Бучин

село во Општина Крушево, Македонија

Бучин — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.

Бучин

Сретселото

Бучин во рамките на Македонија
Бучин
Местоположба на Бучин во Македонија
Бучин на карта

Карта

Координати 41°16′26″N 21°19′00″E / 41.27389° СГШ; 21.31667° ИГД / 41.27389; 21.31667
Регион  Пелагониски
Општина  Крушево
Население 522 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7525
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16006
Надм. вис. 607 м
Слава Мала Богородица
Бучин на општинската карта

Атарот на Бучин во рамките на општината
Бучин на Ризницата

Потекло и значење на името уреди

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Бучин во XIV век (1337 г.). Се претпоставува дека доаѓа од бука (придавско образување бучје) или од личното име Бучин, кој означувал „градец кој му припаѓал на Бучин, каде што живеел Бучин“. Како друго објаснување се нуди дека доаѓа од бучин со значење „место во река каде што паѓа водата, мал водопад“.[2]

За името на селото постојат и две легенди. Првата е дека во времето кога постоело Пелагониското Море, височинката над селото Бучин била населена и ова населено место се викало Будимград. Поради тоа денес селото се вика Бучин. Втората теорија е дека по течението на Црна Река има ветер наречен „порек“ и се претпоставува дека од неговата бучава можеби местото го добило името Бучин.

Бучин отсекогаш важело за богато рамничарско село. Но, постои и една интересна анегдота. Во постаро време некоја девојка се омажила во Бучин и нејзините соселани од нејзиното родно село ѝ завидувале затоа што се омажила во Бучин и ѝ велеле „тебе ти е многу убаво, се омажи многу богато, во Бучин“, а таа саркастично им одговорила „На кого му бучи, му бучи, а на свекор ми нити му бучи нити му јачи“, сакајќи да каже дека и во Бучин се нашла сиромашно семејство и баш нејзе ѝ се погодило да се омажи во него.

Географија и местоположба уреди

 
Издвоеното Ново Маало во селото на патот кон Железник

Селото се наоѓа во Прилепското Поле и претставува своевидна раскрсница помеѓу градовите Крушево (19 км), Демир Хисар (15 км), Битола (30 км) и Прилеп (25 км). Сместено е северно од планината Древеник, на запад се наоѓа ридот Голем Камен, додека од север и исток е Пелагонија. Сместено е во крајниот јужен дел на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на општините Кривогаштани и Демир Хисар.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 607 метри. Од градот Крушево е оддалечено 15 километри.[3] Низ селото поминуваат регионалниот пат 2335, кој поврзува повеќе пелагониски села, како и регионалниот пат 2339, кој ја поврзува Пелагонија со Железник.

Бучин лежи непосредно на реката Црна при нејзиното излегување од Демирхисарската Клисура. Покрај селото поминува железничката линија Бакарно Гумно-Сопотница, која подолго време е надвор од функција. Водата за пиење мештаните ја добивале од бунари, како и од изворите Јанкоец, Неделска Вода, Кожја Чешма и други. Денес, селото поседува водовод.[4] Покрај Црна Река, која го дели селото на два дела, низ самото средиште на селото тече регулирано водно корито наречено Јаз, од кој се издвојуваат канали за наводнување на нивите со градинарски растенија. Кејот на јазот е уреден, со поплочени тротоари и современо осветлување.

 
1917 година. Црковна литија во село Бучин

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Метил, Голема Ливада, Горни и Долни Завој, Бракој Врби, Ѓорејца, Лој, Водејнчиште, Петочница, Горни Лозја, Трапишта, Долна Ограда, Певци, Средно Поле, Љутина, Кале или Пачкоец, Вртешки, Рамнина, Горна Тумба, Бука, Пејојца, Скала, Липа, Маркоа Стапалка, Козарница, Бешкои Чардаци, Широка Леска, Падина, Пештери, Уљаник, Грнчарица, Бобишта, Ветрена Воденица, Бочва, Млаки, Манастириште и Ќерим-бегова Корија.[4]

 
1917 година. Црковна свеченост во село Бучин

Селото имало збиен тип до 1938 година, кога било поделено на Горно, Томбелеско, Стрезоско, Шопоско, Чифлик и Ново Маало. Роднинските куќи се групирани во маалата. По војната, било основано Ново Маало на левиот брег на реката, со што селото станало од разбиен тип.[4] Во други извори, како маала на селото се споменуваат следниве осум маала: Горно, Вунеско, Бонечко, Стрезоско, Кическо, Буивлик, Богоеско и Малобучин.

