Гавро Пановски-Јуноша

Гавро Пановски-Јуноша (6 јуни 1923, Раково28 март 2014, Битола) — припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.[1]

Гавро Пановски-Јуноша
Роден 6 јуни 1923
Раково
Починал 28 март 2014
Битола

Животопис уреди

Пановски е роден во селото Раково, Егејски дел на Македонија, на 6 јуни 1923 година. Како ученик во гимназијата во Битола станал член на југословенската младинска комунистичка организација (СКОЈ) од 1941 година. Учествувал во многу акции на скоевците, а меѓу кои и во акции за растурање на летоци против окупаторската власт.[1]

Учество во НОБ уреди

Како ученик во седми клас заминал во партизани и бил борец во првиот борбен строј на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Со овој одред учествувал во акцијата на 2 август во селото Смилево. На 22 октомври 1942 година учествувал во партизанската акција во селото Сопотско, Ресенско. Во 1942 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Од ноември 1942 година бил борец во Партизанскиот одред „Јане Сандански“, со кого учествувал во акцијата со која бил извршен напад врз железничката станица кај селата Српци и Беранци. Зимата 1942 и 1943 година бил на партиска работа во Егејскиот дел на Македонија, а пролетта 1943 година се вклучил во Партизанскиот одред „Вичо“ на грчката народноослободителна војска ЕЛАС. Заедно со тамошните македонски и грчки партизани учествувал во борбите против бугарските контрачети и грчките националистички и квинслишки воени формации во Леринско и Костурско.

Од мај 1943 година се наоѓал во Битолски партизански одред „Гоце Делчев“, а од таму набрзо бил земен за курир на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ). Учествувал во завршните операции за ослободување на Македонија.[1]

По ослободувањето уреди

По војната завршил Правен факултет и во 1954 година положил правосуден испит. Заземал високи општествени и политички функции, а од 1983 година до пензионирањето во 1987 година бил претседател на Општинскиот суд на здружен труд во Битола. Бил член на Претседателството на Сојузот на борците во Битола, претседател на Здружението на пензионери во Битола, а од април 2005 година бил избран за претседател на Републичкиот одбор на Сојузот на борци на Македонија. Бил носител на низа признанија, меѓу кои и Партизанска споменица 1941 и Орден за храброст .[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Литовски, Александар (28.03.2022). „На денешен ден почина Гавро Пановски, учесник во НОБ“. Апла. Посетено на 29 март 2022. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)