Гангрената е сериозна болест која може да биде опасна по живот. Таа настанува кога ќе изумре значитилен дел од ткивото на телото (некроза). Ова може да се случи по некоја повреда или инфекција, или ако лицето боледува од некој хроничен здравствен проблем кој влијае врз циркулацијата на крвта. Најглавниот причинител на гангрената е намалениот доток на крвта до одредени делови од телото на кои таа подоцна се појавува, што на крајот доведува до изумирање на клетките. Дијабетесот и долгорочното пушење го зголемуваат ризикот за појавување на гангрената.

Гангрена
Сува гангрена од првиот до четвртиот прст на десната нога на маж со дијабетис.
СпецијалностХирургија Уреди на Википодатоците

Постојат различни видови на гангрена со различни симптоми како што се сува гангрена, влажна гангрена, гасна гангрена, внатрешна гангрена и некроцитозен фасцитис. Лекувањето може да опфати отстранување на мртвото ткиво (или кај потешките случаи, ампутација) на заразените делови од телото, антибиотици, васкуларна операција, терапија со црви или терапија со хипербарски кислород.

Причинители уреди

Гангрената е предизвикана од инфекција или исхемија, како што е бактеријата Клостридиум перфрингенс (Clostridium perfringens) или од тромбоза (затнати крвни садови). Обично настанува поради недоволно снабдување со крв (на пример кај периферната васкуларна болест) и често се поврзува со дијабетесот и долгорочното пушење. Оваа состојба е најчесто се јавува кај долните екстремитети. Најдобрата терапија за гангрената е реваскуларизација (т.е. враќање на крвниот проток) во заразениот орган кој може да поврати некои од последиците на некрозата и да овозможи нивно закрепнување. Другите терапии опфаќаат отстранување на мртвото ткиво и хируршка ампутација. Методот на терапијата воглавно се одредува во зависност од тоа кое место е заразено и колку ткиво е опфатено. Гангрената може да настане и како последица на врзување на нозете.

Видови уреди

Сува гангрена уреди

Сувата гангрена се појавува на крајниот дел на екстремитетот како резултат на исхемија. Често може да се појави и кај прстите на нозете и стапалата кај постари пациенти како последица на атериосклероза. Сувата гангрена главно настанува поради затнување на артериите. Настанува ограничено гниење, а бактеријата не преживува. Сувата гангрена се шири полека сè додека не стигне до местото каде што протокот на крвта може да го одржи ткивото. Заразениот дел е сув, смален, со темноцрвено-црна боја и наликува на балсамирано месо. Темната боја настанува поради ослободување на хемоглобин од хемолизираните црвени крвни зрнца на кои делува сулфурводород (H2S) кој го произведува бактеријата со што се создава железо сулфид кое останува во ткивото. Во вакви случаи обично настанува целосно одделување, а може да настане и автоампутација односно можно отпаѓање на гангренозното ткиво.

Сувата гангрена всушност претставува вид коагулативна некроза. Доколку протокот на крвта е прекинат од друга причина, а не од бактериска инфекција, настанува сува гангрена. Луѓето кај кои периферниот проток на крвта е нарушен, на пример дијабетичарите, се повеќе склони кон развивање на сува гангрена.

Раните знаци на сува гангрена се тапа болка, заразеното место е студено и бледо. Доколку рано се открие, процесот понекогаш може да се поврати со васкуларна хирургија. Сепак, доколку настане некроза, заразеното ткиво мора да се отстрани како кај влажната гангрена.

Влажна гангрена уреди

Влажната гангрена настанува кај природно влажно ткиво и органи како што се устата, цревата, белите дробови, грлото на матката и вулвата. Како влажна гангрена се сметаат и декубитусите кои се појавуваат кај сакрумот, задникот и петиците иако овие делови не се влажни. Проследена е со бројни бактерии и има слаба можност за лечење (во споредба со сувата гангрена) поради сепсата. Кај влажната гангрена, ткивото е инфицирано од сапрогенски микроорганизми (на пример, Clostridium perfringens или Bacillus fusiformis) кои предизвикуваат отекување на ткивото и шират смрдливи бактерии. Влажната гангрена обично бргу се развива поради блокада на протокот на крвта (главно) во вените и/или артериите. Заразеното ткиво е исполнето со застоена крв која го поттикнува брзото развивање на бактериите. Тие создаваат отрови кои се апсорбираат и предизвикуваат сепса и, на крајот, смрт. Заразеното место е отечено, меко, гнило, скапано и со темна боја. Темната боја кај влажната гангрена настанува поради истата причина како и кај сувата гангрена.