Историја уреди

 
Стариот мост на Црна Река

Во близина на селото се наоѓа истоимената хеленистичка населба, на која биле пронајдени остатоци од градби, градежен материјал и фрагменти од керамички садови, како и бројни монети од Филип II. Се претпоставува дека оваа населба била всушност градот Алкомена.[5]

Во римско време на реката Црна е изграден Стар мост. Се претпоставува дека тука некојпат поминувал Вија Егнација. Денес, веднаш до Стариот мост се наоѓа новоизграден мост.

Во борбите помеѓу византискиот цар Андроник III и Србите околу рудоносните области во Железник во 1329/30 година, покрај „градовите” Добрун, Габаларион и Дебрица е спомнат и фрурионот Бутсинин (Бучин).[6] Траги од старини се наоѓаат на возвишението Кале или Пачкоец (842 м.), сместено јужно од селото на граница со Трновци. На возвишението има остатоци на ѕидини, а биле ископувани и бакарни и сребрени пари. Во подножјето на возвишението се наоѓал Будимград, каде се ископувале ќерамиди, монети и врчви. Во подножјето се наоѓале и подземни ходници.[4]

Селото Бучин се споменува во 1343/4 и 1344/5 година како имот, подарен на манастирот Трескавец.[6] Истата година било споменето и Таронин, заселок на Бучин, кое исто така било подарено на манастирот Трескавец.[4]

Во турските пописни дефтери од 1467/68 селото Бучин било дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) и имало 50 семејства, 1 неженет и 7 вдовици, сите христијани.[7]

Во 1544/45 и покрај бројот на христијански семејства чиј број изнесувал 78, 9 неженети и 2 вдовици, во селото живееле и 3 муслимански семејства.

Трагови од старини се наоѓаат и на Манастириште, сместено два километри северно од селото на падините. Во месноста се наоѓа чешмата Јанкоец, околу која се собираат мештаните за Ѓурѓовден.[4] Денес, во месноста се наоѓа Бучинскиот манастир „Св. Ѓорѓи“.

Во 1467 година, жителите на селото Бучин плаќале 4.872 акчиња, додека во 1544 година - 12.721 акче, како и 672 медри вино бидејќи Бучин било познато по развиено лозарство.[8]

Во минатото, селото било покосено од чума, поради што жителите побегнале во месноста Бобишта, каде што живееле некое време во колиби.[4]

Стопанство уреди

Атарот зафаќа простор од 10 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 439,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 253,4 хектари, а на шумите отпаѓаат 204,4 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постојат земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти.[3]

До 1912 година, селото главно било во поседи агите и само малкумина поседувале своја земја. Главен сопственик бил Назиф-бег од Битола, кој ја продал својата земја на некои битолски Власи Јанакија Налче и Ѓорѓе Ѓинале. Дел од земјата на Назиф-бег добил неговиот зет Ваит-бег. Во селото три чифлици држеле и Албанци од соседното демирхисарско село Света.[4]

Се споменува дека во 1910 година почнал да се произведува бучинскиот кромид. Бучинскиот кромид се произведува во големи количини и обично тешко се продава, а цената е минимална. Се одгледуваат и други градинарски култури: пиперки, домати, праз, лук, грав и други градинарски култури. Се сеат пченица, пченка, јачмен, како и други фуражни култури.

Во селото од 1912 постоела воденица на Ќурчиевци, која имала 12 камења за мелење жито. Во 1948 година, семејството купило францисова турбина која произведувала електрична енергија за целото село , сè до 1964 година кога е заменета со струјата на Електростопанство Македонија. Воденицата и понатаму дење мелела жито, а навечер произведувала струја.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948895—    
19531.002+12.0%
19611.083+8.1%
19711.184+9.3%
19811.243+5.0%
ГодинаНас.±%
1991914−26.5%
1994685−25.1%
2002738+7.7%
2021522−29.3%

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Бучин имало 470 жители, сите Македонци.[9] Според секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) од 1905 година, во Бучин имало 432 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бучин се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 71 куќа.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[12]

