Видое Смилевски - Бато

Видое Смилевски - Бато (Никифорово, Гостиварско, 14 август 1915 - 8 септември 1979 во Скопје) — македонски комунист, народен херој и политичар.

Видое Смилевски - Бато
Претседател на Собранието
На должноста
25 јуни 1963 – 12 мај 1967
Претходник Љупчо Арсов
Наследник Мито Хаџивасилев - Јасмин
Лични податоци
Роден(а) 14 август 1915
Никифорово, Кралство Србија
Починал(а) 8 септември 1979(1979-09-08) (возр. 64)
Скопје, СФР Југославија
Награди Орден на народен херој

Животопис уреди

Рани години уреди

Потекнува од богато селско семејство од Никифорово, Гостиварско, кое во време на Првата светска војна се преселило во Белград. Од најраните години работи во градската меана на татко му во Белград. Работејќи, тој истовремено и се школува: во Белград завршува основно образование, гимназија и државна трговска академија. Во 1935 година се вработува како банкарски службеник. Во април 1940 година станува член на КПЈ.

За време на НОВ уреди

Во НОВ учествува од 1941 година. Врши одговорни функции прво во Белград, а потоа, од јануари 1943 година, во Лесковац. Во февруари 1944 година станува секретар на Окружниот комитет на КПЈ за Врање, од април - секретар на Окружниот комитет за Пирот. Потоа бил вратен за инструктор на КПЈ за Србија.

Во јули 1944 е упатен на партиска работа во Македонија и учествува на Првото заседание на АСНОМ. Кооптиран е за член на ЦК на КПМ, а од октомври 1944 година ја презема должноста секретар на Обласниот комитет на КП на Скопската област.

За народен херој бил прогласен на 7 јули 1953 година.[1]

По ослободувањето уреди

По ослободувањето се наоѓал на повеќе високи партиски функции. Постојано е избиран за член на ЦК на СКЈ од Петтиот до Осмиот конгрес, а член на Претседателството на ЦК на СКЈ е од 1969 година.

Освен партиската активност вршел повеќе државни функции: во 1947-1950 година е потпретседател на Владата на НР Македонија, во 1950-1951 година е претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ. Во 1952-1954 година повторно е потпретседател на Владата на НРМ, а во наредните две години одново се враќа во Народното собрание и од 25 јуни 1963 до 12 мај 1967 година е претседател на Собранието. Во наредните години е претседател на Сојузниот собор на Сојузната скупштина, член на Советот на Федерацијата, пратеник во Соборот на народите во Сојузното собрание, претседател на Управниот одбор на Републичкиот фонд за кредитирање на побрзиот стопански развој на недоволно развиените краишта. Смртта го затекна на 8 септември 1979 година, кога ја извршува должноста претседател на Претседателството на СР Македонија и член на Претседателството на ЦК СКМ.

Според многу сведоштва, Видое Смилевски - Бато имал изразени профедеративни и пројугословенски ставови во однос на уредувањето на повоената ослободена македонска држава, за што и Методија Андонов - Ченто се спротивставил за неговото кооптирање за член на АСНОМ.

Според други извори бил голем патриот кој се вратил од Србија и повторно го променил името на своето семејство во Смилевски, од претходно посрбеното име Смилевиќ, кое го добиле во село Ниќифорово за време на српската окупација. Верувал дека федеративна соработка меѓу балканските земји е најдобро решение за благосостојба во регионот поради што во политичка смисла тежнеел кон Југославија. Бил убеден дека доколку Македонија не се приклучи кон федерацијата ќе биде распрчена меѓу соседите.

Извор уреди

Политички функции
Претходник
Љупчо Арсов
Претседател на Собранието на Македонија
1963-1967
Наследник
Мито Хаџивасилев
  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 335