Ванѓа Чашуле (9 август 1923 во Радовиш18 јули 1986 во Скопје) — македонски преведувач, историчар и публицист, како и учесник во НОБ и носител на "Партизанска споменица 1941".

Животопис уреди

Ванѓа Чашуле (моминско презиме: Стевчева) е родена на 9 август 1923 година во Радовиш. На 11-годишна возраст добила стипендија за школување во Белград, а по завршувањето на учителската школа, таа се вратила во Македонија.

Во 1941 година, таа се вклучила во движењето на отпорот како курир, пренесувајќи важни документи. Исто така, учествувала во подготовките за атентатот на озлогласениот Мане Мачков (инаку, нејзин братучед) по што била уапсена и осудена на доживотен затвор во Стара Загора, каде што била изложена на невидена тортура, но не ги предала своите соборци. За своето учество во НОБ, таа била одликувана со признанието "Партизанска споменица 1941".[1]

По ослободувањето на Македонија, таа работела како уредник во културната рубрика на весникот "Нова Македонија". Во 1961 година, веќе мајка на четири деца, дипломирала со највисок успех на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по историја, по што ја започнала кариерата на еден од највидните македонски историчари. Во средината на 1960-тите, Ванѓа Чашуле го основала Отсекот за односи со странство, каде што работела до пензионирањето во 1970 година. Ванѓа Чашуле починала на 18 јули 1986 година во Скопје и со високи почести била погребана на гробиштата Бутел, во Алејата на великаните.[2]

Творештво уреди

По завршувањето на Филозофскиот факултет во Скопје, Ванѓа Чашуле започанала да е занимава со истражување на македонската историја и за брзо време станала еден од највидните македонски историчари. Во 1965 година, таа напишала обемна биографија на Гоце Делчев под наслов "Гоце Делчев - идеолог и организатор на македонското национално-ослободително движење", која била објавена на македонски, српско-хрватски и словенечки јазик. Во 1970 година, Ванѓа Чашуле го објавила своето капитално дело "Од признавање до негирање", во кое го обработува дволичниот однос на Бугарија кон македонското прашање. За ова дело, таа ги добила највисоките државни награди, а делото било преведено на пет странски јазици.[2]

По пензионирањето, таа се посветила на преведување од шпански и португалски јазик. Најзначаните преводи на Ванѓа Чашуле ги вклучуваат:[3]

Во чест на нејзиното дело како преведувач, воспоставена е награда за литературен превод "Ванѓа Чашуле", која се доделува еднаш годишно за најуспешен превод на странско дело на македонски јазик.

Наводи уреди

  1. "Белешка за преведувачот", во: Антoлогија на бразилскиот расказ, Три, Скопје, 2012, стр. 291.
  2. 2,0 2,1 "Белешка за преведувачот", во: Антoлогија на бразилскиот расказ, Три, Скопје, 2012, стр. 291-292.
  3. "Белешка за преведувачот", во: Антoлогија на бразилскиот расказ, Три, Скопје, 2012, стр. 292.