Селото е големо и во 1961 година броело 1.083 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 685 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Бучин живееле 738 жители, сите Македонци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 522 жители, од кои 502 Македонци, 1 Влав и 19 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 470 432 895 1.002 1.083 1.184 1.243 914 685 738 522
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Родови уреди

Бучин е македонско село.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:

  • Староседелци: Тодевци (10 к.), Вурмевци (9 к.), Аџијовци (2 к.), Аршиновци (11 к.), Богојевци (4 к.), Крчановци (3 к.), Кондовци (2 к.), Шопевци (5 к.), Солевци (4 к.), Томбелевци (3 к.), Кожевци (1 к.) и Стрезовци (13 к.), староседелски родови;
  • Доселеници: Плитаровци (2 к.), доселени се во турско време од селото Обршани, таму им се род Аџијовци; Бончани (4 к.), доселени се од селото Бонче; Пачешки (4 к.), доселени се од селото Бела Црква; Шиндовци (2 к.), доселени се во турско време од селото Единаковци, Железник; Мишевци (3 к.), доселени се од селото Трновци, го знаат следното родословие: Тодор (жив на 60 г. во 1950-тите) Лозан-Мише, кој се доселил; Торбелевци (2 к.), доселени се во турско време од селото Сладуево, Железник; Кичевци (7 к.), доселени се во турско време од некое село во Кичевско; Гаревци (14 к.), доселени се пред повеќе од 200 години од мијачкото село Гари; Шумковци (4 к.), доселени се од денес населбата Варош одма до Прилеп; Пишлевци (3 к.) и Чпирто (1 к.), доселени се од селото Крушеани; Лозановци (2 к.), доселени се од селото Загорани; Ѓурчиовци (3 к.), доселени се од селото Пресил; Беланиовци (3 к.), доселени се од селото Пашино Рувци; Сламковци (1 к.), доселени се од селото Ивањевци, таму биле род со Станковци; Сиљан (1 к.), доселени се во 1925 година од селото Бабино, Железник; Колчаковци (1 к.), доселени се од селото Врбјани, таму имаат истоимени роднини; Глуши (1 к.), доселени се после 1912 година од селото Обршани; Шарковци (1 к.), потекнуваат од домазет, и тие се доселени од селото Обршани; Стојковци (1 к.), доселени се од селото Грешница, Порече; Црвевци (3 к.) и Долгевци (1 к.), доселени се од некаде.

Иселеништво уреди

Се знае за следниве македонски родови: Бучинци (3 к.), живеат во Боротино, Измировци (2 к.) и Љачковци, живеат во Дедебалци. Има иселеници и од гранки на денешните родови, кои живеат во градовите Прилеп, Крушево, Битола, Белград и Софија.[4]

Иселувањето продолжило и во поново време и покрај иселувањето во градовите, од селото има иселеници и во Австралија, Швајцарија, Германија, Шведска и други држави во светот.

Општествени установи уреди

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Бучин било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бела Црква, во која покрај селото Бучин, се наоѓале и селата Бела Црква, Воѓани, Обршани, Пашино Рувци, Пресил и Света. Општината Бела Црква постоела и во периодот 1950-1952.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1194 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 498 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 495 гласачи.[21]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[22]
  • Во Селото — осамен наод од римско време;
  • Даб — осамен наод од римско време;
  • Кале — доцноантичка населба;
  • Манастириште — хеленистичка и римска населба; и
  • Рид — хеленистичка населба.
Цркви[23]
Манастири
  • Бучински манастир — манастир во близина на селото, сместен помеѓу двата тунела на железничката пруга Бакарно Гумно-Сопотница
Мостови

Редовни настани уреди

Слави
  • Мала Богородица (21 септември) — црковна и селска слава
  • Ѓурѓовден (6 мај) — манастирска слава, кога се одржува голема сенароден собир со гости од цела Македонија, но и од дијаспората.

Личности уреди

Родени во или по потекло од Бучин

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 85. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 46. Посетено на 14 декември 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Бучин“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 231. Text "series " ignored (help)
  6. 6,0 6,1 Микулчиќ, Иван (1996). Средновековни градови и тврдини во Македонија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 194.
  7. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 64
  8. Бучин. Корени, стебла, фиданки. Цане С. Гарески (1997). Прилеп, стр. 21
  9. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
  10. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.148-149.
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 декември 2021.
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 декември 2021.
  22. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 200. ISBN 9989-649-28-6.
  23. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди