Гент-Вевелгем 2016

издание во 2016 година на велосипедската трка Гент-Вевелгем
Гент-Вевелгем 2016
Детали за трката
Издание78. Гент-Вевелгем
НатпреварувањеСветска турнеја на UCI 2016 1.UWT
Датум27 март 2016
Растојание242,8 км
ДржавиBEL Белгија
FRA Франција
ПоаѓалиштеДејнзе
ОдредиштеВевелгем
Екипи25
Возачи на почеток196
Возачи на крај82
Просечна брзина41,006 км/ч
Добитници на наградите
ПобедникSVK Петер Саган (Тинкоф)
ВторопласиранBEL Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо)
ТретопласиранRUS Вјачеслав Кузнецов (Катјуша)
◀20152017▶
Документација

Гент-Вевелгем 2016 (службено: Гент-Вевелгем — Во полињата на Фландрија[1]) — еднодневна велосипедска класична трка, која се одржала на 27 март 2016 година.[2] Претставувало 78. издание на трката Гент-Вевелгем и седма трка во сезоната на Светската турнеја. Трката поминала растојание од 243 километри, започнувајќи во Дејнзе и завршувајќи во Вевелгем во Белгија и еден мал дел од трката поминувал низ северниот дел на Франција. Трката имала десет искачувања, неколку од нив со калдрма, кои биле главна потешкотија на трката. Последното и најтешко искачување било Кемелберг. Фаворити на трката биле Александер Кристоф (Катјуша), Фабијан Канчелара (Трек-Сегафредо) и Петер Саган (Тинкоф).

Трката била освоена од Саган, кој се издвоил со Канчелара и Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо) на Кемелберг по низа одвојувања кои се случиле во првата половина на трката. Ним им се приклучил Вјачеслав Кузнецов (Катјуша), кој бил во рано бегство и групата од четворица стигнала заедно на целта. Саган го освоил спринтот, додека Ванмарке завршил втор, а Кузнецов трет.

Во текот на францускиот дел на трката, белгискиот возач Антоан Демоатје (Ванти-Груп Гобер) паднал и подоцна бил удрен од мотор. Починал истата вечер.

Рута уреди

 
Кемелберг бил сметан за најтешко искачување, со наклони до 23%.

Рутата за Гент-Вевелгем 2016 била значително променета од изданието во 2015 година, но и од другите претходни изданија. Биле користени неколку различни искачувања. Главна одлука била одлуката да се користи другата страна на најважното искачување на трката, Кемелберг. Во претходните години, рутата поминувала од страната каде што максималниот наклон изнесува 17%, но во 2016 година се користела страната каде што имало наклони од 23%, опишани од „Сајлинг Викли“ (Cycling Weekly) како „болни“.[3] Директорот на трката, Ханс де Клерк, дал три причини за промената: калдрмата била неодамна обновена, изданието во 2016 година ја одбележувало 60-годишнината од вклучувањето на Кемелберг и желбата да се даде рамнотежа помеѓу спринтерите и напаѓачите.[4] Белгиското здружние „Котакол“, кое ги впишува и оценува сите искачувања во земјата, го оценила страната на Кемелберг која ќе се возела во 2016 година како најтешко искачување во Фландрија: со оценка од 183 бода било потешко од Копенберг (172), Мур ван Герардсберген (171) или традиционалното искачување на Кемелберг (152).[4]

Трката започнала во Дејнзе во Источна Фландрија, 20 километри од Гент.[5] Рутата веднаш ги носела возачите кон Западна Фландрија. По 77 километри рамен терен, се приближувале до брегот кај Верне. Тука, рутата ги носела возачите јужно кон северниот дел на Франција; по 119 километри, групата поминувала низ Ворму, потоа јужно од Стенворд, каде биле првите искачувања на трката. Првите осум искачувања дошле брзо, сместени во должина од 32 километри. Првото искачување било Катсберг; потоа следеле Кокерелберг, Верт Мон, Кот ди Равел Пут и Кот де ла Бланшисери. Потоа, возачите се вратиле во Белгија и го искачиле Банеберг, Кемелберг и Монтеберг. Потоа имало поблаг терен. Последните две искачувања биле повторувања на Банеберг-Кемелберг. На врвот на завршното искачувања останувале уште 34 километри рамен терен до целта во Вевелгем.[6]

