уредник на филмската програма во телевизија Скопје и ја уредува и води емисијата „Во фокусот на филмот“.

Во некогашна Југославија соработувал со речиси сите филмски списанија, а во некои од нив е и член на редакцијата како „Филмограф“ од Белград и „Екран“ од Љубљана. Учествувал на голем број домашни и странски симпозиуми, кои се тематски поврзани со проблематиката на филмот и е автор на стотина научни трудови посветени на историјата, теоријата и естетиката на филмот. Припаѓа на тесната група критичари што го основале движењето „Синеастички вечери“ и ги покренаа филмските списанија „Кинотечен месечник“, а подоцна и „Кинопис“.

Еден е од соработниците на филмската енциклопедија во издание на Југословенскиот лексикографски завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб. Автор е на монографијата за Ацо Јовановски, како на „Времето на филмот“, а автор е и на книгата Филм медсанјами ин ресницо во издание на „Младинска книга“ од Љубљана. Василевски ги напишал и 4-те досега објавени тома од планираното петтомно издание „Историја на филмот“ во издание на Кинотека[3].

Бил професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА и на ФДУ. Добитник е на наградата „Феникс“ за постигнување врвен успех од областа на филмската уметност, како и на наградата „Златен Дедал“ што ја доделува европската филмска академија ЕСРА.

Во последните години работел на циклусот „Портрети“ со поднаслов „Професија синеаст“, како и на серијата документарни филмови посветени на значајните научни, културолошки, и уметнички имиња од повеќе европски држави, кои живееле и работеле во Македонија.

На 9 ноември 2009 година излезе и неговото капитално дело „Филмска енциклопедија“, на вкупно 800 страници, по азбучен ред ја опфаќа историјата на филмот, филмските автори, периоди и филмски жанрови.

Специфично за ова единствено дело во нашата филмска историја е што претставува синтеза на различните можни пристапи за пишување филмска енциклопедија. Таа е и филмска историја, и приказ на филмските автори и се задржува на периоди од развојот на филмот и на жанровите. Таа е корисна и за оние што лаички се занимаваат со филмот и за оние што се професионално врзани за него - кажа професорот Љубомир Цуцуловски, еден од промоторите на енциклопедијата.

Наводи уреди