Ваташа

село во Општина Кавадарци

Ваташа — село кое граничи со градот Кавадарци, во областа Тиквеш. Поради својата близина со градот, ова некогаш големо село прераснало во приградска населба, како што и официјално е означено во статутот на Општина Кавадарци.[2]

Ваташа

Панорама на село Ваташа

Ваташа во рамките на Македонија
Ваташа
Местоположба на Ваташа во Македонија
Ваташа на карта

Карта

Координати 41°25′0″N 22°7′7″E / 41.41667° СГШ; 22.11861° ИГД / 41.41667; 22.11861
Регион  Вардарски
Општина  Кавадарци
Област Тиквеш
Население 103 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1430
Повик. бр. 043
Шифра на КО 11006
Надм. вис. 295 м
Ваташа на општинската карта

Атарот на Ваташа во рамките на општината
Ваташа на Ризницата

Географија и местоположба уреди

 
Панорамски поглед на селото Ваташа со градот Кавадарци, фотографирано од црквата во изградба „Св. Архангел Михаил

Ова големо село се наоѓа во североисточниот дел од Општина Кавадарци, но селото е речиси целосно поврзано со градот Кавадарци, поради што влегува во рурбалната зона на централното место. Сместено е на самиот регионален пат кој води до висорамнината Витачево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 295 метри.[3]

Поради непосредната близина, Ваташа во текот на времето прераснала во приградска населба на градот Кавадарци.

Селото Ваташа е сместено во долината на реката Велика (Луда Мара) под самата висорамнина Витачево. Поголемиот дел од селото е сместен на левиот брег на реката. Селото е од збиен тип со издолжен изглед. Лево од реката се Долно или Оџевско, Средно или Поповско, Арсовско и Горно или Коцевско, а на десниот брег се Турско и Куричевско или Коџа-маало.[4]

Историја уреди

Ваташа е познато место уште во XIV век, а за време на османлиското владеење со Македонија (1395-1912), тоа било најголемата населба во Тиквеш. Селото било христијанско-муслиманско од полуварошки тип во турско време.[4]

Во 1817 година, во Ваташа била изградена цркватаУспение на Пресвета Богородица“.

Во 1830 година започнало да работи првото световно училиште во Тиквешијата.

Во 1838 година, со помош на македонскиот просветител Теодосиј Синаитски, селскиот учител Даскал Камче ја отворил првата печатница во Македонија, токму во Ваташа, во периодот на македонското просветителство.

 
Стреланите младинци од село Ваташа, Тиквешко. Крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година, кога биле стрелани 12 младинци.

Во 1860 година било изградено основното училиште „Даскал Камче“. Во XIX век, Ваташа било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство. Во текот на 1901 година при својата неколкунеделна посета на Кавадарци и околината, Гоце Делчев престојувал неколку денови и во Ваташа.

Во 1913 година за време на Тиквешкото востание, српските воjници стрелале 40 луѓе во Ваташа.

Во април 1941 година селото било дел од бугарската окупациска зона. Од самиот почеток, жителите на Ваташа не ја прифаќале новата власт и активно се вклучиле во народноослободителното движење. На 16 јуни 1943 година, бугарските окупаторски војници стрелале 12 младинци од селото, и тоа: Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев, како дел од Ваташкиот масакр. Во нивна чест е изграден и споменикот во близина на селото, во месноста Моклиште, а исто така, овој настан е опеан во песната на Лазар Манчевски, „Ми заплакало селото Ваташа“.[5]

Стопанство уреди

 
Куќи во Ваташа на десниот брег од реката Луда Мара

Во минатото, селаните главно се занимавале со земјоделство на свои поседи. Нивите се наоѓале под селото, на страните, а на Витачево се наоѓале пасишта. На повисоките тераси било садено лозје. Селото имало полуварошки тип и долж главниот пат од Кавадарци за Витачево се наоѓале дуќани.[4]

Како споредна активност биле дуќанџиите и трговијата. Имало разни дуќани, од бакали, до фурнаџии, касапи, кафеџии, а главно биле во посед на христијанските семејства. Исто така, во селото имало шеесетина мајстори, кои граделе по тиквешките села. Чаршијата во Ваташа особено била живната за време на среда, кога бил пазарен ден во Кавадарци.[4]

Денес, населението на Ваташа, во најголем дел, се занимава со лозарство (одгледување на винова лоза) на лозјата во околината на селото. Поради близината на Ваташа со Кавадарци, преку процес на конурбација, таа припаѓа на рурбалната зона на градот (како приградска населба) и во селото исто така се застапени и секундарните и терциерните стопански гранки, а дел од населението работи и во индустриските капацитети „ФЕНИ“, рудникот ’Ржаново, винарската визба „Тиквеш“ и други.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.490—    
19531.673+12.3%
19611.933+15.5%
19712.225+15.1%
19812.802+25.9%
ГодинаНас.±%
19913.046+8.7%
19943.120+2.4%
20023.502+12.2%
2021103−97.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ваташа имало 1.808 жители, од кои 1.142 христијани, 618 муслимани и 48 Роми.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ваташа имало 1.880 жители.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.250 Македонци.[8]

Муслиманските родови од селото во најголем дел се иселиле пред Втората светска војна, што може да се забележи и од податоците од спроведените пописи по војната.