Екипи уреди

25 екипи биле најавени како дел од трката: сите 18 UCI World Tour екипи биле автоматски поканети;[7] седум професионални континентални екипи добиле специјални покани. Во поканетите екипи биле и две белгиски екипи (Ванти-Груп Гобер и Топспорт Вландерен-Балоас), две француски екипи (Кофидис и Директ Енержи), италијанска екипа (Бардијани-ЦСФ), холандска екипа (Ромпот-Оранје Пелотон) и полска екипа (ЦЦЦ-Спранди-Полковице).[8] Секоја екипа можела да настапи со осум возачи.[9] Орика-БајкЕксчејнџ била единствена екипа со седум возачи, но и тројца возачи (возачите на Тим Скај, Ијан Станард; на Катјуша, Александер Кристоф и на Аг2р-Ла Мондијал, Алекси Гужар) не ја започнале трката; вкупно 196 возачи тргнале од Дејнзе.[10]

Екипи од Светската турнеја[8]

Професионални континентални екипи[8]

Фаворити пред трката уреди

Имало нејаснотии пред трката околу тоа кој ќе биде поголем фаворит на трката, спринтерите или напаѓачите на искачувањата. Помеѓу спринтерите, Александер Кристоф, победник на Трка околу Фландрија 2014, бил фаворит, со Андре Грајпел (Лото-Судал), Арно Демар (ФДЖ), Марк Кевендиш (Тим Дименжн Дата), Елија Вивијани (Тим Скај) и Фернандо Гавирија (Етикс-Квик Степ) исто така се сметале за можни победници.[3][5] Меѓутоа, Кристоф се откажал од трката поради треска која започнала два дена порано, веднаш по Е3 Харелбеке.[11]

Имало и бројни други возачи кои имале можност за напад порано во трката. Тука биле: Том Бонен (Етикс-Квик-Степ), кој ја освоил трката трипати претходно и неговите колеги Ники Терпстра и Здењек Штибар. Петер Саган (Тинкоф), моменталниот светски првак, ја освоил трката во 2013 година со соло напад; исто така, имал вештина за силни спринтови.[3] Не освоил ниедна трка во 2016 година.[12] Други возачи за напад порано во трката биле Фабијан Канчелара (Трек-Сегафредо), Лук Роу (Скај), Сеп Ванмарке (Лото НЛ-Џамбо), Грег ван Авермат (Ванти-Груп Гобер) и победникот од 2009 година, Едвалд Боасон Хаген (Дименжн Дата).[3][13]

Првакот од 2015 година, Лука Паолини, не бил присутен да ја одбрани својата титула поради неговата суспензија по позитивниот тест за кокаин при Тур де Франс 2015.[13]

Извештај од трката уреди

 
Петер Саган (Тинкоф), ја носи виножито-маичката како моментален светски првак (сликан на Омлоп Хет Ниувсблад 2016)

Трката се одржала во ветровити услови. Заедно со падови, овие услови предизвикале главната група да се подели на неколку групи во првиот дел од трката. Првата група било бегство од пет возачи, составено од Ливе Вестра (Астана), Павел Брут (Тинкоф), Јозеф Черни (ЦЦЦ-Спранди-Полковице), Јонас Рикерт (Топспорт Вландерен-Балоас) и Симон Пело (ИАМ Сајклинг). Нивното водство се зголемило на единаесет минути на една точка, но брзо било намалено кога темпото на главната група се зголемило. Ова ја поделило главната група на ешалони. До половина трка, имало група во потера 90 секунди зад нив составена од многу фаворити, вклучувајќи ги Бонен, Боасон Хаген, Канчелара, Саган, Тиш Бенот и Јенс Дебишер (обајцата Лото-Судал) и Ван Авермат. Биле следени од друга група која била предводена од Трек-Сегафредо и ЛотоНЛ-Џамбо; оваа група била една минута зад нив. На 115 километри до целта, првата група го достигнале бегството; по 24 километри, оваа група била достигната од другите групи во потера. Така се создала група од 50 возачи на чело на трката.[14][15]

Имало смирување во групата, кога останувале уште пет искачувања до целта. Трек-Сегафредо ја контролирале групата преку Баневер и првото искачување на Кемелберг. Меѓутоа, помеѓу двете искачувања, Дебишер паднал и бил присилен да се повлече од трката.[14] На Монтеберг, со 66 километри до целта, пет возачи нападнале. Тоа биле Матео Трентин, кој го започнал нападот, Брут, Бенот, Даниел Ос (Ванти-Груп Гобер) и Џакомо Ницоло (Трек-Сегафредо). Биле следени од Димежн Дата и ЛотоНЛ-Џамбо, но им одзело 15 километри да ги стигнат. Кога биле стигнати, Вјачеслав Кузнецов (Катјуша) нападнал сам и имал водство од минута до второто искачување на Банеберг.[15]

