Владимир Алексеевич Мошин (Санкт Петербург, 9 октомври 1894 - Скопје, 3 февруари 1987) — југословенско-македонски филолог, универзитетски професор и член на МАНУ од руска народност. Тој бил еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонското книжевно наследство.

Владимир Мошин
Роден 9 октомври 1894
Петроград, Русија
Починал 3 февруари 1987(1987-02-03) (возр. 92)
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Почивалиште Бутел
Националност Русин
Југословен
Совет
Народност Русин
Занимање Професор, филолог, академик, службеник на јавни положби

Животопис уреди

Ран живот во Русија уреди

Академик Владимир Мошин е роден во Петроград, Русија, каде студирал на Филолошкиот факултет, но го прекинал образованието по избувнувањето на Првата светска војна во којашто учествувал како доброволец. Во 1917-1918 година студирал на Историско-филолошкиот факултет на Тифлискиот универзитет, а потоа се преселил во Киев, каде го продолжил образованието. Таму се оженил со Олга Јаковлевна Кирјанова, а потоа, во август 1920 година стапил во Армијата на доброволци на јужниот фронт. Откако приврзаниците на императорскиот режим биле поразени од Црвената армија, заедно со жена си, која била воен лекар, Мошин ја напуштил Русија на товарниот брод „Акољд“.

Живот во Кралството Југославија и Втора светска војна уреди

Во декември 1920 година пристигнал во Копривница, Кралството СХС, а во август 1921 година, тој и жена му добиле професорски места во месната гимназија, каде тој предавал историја и географија, а сопругата — француски јазик. Пролетта 1928 година, Мошин ја одбранил докторската дисертација на Универзитетот во Загреб на тема поврзана со норманската колонизација на Црното Море. Истовремено, како византолог и славист, специјалист по словенска археографија, тој бил основач на југословенската палеографска наука. Од 1930 до 1932 година, проф. д-р Мошин предавал византологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа и на Универзитетот во Белград, каде предавал до 1942 година. За време на Втората светска војна, тој предавал и на богословските курсеви во Белград, а бил ракоположен за ѓакон и свештеник.[1]

Социјалистичко време уреди

Кога во 1944 година, во Белград пристигнала Црвената армија, проф. Мошин бил уапсен, но набргу бил ослободен. Потоа, неговото семејство, како и другите свештеници на црквата „Св. Троица“ во Белград, примило советско државјанство, а тој бил унапреден во свештеничкиот чин - протојереј. Летото 1947 година, проф. Мошин со семејството се преселил во Загреб, каде тој бил назначен за директор на архивата на Академијата на науките и уметностите. Напоредно со тоа, проф. Мошин се занимавал и со изучување и каталогизација на словенските ракописи.[2]
Во 1959 година, проф. Мошин се повлекол од свештеничката служба и се посветил на научна работа, а по некое време повторно се вратил во Белград. Во тоа време, тој бил ангажиран како соработник во одделот за опис на словенските ракописи на Народната библиотека во Скопје и формирал нов центар за археографски истражувања во Македонија. Истовремено, проф. Мошин држел предавања по палеографија, редактирал зборници на старословенски ракописи и објавувал материјали од историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1971 до 1974 година работел како редовен професор на Филoлошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за историја на Јужните Словени. Поради неговите научни заслуги, проф. Мошин бил избран за член на МАНУ.[2]

Смрт уреди

Владимир Мошин починал на 3 февруари 1987 година, во Скопје, каде е погребан заедно со сопругата.[2] На 23 април 1994 година, на скопските гробишта „Бутел“ била одржана панихида со која чиноначалствувал архиепископот г.г. Михаил, а во поменот учествувал и вокалниот состав „Свети Јован Кукузел“. Подоцна, во 2014 година, во битолската црква „Св. Димитриј“ била одржана уште една панихида за Мошин.[3]

Други дејности уреди

Покрај неговата дејност во Загреб и во Белград, проф. Мошин бил раководител на историското одделение при Архивот на СР Македонија, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и долгогодишен раководител на Катедрата за словенска култура при Институтот за проучување на словенската култура во Прилеп.

Наследство уреди

На Мошин му е посветена една песна во збирката „Црква“ на македонскиот поет Блаже Конески, со наслов „Успение на Владимир Мошин“:[4]


Ѕуни
ситната камбана
на „Свети Димитрија“.
Непризнатата црква
опева еден непризнат светител
на радост на самего Бога.

Тебе те испраќаме,
тебе,
Владимире Мошин,
тебе што дури од Петроград
се прибра најпосле овде,
да бидеш со нас
презирајќи ги фарисеите.

О поручниче,
о професоре,
о ставрофоре!

Дали случајно било
да станеме пријатели
ти и јас,
стари пријателе?
И сега јас,
збунет,
да те испраќам?

 
Бистата во Струга.

Во негова чест, во Струга се наоѓа биста од него. Се наоѓа на кејот „8 Септември“, на левата страна на реката Црн Дрим.

Наводи уреди

  1. „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 6.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Протеран од Петроград - погребан во Скопје!“, Публика - Неделен политички прилог, број 219, сабота, 28 февруари 2015, стр. 7.
  3. Вера Стојчевска-Антиќ, „Нашиот длабок историски корен — црквата“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 69.
  4. Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 59.