Гасна гангрена уреди

Гасната гангрена е бактериска инфекција која создава гас внатре во ткивото. Ваквата гангрена е смртоносна и обично е предизвикана од бактеријата Clostridium perfringens. Инфекцијата бргу се шири додека гасовите кои ги создава бактеријата се шират и навлегуваат во здравото околно ткиво[1][2]. Поради ваквата нејзина одлика, гасната гангрена треба итно медицински да се третира. Гасната гангрена е предизвикана од вид на клостридијални бактерии кои создаваат егзотоксин. Тие обично се наоѓаат во почвата и други анаероби (на пример бактероиди и анаеробични стрептококи). Овие бактерии од животната средина можат да навлезат во мускулот преку рана и со тоа да се размножат во некрозното ткиво и да лачат силни отрови. Овие отрови го уништуваат околното ткиво и истовремено создаваат гас. Во еден клинички случај беше забележано соединение на гас составено од 5,9% водород, 3,4% јаглерод диоксид, 74,5% азот и 16,1% кислород[3].

Гасната гангрена може да предизвика некроза, испуштање на гас и сепса. Често се случува бргу да доведе до труење на крвта и шок.

Други видови уреди

  • Некротизирачки фасцитис кој навлегува во подлабоките слоеви на кожата[4]
  • Нома – гангрена на лицето
  • Fournier-ова гангрена која ги напаѓа машките гениталии и слабината[5]

Лекување уреди

Лекувањето обично опфаќа отстранување на мртвото ткиво, негување на раната и терапија со антибиотици иако, во многу случаи, ампутацијата е неопходна. „Повеќето од ампутациите се изведуват поради исхемична болест на долните екстремитети. Што се однесува до ампутациите извршени поради слабо снабдување со крв на екстремитетите, кај 15 до 28% од пациентите за период од 3 години е извршена контралатерална ампутација. 50% од постарите лица кај кои е извршена ампутација ги преживуваат првите три години.“ Во Соединетите држави годишно се извршуваат околу 30 до 40 илјади ампутации. Во 2005 година имало 1,6 милиони лица на кои им ампутиран екстремитет. До 2050 година се очекува оваа бројка да се искачи на 3,6 милиони. Лечењето само со антибиотици нема никаков ефект бидејќи тие не можат доволно да продрат во заразеното ткиво. Терапијата со хипербарски кислород (ТХК) се користи за лечење на гасната гангрена. ТХК го зголемува притисокот и содржината на кислород и овозможува крвта да носи повеќе кислород со што го попречува развојот и размножувањето на анаеробичните организми. Доктор Питер ДеМарко создаде регенеративна медицинска терапија за лечење на гангрената со прокаин и ПвП (поливинилпиролидон). Терапијата ја примаа дијабетичари за да се зибегнат ампутациите. За лечење на гангрената и други хронични рани се користат и фактори на раст, хормони и кожни графтови.

Историја уреди

Во 1028 година, кога антибиотиците сè уште не биле откриени, се користеле ларви од муви за лечење на хронични рани, чирови или се спречувало ширењето на некрозата[6]. Некои видови ларви јаделе само мртво месо со што живото ткиво останувало незаразено. Со откривањето на антибиотиците, ацетонитрилот и ензимите, ваквото лечење веќе не се практикувало. Сепак, терапијата со ларви неодамна пак почна да се употребува и да дава одлични резултати кај случаи на хронична некроза на ткивото.

Потекло на поимот уреди

Етимологијата на зборот гангрена потекнува од латинскот збор gangraena и од грчкиот gangraina (γάγγραινα), што значи „гниење на ткивото“[7].И покрај тоа што заразената област станува црна и/или зелена или жолтеникаво кафеава, гангрената нема никаква етимолошка поврзаност со зборот зелено. Случајност е тоа што во низинскиот дел на Шкотска, зборовите „gang green“ (станувајќи зелено) се користат како синоним за гангрена бидејќи слично се изговараат и ги опишуваат истите симпотми како кај гангрената.

Наводи уреди

  1. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Yang2015.
  2. Sakurai, J.; Nagahama, M.; Oda, M. (November 2004). „Clostridium perfringens alpha-toxin: characterization and mode of action“. Journal of Biochemistry. 136 (5): 569–74. doi:10.1093/jb/mvh161. PMID 15632295. S2CID 12940936.
  3. Chi CH, Chen KW, Huang JJ, Chuang YC, Wu MH (December 1995). „Gas composition in Clostridium septicum gas gangrene“. Journal of the Formosan Medical Association. 94 (12): 757–59. PMID 8541740.
  4. „For Clinicians: Type II Necrotizing Fasciitis | CDC“. www.cdc.gov (англиски). 2019-02-21. Посетено на 2019-08-05.
  5. Levenson, RB; Singh, AK; Novelline, RA (March–April 2008). „Fournier gangrene: role of imaging“. Radiographics. 28 (2): 519–28. doi:10.1148/rg.282075048. PMID 18349455.
  6. Shi, Eric; Shofler, David (2014). „Maggot debridement therapy: A systematic review“. British Journal of Community Nursing. 19: S6–S13. doi:10.12968/bjcn.2014.19.Sup12.S6. PMID 25478859.
  7. Liddell & Scott's Lexicon, Oxford University Press, 1963 edition

Надворешни врски уреди

Класификација
П · Р · П
Надворешни извори