Ванмарке нападнал на Банеберг, но бил следен од главната група, предводена од Мануел Квинцијато (БМЦ).[14] На второто искачување на Кемелберг, од тешката страна, Канчелара нападнал и бил следен од Ванмарке и Саган. Го стигнале Кузнецов и создале водечка група. Биле следени од групата на Лук Роу, Здењек Штибар и Грег ван Авермат, но успеале да ја зголемат својата предност. Групата во потера била стигната од главната група и четворката напред останала заедно до целта со значајна предност.[16] Имале предност од 40 секунди пред да намалат значително како подготовка за спринтот. Кузнецов бил прв кој го започнал спринтот; меѓутоа, бил следен од Саган, кој го претекнал за победа на трката. Ванмарке завршил пред Кузнецов за второто место, додека Канчелара завршил четврти.[17] Главната група завршила единаесет секунди зад нив, каде што Демар го освоил спринтот за петтото место.[15]

Смртта на Антоан Демоатје уреди

Трката била нарушена од смртта на Антоан Демоатје (Ванти-Груп Гобер). Демоатје паднал со четворица други возачи близу Сент Мари Капел, во северниот дел на Франција, на 115 километри пред целта. По падот, останал да лежи на патот кога бил удрен од мотор, кој ги следел возачите. Демоатје првично бил однесен во болница во Ипс пред да биде пренесен на интензивна нега во универзитетската болница во Лил, поради сериозноста на неговите повреди. Неговата екипа објавила изјава во која кажеле дека неговата состојба е „екстремно сериозна“; неколку часови подоцна, гласноговорникот на локалната полиција потврдил дека починал.[18][19] Падот бил виден од Жилиен Жирди, спортски директор во екипата Аг2р-Ла Мондијал, кој изјавил дека Демоатје бил дел од група назад во главната група, која се спуштала со околу 70 км/ч. Изјавил дека, кога возачите паднале, немало време возачот на моторот да застане и веднаш познал дека судирот бил многу сериозен.[20]

Резултати уреди

 
Целта на трката
Резултат од трката1
Место Возач Екипа Време
1   Петер Саган (СВК) Тинкоф 5ч 55' 12"
2   Сеп Ванмарке (БЕЛ) Лото НЛ-Џамбо и.в.
3   Вјачеслав Кузнецов (РУС) Катјуша и.в.
4   Фабијан Канчелара (ШВА) Трек-Сегафредо и.в.
5   Арно Демар (ФРА) ФДЖ + 11"
6   Фернандо Гавирија (КОЛ) Етикс-Квик Степ + 11"
7   Јирген Рулантс (БЕЛ) Лото-Судал + 11"
8   Јакопо Гварниери (ИТА) Катјуша + 11"
9   Грег ван Авермат (БЕЛ) Ванти-Груп Гобер + 11"
10   Михаел Меркев (ДАН) Катјуша + 11"
Извор: [21]

^1 — Најдобрите десет возачи од вкупно 82, кои ја завршиле трката

По трката уреди

Реакции за смртта на Демоатје уреди

 
Антоан Демоатје (Ванти-Груп Гобер) (сликан во 2015 година)

Имало распространета тага помеѓу сите вклучени во професионалниот велосипедизам по смртта на Демоатје, особено откако и уште еден млад белгиски велосипедист, возач на Рубе-Лиле Метропол, Дан Мингер, умрел по срцев удар на Критериум Интернасионал.[22] Сеп Ванмарке твитнал: „наеднаш второто место повеќе не е важно по овие ужасни вести“. Другите возачи, особено во екипата на Демоатје, Ванти-Груп Гобер, исто така, ја изразиле својата тага.[23] Спортскиот директор на екипата, Илер ван дер Ширен, оддал почит на неговиот возач, велејќи дека бил „среќен бидејќи бил велосипедист“. Демоатје го имал својот прв настап на трката од Светската турнеја, Е3 Харелбеке, два дена претходно и бил дел од главното бегствот. Екипата се повлекла од Три дена Де Пане следната недела.[24]

