Васил Главинов

Македонски социјалист

Васил Костов Главинов (Велес, околу 1869 - Софија, 24 јануари 1929) — еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија,[1] поборник за Балканска федерација.

Васил Главинов
Роден околу 1869
Велес
Починал 24 јануари 1929
Софија

Животопис уреди

Основно образование стекнал во училиштето на Јордан Хаџи Константинов - Џинот по што го изучувал столарско-дрводелскиот занает. Во 1887 заминува на печалба во Бугарија. Социјалистичките идеи ги стекнал во софиското работничко друштво „Братство”, формирано во 1892 година.[2] Во 1893 година ја формирал самостојната македонска социјалдемократска група, со цел да ја шири социјалистичката идеологија меѓу македонските печалбари ѝ во Македонија.[1] Во Македонската работничка социјалистичка група, членувале Веле Марков, Никола Петров - Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои печалбари и револуционери.[3] Во 1894 година се вратил во Велес каде го основал „Читалиштето” кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија.[1]

Во 1895 година македонската социјалистичка група на Главинов го издава своето прво гласило, „Револуција”, а во 1898 година и весникот „Политическа свобода”. Преку овие весници се пропагирала идејата за ослободување на Македонија и нејзино оформување во независна држава.[1] Се издаваат и низа прогласи и брошури, што потоа конспиративно се префрлаат во Македонија.

Во весникот „Револуција”, во бројот 896 пишува:[3]

Македонија не припаѓа, ниту на Бугарите, ниту на Србите, ниту на Грците, а си припаѓа сама на себе
Автономисти по убедување, ние сакаме Македонија да биде за Македонците.
 
Биста на Васил Главинов во централното подрачје на Скопје.

Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите се залагаа за ослободување на Македонија. Во таа насока имаа одредени контакти со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција на 3 јули 1900 година близу Крушево дел од македонските социјалисти се вклучија во нејзините редови и активно учествуваа во револуционерното движење. На оваа одлука Главинов остро се спротивставил.

Членови на групата (но не ѝ Главинов) влегле во МРО и како борци и војводи учествувале во Илинденското востание.[1]

По промената на власта во Турција по Младотурската револуција од јули 1908 година се создадоа услови за легално дејствување на најразлични организации и партии во отоманската држава. Тоа е период во кој Главинов е многу активен. На почетокот на 1909 година станува одговорен уредник на новопокренатиот весник „Работническа искра“. Во бр. 4 (Битола, 5.11.1909) на весникот, во уводната статија „Партиите и работниците“ дава своја одлика на Народната федеративна партија:

Во декември 1909[1][3] година во Белград се одржа Првата балканска социјалдемократска конференција на која како претставници на социјалдемократските организации од Македонија учествувале Васил Главинов, Стојан Дивлев, Душан Цекиќ и Михаил Цоков. Во Солун, кон крајот на истата година се одржа конференција со цел основање на Отоманска социјалдемократска партија, но обидите завршиле со неуспех. Се залагал за формирање на слободна федеративна држава на Балканот со Македонија како нејзина членка.[2][3]

По избувнувањето на Балканските војни Главинов се враќа во Бугарија, каде што живее до крајот на својот живот. Во 1920 година учествува во формирањето на Централната емигрантска комисија при ЦК на Бугарската комунистичка партија, а потоа и на Емигранскиот комунистички сојуз. По атентатот во црквата „Света Недела“ во 1925 година е уапсен, а потоа се повлекува од јавниот живот. Во негова чест денес во Велес постои спомен куќа.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Ристовски, Блаже (2009). Македонска енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 361. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.CS1-одржување: датум и година (link)
  2. 2,0 2,1 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 129–130. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 71. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)

Литература уреди

  • Лазо Мојсов „Васил Главинов прв пропагатор на социјализмот во Македонија“, Скопје, 1949.
  • „Васил Главинов и неговото време“ (зборник, 1990)
  • Д-р Орде Ивановски - Преродбенската делотворност на социјалистичката мисла во Македонија, Скопје, 2000
  • Д-р Орде Ивановски - Работничкото и комунистичкото движење во Македонија, Скопје, 1970.

Надворешни врски уреди