Васко Ташковски (Нижеполе, Битолско, 31 август 1937) — македонски сликар[1], водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот[2].

Васко Ташковски
НационалностМакедонец
Познат(а) посликар

Живот и дело уреди

Завршил средно уметничко училиште во Скопје во 1958 година, а потоа дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Освен со сликарство се занимава и со наменска сценографија за театар, телевизиски и филмски прокти, како и сценографии за разни манифестации (музички и театарски фестивали, јавни настани од областа на културата). Подолго време работел како сценограф во Македонската телевизија (1965-1991), со над 300 реализирани сценографии[2]. Работел и како илустратор на повеќе изданија. Се занимава со сликарство, сценографија, илустрација и др. Покрај сликањето во маслена техника, работи и акварел, цртежи и графика. Повремено работи и графички дизајн.

Ликовно творештво уреди

Во својот творечки опус, Васко Ташковски има повеќе циклуси составени од најразлични теми насловени како: „Екологија“, „Урбани мравјалници“, „Крајбрежни случувања“, „Пристаништа“, „Коњи“, „Корења и организми“ и други слободни мотиви. Во рамки на своето богато уметничко творештво реализирал над 750 слики во маслена техника, 2500 акварели, 1000 цртежи, над 10.000 скици и голем број графики. Неговите дела се наоѓаат во голем број приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и светот, од Македонија и Европа, до САД, Австралија и Националниот музеј на Кина во Пекинг (2005). Има остварено 50 самостојни изложби во земјата и во светот светот, меѓу кои во: Шибеник (1965), Скопје (1969, 1970, 1973, 1982, 1987, 1988, 1990, 1994, 1995, 1998, 1999, 200, 2002, 2005, 2007 и јубилејот по повод 50 години творештво во 2015 во ликовниот салон на МАНУ), Каиро (1981), Париз (1992), Анкара (1996, 1998), Њујорк (2000), Виена (2001), Цирих (1996), Крајова (1996), Битола (1969, 1983, 1988, 2001), Струмица (1970), Охрид (1988, 1996), Струга (1988, 2005), Велес (1988), Штип (2003), Белград (1977), Загреб (1977, 1989), Зрењанин (1988), Ниш (1988) итн[2]. Учествувал на повеќе групни изложби во земјата и надвор, на тематски изложби итн. По повод 50 години од првата изложба, во месец септември 2015 во ликовниот салон на МАНУ ја одржал својата изложба на 51 слика во маслена техника насловена како „Енергии во просторот“.

Книжевно творештво уреди

Ташковски е автор на две прозни дела: „Ѕуница околу пирустијата: автобиографски записи“ (2007) и „Прозни записи“ (2019). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскито краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[3]

Награди и признанија уреди

Добитник е на 17 награди и признанија, меѓу кои: „4 јули" во 1977 г., Октомвриска награда (за сликарство) во 1978 г. и др. Застапен е во прегледеи и монографии за историјата на светската уметност, а за неговото творештво се снимени 8 телевизиски филмови во продукција на Радио-телевизија Скопје, меѓу кои „Приквечерина“ (1981) по сценарио и режија на Коле Манев, „Во ателјето на Васко Ташковски“ (1983), „Пустината расте“ (1988), „Ташковски“ (1994), „Слики што го говорат човекот“ (1998) итн[2]. Избран е за дописен член на МАНУ во 1994, а потоа и за редовен член на МАНУ е избран во 1996 година.

Галерија на уметнички дела уреди

Наводи уреди

  1. Boris Petkovski (1989). Za makedonskata umetnost: (odbrani trudovi). Naša kniga.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Младеновски, Симо (2009). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1471–1472.
  3. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 65-68 и 356.