Покрај оддавањето почит на Демоатје, многу возачи повикувале на подобредување на безбедноста на професионалните велосипедски трки. Многу возачи биле вклучени во судири со мотори на трките во претходните неколку години, вклучувајќи ги Петер Саган, Тејлор Фини, Грег ван Авермат, Серхио Паулињо, Јакоб Фуглсанг, Џеси Сарџент, Силвен Шаванел и Стиг Брукс. Алберто Контадор твитнал „одредби за моторите на трките се потребни СЕГА“, додека други возачи повикувале на јасни правила, ограничувања на брзината и испити за возачите на моторите.[23] Марсел Кител ја опишал безбедноста на возачите како проблем кој треба да има ист приорите како антидопингот.[25] Гласноговорникот на Ванти-Груп Гоберт изјавил дека возачот на моторот бил искусен и не е виносен за инцидентот.[26] Претседателот на управното тело на велосипедизмот, Меѓународен велосипедистички сојуз (UCI), изјавил дека ќе има итен состанок на друмската комисија за несреќата; исто така изјавил дека треба да се почекаат резултатите од истрагата и дека е важно да се направат „вистинските одлуки“.[27]

Реакции по трката уреди

Победата на Петер Саган на трката била прва по освојувањето на виножито-маичката на Светското друмско првенство минатата година. Со тоа се ставило крај на „фрустрирачкото трчање“, како што било наречено од „Сајклинг Викли“, по второто место на Е3 Харелбеке два дена претходно.[28] Изјавил дека бил многу среќен што остварил победа во маичката, особено бидејќи Гент-Вевелгем била важна трка за него. Изјавил дека не сакал да ја направи истата грешка како на претходните трки работејќи силни во завршниот дел на трката; раниот спринт на Кузнецов му дало поттик за неговиот спринт.[29]

Ванмарке изјавил дека бил „задоволен со второто место“ откако имал тешка трка. Бил заробен во вториот ешалон, кога се поделила групата и имал „долга потера“ да се врати до предводниците. Иако не успеал целосно да ги следи Канчелара и Саган на завршното искачување, возел агресивно на спустот и се вратил до нив. Бил многу уморен на крајот на трката и било тешко да ги порази Саган и Канчелара.[30] Канчелара изјавил „сигурно е среќен Велугден, но не е среќен ден на Гент-Вевелгем“ откако завршил четврти од четворица возачи во завршниот спринт. Меѓутоа, бил среќен дека секогаш бил на чело на групата и не паднал. Cyclingnews.com напишале дека сè уште е главен фаворит за победа на Трката околу Фландрија.[31]

Поредок во Светската турнеја уреди

По второто место на Е3 Харелбеке и неговата победа на Гент-Вевелгем, Саган го презел водството во сезоната на Светската турнеја, седум бода пред Ричи Порт (BMC). Колегата на Саган, Алберто Контадор, се поместил на третото место по Волта а Каталуња; Тинкоф го презел водството во екипниот поредок. Австралија останала на врвот во националниот пласман.[32]

Поредок во Светската турнеја на 27 март 2016 г.
Место Возач Екипа Бодови
1   Петер Саган (СВК) Тинкоф 229
2   Ричи Порт (АВС) Ванти-Груп Гобер 222
3   Алберто Контадор (ШПА) Тинкоф 171
4   Грег ван Авермат (БЕЛ) Ванти-Груп Гобер 162
5   Арно Демар (ФРА) ФДЖ 137
6   Серхио Енао (КОЛ) Тим Скај 115
7   Сајмон Геранс (АВС) Орика-БајкЕксчејнџ 113
8   Наиро Кинтана (КОЛ) Мовистар Тим 104
9   Герајнт Томас (ВБР) Тим Скај 104
10   Михал Квјатковски (ПОЛ) Тим Скај 102
Извор: [33]