Ваташа е голема населба, со зголемен пораст на бројот на населението. Во 1961 година, Ваташа броела 1.933 жители, од кои 1.806 биле Македонци, 92 Турци и 16 Срби, а во 1994 година населбата броела 3.120 жители, од кои 3.040 Македонци, 52 Роми, 19 Срби и 2 Турци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Ваташа имало 3.502 жители, од кои 3.224 Македонци, 13 Турци, 238 Роми, 1 Влав, 20 Срби и 6 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 103 жители, од кои 19 Македонци, 52 Роми и 32 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Ваташа:[11]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 1.490
1953 1.569 0 82 7 1 3 11 1.673
1961 1.806 1 92 16 18 1.933
1971 2.079 11 74 0 24 37 2.225
1981 2.628 3 29 6 1 29 106 2.802
1991 2.918 5 19 73 0 24 7 3.046
1994 3.040 0 2 52 0 19 7 3.120
2002 3.224 0 13 238 1 20 6 3.502
2021 19 0 0 52 0 0 0 32 103

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови уреди

Најголемиот дел од родовите во Ваташа се стари. Во Куричевско или Коџа-Маало немало муслимани; тука дошле кон почетокот на XIX век, потиснувајќи ги Куричевци, Пендевци и други родови.[4]

Како родови во Ваташа се споменуваат:[4]

  • Христијански родови:
    • Старинци: Колевци се делат на Илевци, Поп-Анѓелевци, Сапунџијовци, Хаџи-Ордановци, Шеовци и Мелачевци (24 к.); Икономовци (7 к.); Шишковци (2 к.); Мешковци-Ризевци (8 к.); Мицовци (4 к.); Крстевци (2 к.); Куричевци-Мукајетовци (10 к.); Димовци (10 к.); Оѓумовци (1 к.); Пендевци (7 к.); Мајсторовци (1 к.); Хаџи-Камчевци (2 к.); Кујунџијовци-Арсовци (10 к.); Јаревци (2 к.); Басмарковци (4 к.); Угуровци (2 к.); Газдаревци (1 к.); Бакаловци (1 к.); Касапиновци (4 к.); Митковци (2 к.); Аризановци (4 к.); Самарџијовци (1 к.); Видиќовци (2 к.); Плачковци (2 к.); Дафковци (1 к.); Пињушке (1 к.); Ќировци (2 к.); Кадревци (1 к.); Брдаревци (1 к.); Белчевци (2 к.) и Парскеовци (2 к.); Костовци се делат на Костовци, Ралевци и Коцевци (14 к.)
    • Доселеници: Грковци (2 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Сачишта „кај Јанина во Грција“ (селото впрочем е во Кожанско, Егејска Македонија). Основачот на родот (Мишо) бегајќи од зулумите на Али Паша Јанински дошол во ова село, каде се населил. Неговиот син, Андо (роден во 1808 година), учел школо кај Даскал Камче. И бил заслужен за отворање на школи во Кавадарци и Неготино, починал околу 1868 година; Минчевци (2 к.) доселени се на почетокот од XIX век од Мариово; Вачковци (2 к.) доселени се во исто време од селото Врпско во Мариово; Бакевци-Мајсторовци (5 к.) доселени се од селото Пепелиште; Пинџуровци (2 к.) доселени се од селото Смолани кај Прилеп; Темковци-Толовци-Галабовци (2 к.) доселени се од Кавадарци; Дановци (1 к.) доселени се однекаде; Парапановци-Поповци (2 к.) доселени се од селото Бојанчиште. Уште подалечно потекло од селото Полчиште во Мариово; Покрајзидовци (2 к.) доселени се од Кавадарци; Пантефци (2 к.) доселени се од селото Ресава; Пијаде (1 к.) доселени се во 1830 година од селото Марена; Велковци (1 к.) доселени се од Кавадарци. А таму од селото Бистренци; Сејменовци (3 к.) доселени се од селото Дабниште; Постоловци (2 к.) доселени се од Тетовско; Ордановци (3 к.) доселени се од Кавадарци; Гучеловци (1 к.) доселени се од Бојанчиште; Сиратке (1 к.) доселени се од Кавадарци; Бојаџијовци (1 к.) доселени се во 1860 година од Кавадарци, уште подалечно потекло од Прилепско; Дубровци (2 к.) доселени се во 1865 година од Кавадарци, а таму од Дуброво; Струмички (1 к.) потекнуваат од сираче од Струмичко; Бојовци (3 к.) доселени се околу 1870 година од Кавадарци; Трајковци (1 к.) доселени се во 1870 година од Марена; Клинчаровци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Ресава, а таму од селото Горничево кај Лерин; Матаковци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Горни Дисан; Бунарци (1 к.) доселени се од селото Бунарче; Чамевци (1 к.) доселени се од селото Бегниште; Шаткоти (1 к.) доселени се од Неготино; Мантевци (1 к.) доселени се од Неготино; Настовци (1 к.) доселени се во 1890 година од Кавадарци; Туревци (1 к.) доселени се во 1890 година од Неготино; Станковци (1 к.) доселени се во 1890 година од селото Гарниково; Роглевци (1 к.) доселени се во 1890 година од Кавадарци; Пеневци (1 к.) доселени се од Моклиште; Вртковци (1 к.) доселени се од селото Бегниште; Трајчевци (1 к.) доселени се од Кавадарци; Гросковци (1 к.) доселени се од селото Бунарче; Галабовци (1 к.) доселени се од селото Моклиште; Нерковци (1 к.) доселени се од селото Бегниште; Андонијовци (1 к.) доселени се во 1900 година од селото Бојанчиште; Дисанци (1 к.) доселени се во 1900 година од Долни Дисан; Конопишки (1 к.) доселени се во 1900 година од селото Конопиште; Велковци (2 к.) доселени се во 1900 година од селото Радња, а таму од селото Полчиште во Мариово; Ризовци (1 к.) доселени се во 1908 година од селото Бунарче; Сабатковци (1 к.) доселени се во 1913 година од селото Горни Дисан, а подалечно потекло од Долни Дисан; Чолаковци (1 к.) доселени се во 1919 година од Гарниково, а таму од велешки Азот; Ордановци (1 к.) доселени се од Кавадарци; Богевци (1 к.) доселени се од Чемерско, а таму од Ракета; Бошавци (1 к.) доселени се од Долна Бошава.
  • Муслимански родови:
    • Старинци: Оџевци (12 к.); Спајиовци-Сиџимовци (9 к.); Муѓеловци (1 к.); Мола-Даутовци (2 к.); Јашаровци-Аџемковци (5 к.); Шарковци (6 к.); Чотревци (3 к.); Журевци (3 к.); Лоскевци (3 к.); Ипчевци (5 к.); Моратовци (4 к.); Купатковци (2 к.); Хасковци (6 к.); Мола-Еминовци (5 к.); Шабановци (3 к.); Дураковци (3 к.); Пеливановци (2 к.) и Барјактаровци (1 к.); Амовци (5 к.); Неџбијовци (3 к.); Топаловци (2 к.); Хаџикаре (1 к.) и Џамбазовци (3 к.)
    • Доселеници: Суловци (1 к.) доселени се на почетокот од XIX век од Кавадарци; Нолбантиновци (3 к.) доселени се на почетокот од XIX век од Гевгелија; Јуруковци (3 к.) доселени се средината на XIX век од јуручкиот предел преку Вардар во Радовишко. По потекло се Јуруци; Синановци (1 к.) доселени се на крајот од XIX век од Кавадарци, а таму од Арнаутлук; Јунчаровци (1 к.) доселени се од Тремник; Пунтевци-Шутовци-Крчовци (1 к.) доселени се од селото Долни Дисан; Алишовци (1 к.) доселени се од селото Долни Дисан.

Во селото имало и две куќи одамна населени од Роми.[12]

Општествени установи уреди

 
Поглед на основното училиште во населбата

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кавадарци.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Ваташа, во која се наоѓале селата Бунарче и Ваташа.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Кавадарска градска општина, во која покрај селото Ваташа се наоѓале градот Кавадарци и селата Глишиќ, Марена и Сопот.

Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Кавадарци.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.

Избирачки места уреди

 
Поглед на апсидата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, видлива од главната улица
 
Главната манастирска црква „Св. Никола“ на Моклишкиот манастир

Селото е опфатено во склоп на избирачките места бр. 0691, 0692, 0693 и 0694 според Државната изборна комисија.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.424 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17][18]
Спомен-куќи
Споменици
  • Споменик на 12. ваташки младинци — споменикот се наоѓа во близина на Ваташа, неколку километри јужно од населбата, во месноста Моклиште на која е подигнат голем споменик на 12-те ваташки младинци стрелани од бугарскиот фашистички окупатор.
Излетнички места
Реки[19]
Езера

Личности уреди

 
Бистата на Блаже Џунов во Ваташа
Родени во Ваташа
Починати во Ваташа
  • Даскал Камче (?-1848) — просветител, основач на првата печатница во Македонија

Култура и спорт уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Статус на Општина Кавадарци“ (PDF). Општина Кавадарци. декември 2005. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-08-18. Посетено на 10 март 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 48. Посетено на 10 март 2018.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец. стр. 401-410. |access-date= бара |url= (help)
  5. YouTube, Ми заплакало селото Ваташа (пристапено на 5.11.2019)
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 153.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 март 2018.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  12. Во книгата наведени како „Турски Цигани“
  13. „ООУ Димката Ангелов-Габерот“. Посетено на 11 март 2018.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 март 2018.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 144. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. „Цркви во Маренската парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 23 февруари 2018.
  19. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 44. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски уреди