Наводи уреди

  1. „Во полињата на Фландрија“. gent-wevegem.be. Flanders Classics. Посетено на 7 декември 2015.[мртва врска]
  2. Вин, Најџел. „Календар на Светската турнеја на UCI 2016“. Cycling Weekly. Immediate Media Company. Посетено на 7 декември 2015.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Падикомб, Стивен (25 март 2016). „Преглед на Гент-Вевелгем 2016“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 13 април 2016.
  4. 4,0 4,1 Флечер, Патрик (27 ноември 2015). „Gent-Wevelgem to be revamped with steeper side of the Kemmelberg“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 7 декември 2015.
  5. 5,0 5,1 Кеш, Ден (25 март 2016). „Преглед: Гент-Вевелгем, спринтерски класик?“. VeloNews (англиски). Competitor Group, Inc. Архивирано од изворникот на 2016-04-18. Посетено на 13 април 2016.
  6. „Гент-Вевелгем во полињата на Фландрија (профил)“. ProCyclingStats. Посетено на 13 април 2016.
  7. „Велосипедски одредби UCI: Дел 2: Друмски трки страница 110 член 2.15.127“ (PDF). Меѓународен велосипедистички сојуз. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2015. Посетено на 20 февруари 2016.
  8. 8,0 8,1 8,2 „Претставени специјалните покани за Гент-Вевелгем и Волта а Каталуња“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 29 јануари 2016. Посетено на 13 април 2016.
  9. Технички водич на Гент-Вевелгем. Mariakerke: Koninklijke Véloclub Het Vliegend Wiel. 2016. стр. 29.
  10. „Гент-Вевелгем во полињата на Фландрија (почетна листа)“. ProCyclingStats. Посетено на 13 април 2016.
  11. „Кристоф надвор од Гент-Вевелгем поради болест“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 27 март 2016. Посетено на 13 април 2016.
  12. „Петер Саган (сезона 2016)“. ProCyclingStats. Посетено на 13 април 2016.
  13. 13,0 13,1 „Е3 Харелбеке и Гент-Вевелгем обезбедуваат клучен тест пред Трката околу Фландрија“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 24 март 2016. Посетено на 13 април 2016.
  14. 14,0 14,1 14,2 Роџерс, Нил (28 март 2016). „Rainbow curse, lifted! Peter Sagan wins Gent-Wevelgem from breakaway“. CyclingTips. Архивирано од изворникот на 2016-04-21. Посетено на 14 април 2016.
  15. 15,0 15,1 15,2 Decaulwé, Brecht (27 март 2016). „Sagan wins Gent-Wevelgem“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Архивирано од изворникот на 2016-04-16. Посетено на 14 април 2016.
  16. „Sagan gets his win at Gent-Wevelgem“. VeloNews (англиски). Competitor Group, Inc. 27 март 2016. Архивирано од изворникот на 2016-03-31. Посетено на 14 април 2016.
  17. Виндзор, Ричар (27 март 2016). „Peter Sagan takes his first win in the rainbow jersey at the 2016 Ghent-Wevelgem“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 14 април 2016.
  18. „Belgian rider Antoine Demoitié dies in hospital after Ghent-Wevelgem crash“. Cycling Weekly. Time Inc. UK. 27 март 2016. Посетено на 14 април 2016.
  19. „Antoine Demoitié dies following Gent-Wevelgem crash“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 28 март 2016. Посетено на 28 март 2016.
  20. „Eye witness describes Demoitié crash at Gent-Wevelgem“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 29 март 2016. Архивирано од изворникот на 2016-04-12. Посетено на 14 април 2016.
  21. „Гент-Вевелгем во полињата на Фландрија (резултат)“. ProCyclingStats. 14 април 2016.
  22. „Tributes flow in for Daan Myngheer and Antoine Demoitie“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 29 март 2016. Посетено на 14 април 2016.
  23. 23,0 23,1 „Riders, teammates and friends pay tribute to Antoine Demoitie“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 28 март 2016. Посетено на 14 April 2016.
  24. Рајан, Бери (28 март 2016). „Demoitie's fatal crash 'will stay with me for a long, long time' says Van der Schueren“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 14 април 2016.
  25. „Kittel says rider safety needs same priority as anti-doping after Demoitie's death“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 29 март 2016. Посетено на 14 април 2016.
  26. Браун, Грегор (28 март 2016). „Wanty-Groupe Gobert refuse to blame moto driver for death of Antoine Demoitié“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 14 април 2016.
  27. Стоукс, Шејн (6 април 2016). „Ten days after Demoitié's death, what's the latest on motorbike safety?“. CyclingTips. Архивирано од изворникот на 2016-04-15. Посетено на 14 април 2016.
  28. Виндзор, Ричард (27 март 2016). „Five things we learned from E3 Harelbeke and Ghent-Wevelgem“. Cycling Weekly (англиски). Time Inc. UK. Посетено на 14 април 2016.
  29. О’Ши, Садб (27 март 2016). „Sagan learns from past mistakes to win Gent-Wevelgem in rainbow jersey“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 14 април 2016.
  30. Рајан, Бери (27 март 2016). „Vanmarcke content with second place behind Sagan at Gent-Wevelgem“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 14 април 2016.
  31. Рајан, Бери (27 март 2016). „Cancellara: The first impression is not the happiest“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. Посетено на 14 април 2016.
  32. „Sagan surges to WorldTour lead“. Cyclingnews.com. Immediate Media Company. 28 март 2016. Посетено на 14 април 2016.
  33. „Поредок на Светската турнеја на UCI 2016“. uci.ch. Меѓународен велосипедистички сојуз. Архивирано од изворникот на 9 април 2016. Посетено на 9 април 2016.

Надворешни врски уреди